Интервјуа
Григорјан: Зајакнувањето на учеството на граѓаните на локално ниво е приоритет за УНДП
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.
Господине Григорјан. Како Агендата 2030 за одржлив развој и патот на Северна Македонија кон членство во Европската Унија влијаат и ги обликуваат приоритетите и стратегиите на Програмата за демократско управување на УНДП во земјава?
А. Григорјан: Агендата 2030, со фокус на инклузивноста, на транспарентноста и на отчетноста, е усогласена со мисијата на УНДП за зајакнување на локалното управување, на владеењето на правото и на учеството на граѓаните. Како што земјата се движи кон членство во ЕУ, усогласувањето со одредбите во ЕУ, владеењето на правото и стандардите за човекови права се од врвен приоритет. УНДП го поддржува овој процес преку подобрување на структурите на управување, промовирање дигитални јавни услуги и зајакнување на учеството на граѓаните во локалната власт.
Заедно Агендата 2030 и интеграцијата во ЕУ меѓусебно се надополнуваат и се поддржуваат при што Целите за одржлив развој и одредбите за пристапување во ЕУ се преклопуваат во огромен процент, би рекол 70 %. Улогата на УНДП е да се осигури дека овие процеси ќе бидат инклузивни и ефективни, отворајќи го патот за демократска и за просперитетна иднина за Северна Македонија.
Во октомври, Собранието ја усвои Националната развојна стратегија која ќе ја води земјава во следните две децении. Како оваа долгорочна рамка влијае врз напорите на земјава да осигури квалитетни институции и добро владеење?
А. Григорјан: Националната развојна стратегија (НРС) е клучна рамка за иднината на Северна Македонија, централен столб што ја интегрира глобалната агенда поврзана со постигнување на Целите за одржлив развој (ЦОР) и регионалната агенда − интеграција во ЕУ. Во рамките на НРС, управувањето во функција на граѓаните е еден од приоритетите. Тоа значи концепт кој промовира инклузивно, транспарентно и одговорно одлучување и квалитетна соработка меѓу локалните власти и заедниците. Преку вклучување на граѓаните, НРС има цел да создаде поодговорни и одржливи структури на управување, осигурувајќи дека политиките и услугите ги одразуваат потребите на граѓаните. Крајната цел е НРС да ја зајакне рамката на управување, доведувајќи до поефективни и правични развојни решенија и резултати за сите граѓани.
Учеството на граѓаните на локално ниво е клучен приоритет за УНДП. Може ли да објасните како УНДП го поттикнува овој ангажман и какви резултати се постигнати досега?
А. Григорјан: Зајакнувањето на учеството на граѓаните на локално ниво е приоритет за УНДП бидејќи тоа е клучно за градење инклузивно и ефективно владеење. Преку проектот „Зајакнување на општинските совети“ овозможивме форуми во заедницата во кои учествуваа над 15 000 граѓани во 54 општини, од кои 51 % се жени. Овие форуми им овозможија на граѓаните да го кажат своето мислење и да ја преземат одговорноста во одлучувањето, што резултираше со 55 проекти предводени од заедницата. Задоволни сме што ги гледаме општините како ги користат овие форуми за други иницијативи, поттикнувајќи култура на учество и на заедничка одговорност. Овој пристап го зајакнува локалното владеење, ги подобрува јавните услуги и ги овластува заедниците да го водат сопствениот развој. Во оваа насока, по повод 30 години од присуството на УНДП во Северна Македонија следната година, имаме цел да го одбележиме настанот преку ангажирање на заедниците на национално ниво и истакнување на важноста на локалниот развој и на соработката.
Корупцијата останува значаен предизвик за Северна Македонија. Како УНДП ги поддржува напорите за борба против корупцијата и кои конкретни иницијативи или проекти биле највлијателни во промовирањето на транспарентноста и на одговорноста?
А. Григорјан: УНДП соработува со Министерството за правда и со Државната комисија за антикорупција за унапредување на доброто владеење во Северна Македонија. Клучна иницијатива е нашата поддршка за првата Програма за спречување на корупцијата во јавните претпријатија, која беше усвоена од Владата. Оваа програма се однесува на ризиците од корупција во јавниот комунален сектор, зајакнување на транспарентноста и на одговорноста. Дополнително, преку проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, УНДП ја адресира антикорупцијата во локални инфраструктурни проекти. Минатата година организиравме две обуки за општинските претставници и за граѓанското општество за антикорупциски мерки во сите фази на инфраструктурни проекти. Наскоро ќе бидат објавени два прирачника за спречување на корупцијата во инфраструктурни проекти, проследени со активности за подигање на свеста за промовирање на најдобрите практики и намалување на ризиците од корупција.
Дополнително, УНДП организираше обуки за општинските советници и за претставниците од локалната самоуправа. Соработуваме и со Државниот завод за ревизија и со Бирото за јавни набавки. Некои од нашите проекти, особено оние засновани на дигитализацијата, позитивно влијаат и на спречување на корупцијата. Таков е случајот со воведувањето на платформата за е-услуги LoGeS, каде што граѓаните можат да добијат услуги со неколку кликања. Друг пример е апликацијата за систем за проценка и за наплата на данокот на имот – што резултираше со зголемување за 254 % од наплатата на даноците во една општина. Сепак, иако е постигнат напредок, има уште многу работа која е потребна за ефикасно справување со корупцијата.
Периодов се одбележува и Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените. Обединетите нации, преку сите агенции, се промотор на кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство секоја година. Кажете ни повеќе каде беа насочени активностите оваа година.
А. Григорјан: На локално ниво, темата на овогодишната кампања е насочувана кон давателите на услуги од институциите и професионалците како што се полицајци, лекари, обвинители и социјални работници. Целта е да се зајакнат нивните капацитети за соодветно и за внимателно справување со случаи на родово базирано насилство со што ќе се спречи неговото понатамошно ширење.
Главниот приоритет е да инспирира промени кон зајакнати услуги за помош на жртвите на родово базирано насилство преку лобирање меѓу институциите, локалното население, Владата и другите засегнати страни − да ги подобруваат овие услуги. Поконкретно, да се зајакне потребата од спроведување на законските обврски за отстранување на сторителот од домот, рехабилитација на сторителите и заштита на децата и на семејствата на жртвите на насилство во согласност со Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Кампањата, исто така, има цел да мобилизира сојузници, особено мажите и адолесцентите кои заземаат активен став против родово базираното насилство и фрлаат светлина врз преносот на насилството меѓу генерациите.