Финансии / Банкарство

АКТИВАТА НА БАНКИТЕ РЕЧИСИ КАКО БДП НА ЦРНА ГОРА, објави Ирена Радовиќ, гувернерката на ЦБЦГ

19.12.2024

Активата на банките ја надмина сумата од седум милијарди евра, што е речиси еднакво на проценетиот бруто-домашен производ (БДП) на Црна Гора за оваа година. Капиталот на банките е зголемен за над 12 отсто, а станува збор за сума од над 914 милиони евра, објави Ирена Радовиќ, гувернерката на Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ), на годишната конференција  за медиуми.

Според неа, кредитите пораснале за 14 отсто, што е четири пати повеќе од проектираната стапка на раст на БДП, додека за 11 месеци е забележан рекорден износ на новоодобрени кредити во износ од 1,6 милијарди евра. Зголемени се и депозитите, за повеќе од пет проценти.

Стапката на солвентност на банките е 19,8 отсто, што значително го надминува законскиот минимум од осум отсто. Нивото на нефункционални кредити е 3,81 отсто од вкупните кредити, што е најниско ниво во последните 15 години.

Со цел да се подобри информираноста на граѓаните, ЦБЦГ разви мобилна апликација за споредба на понудите на потрошувачки кредити, со која граѓаните на едно место можат да најдат информации за тековните банкарски понуди и да ја изберат најповолната понуда.

Во Предлог-законот за потрошувачки кредити беше иницирано укинување на надоместоците за обработка на станбените кредити и за нивна предвремена отплата, а беше предложено и да се утврди највисока дозволена ефективна каматна стапка на потрошувачките заеми, пренесе „Инвеститор.ме“.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО