Интервјуа
Фетаи: Важно е да се изгради ефикасно партнерство меѓу Владата и приватниот сектор
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.
Господине Фетаи, како заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење, кои се приоритетите на вашиот ресор во наредниов период и преку кои области ќе влијаете на унапредување на демократскиот амбиент во земјава?
А. Фетаи: Со сигурност можам да потенцирам дека ресорот со кој раководам е клучен во делот на стимулирањето на позитивниот развој на земјава во неколку области, кои за нас и како Влада и како граѓани се важни во процесот на трасирање на патот до полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија.
Ако детално го разгледаме значењето на ресорот добро владеење ќе заклучиме дека опфаќа неколку области врз кои има значително влијание. Пред сè, доброто владеење значи зајакнување на капацитетите на јавната администрација и на институциите преку целосна реформа и ефикасно управување со јавната администрација со цел поголема транспарентност и одговорност на сите нивоа во овој процес.
Патот до полноправно членство во Европската Унија се фокусира на еден од најзначајните аспекти, а тоа е процесот на борба против корупцијата. Овој процес, кој трае со години, е тесно поврзан со реформите што треба да ги спроведе државава за да се усогласи со европските стандарди и вредности, а борбата против корупцијата е клучен услов. Тоа може да се оствари преку поттикнување на реформите за јакнење на правосудниот систем и создавање механизам за јавна контрола како што се независните антикорупциски тела, систем за заштита на свиркачите и поврзување на напорите на различни институции за поттикнување на интегритетот.
Воедно, со стратегиски пристап кон развојот на сите делови од економијата, вклучувајќи ги малите и средните претпријатија, ресорот може да промовира политики кои ќе доведат до економски раст кој ќе биде од корист на сите граѓани. Ова може да вклучува поволни услови за инвестиции, развој на образованието и обуки за нови вештини и усовршување на работната сила.
За мене како заменик претседател на Владата важно е да се изгради ефикасно партнерство меѓу Владата и приватниот сектор. Поддршката на иновациите и на истражувањата, како и стимулирањето на јавните инвестиции можат да донесат значајни позитивни промени во развојот на нови индустрии. Оттука значајна е ефективната имплементација на политиките што ќе ја подобрат работата на јавната администрација, на правосудството, на економијата, но и ќе создадат општествена благосостојба при што ќе се зачуваат принципите на транспарентност и на одговорност.
Корупцијата е горлив проблем во државава, а доброто владеење е многу тесно поврзано со спречување на корупцијата. Според вас, кои се чекорите кои ќе доведат до решавање на ова прашање?
А. Фетаи: Проблемот со корупцијата е еден од најголемите предизвици со кои се соочува секоја држава, а нејзиното спречување е клучно за постигнување на стабилно и на праведно владеење во државниот систем. За да се реши овој проблем потребни се комплексни и долгорочни чекори кои бараат труд, време, но и средства. Но, од она што мораме со сигурност да тргнеме е едукацијата и подигнување на свесноста на јавноста за овој горлив проблем кој е чума на 21 век. Промоцијата на етиката и на антикорупциските вредности со поддршка на медиумите ќе помогнат да се создаде култура на нула толеранција на корупцијата.
Токму затоа пред неколку дена имав можност да бидам дел од антикорупцискиот караван организиран од програмата „ Граѓаните против корупцијата” каде што потенцирав уште еднаш дека борбата против корупцијата не е само прашање на донесени закони и на административни процеси, туку бара културна трансформација која ќе ги опфати сите нивоа на општеството, нагласувајќи дека успехот во оваа битка подразбира зајакнување на институциите, едукација на граѓаните, заштита на пријавувачите на корупција и продолжување на меѓународната соработка.
Но, за процесите да имаат една заедничка целина не можеме да заборавиме дека мора да постои засилување на правната држава и работење на независноста на судството каде што ќе постои капацитет за правилно и за брзо процесуирање на случаи на корупција. Ова подразбира адекватни ресурси и обучени судии и обвинители кои ќе можат да се справат со овие случаи без надворешен притисок. Справувањето со корупцијата не може да се случи доколку не постојат јасни закони и стриктни казни за оние кои ќе бидат дел од оваа незаконска активност. А санкциите мора да бидат доволно строги за да имаат ефект на одвраќање на потенцијалните сторители.
Токму затоа сите мораме да биде свесни дека корупцијата не познава граници, па затоа е важно да се има соработка со другите земји и со меѓународни организации за борбата против корупцијата преку кои ќе имаме можност да разменуваме информации и стратегии за глобално справување со оваа појава. И, секако, да не ја заборавиме поддршката на медиумите и на граѓанските организации кои имаат важна улога во откривањето на случаи на корупција.
Сите овие чекори треба да се спроведуваат синхронизирано, но и да се почитуваат со сериозност од сите чинители во државава за да се создаде контекст кој ги отфрла корупциските практики и го промовира доброто владеење.
Како Северна Македонија може да ги зајакне односите меѓу органите на централната и на локалната власт за да обезбеди поефективно владеење, транспарентност и отчетност, особено во справувањето со регионалните разлики и поттикнувањето на инклузивен развој?
А. Фетаи: Мора да преземеме неколку стратешки мерки. Пред сè, прецизно дефинирање на надлежностите на централната и на локалната власт преку кои ќе се избегнат потенцијалниот конфликт и недоразбирањето, а со тоа ќе се овозможи ефективно распоредување на ресурсите, на одговорноста и на задачите на двете нивоа. Потребата за градење платформа за редовен дијалог и соработка меѓу централната и локалната власт е една од низата активности која мора секојдневно да се подобрува, а со тоа се става акцентот на доброто владеење, но и на меѓусебно почитување.
Преносот на некои од надлежностите и финансиските средства ќе даде поголема автономија и одговорност, а со тоа ќе покажеме дека имаме способност да создадеме соодветна децентрализација на процесите кои се од заедничко значење. Но, нема да заборавиме и нема да ги изоставиме потребите за воспоставување механизам за мониторинг и за отчетност кои ќе ни дадат поголема транспарентност во секој сегмент на работење на двете власти.
Деновиве поминаа во знак на 16 дена активизам против родово базирано насилство. На кој начин практиките на добро владеење можат да придонесат за унапредување на целите поврзани со оваа тема, на спроведување на законите, на промовирање на родовата еднаквост и на одговорност за спречување на насилство?
А. Фетаи: Практиките на добро владеење можат да имаат клучна улога во унапредување на целите поврзани со родово базирано насилство како што се: спроведување на законите, промовирање на родовата еднаквост и обезбедувањето одговорност за спречување на насилството. Оттука се подразбира потребата за правна транспарентност и ефективност, што значи дека законите против родово базирано насилство треба да бидат јасно дефинирани и спроведувани без исклучок. Затоа практиките на добро владеење вклучуваат и активно промовирање на родовата еднаквост како основна вредност во едно општество.
Токму затоа, во рамките на доброто владеење, владеењето на правото и заштитата на човековите права се клучни аспекти. Обезбедувањето одговорност за спречување на родово базирано насилство значи дека владините институции и службеници мора да бидат одговорни за имплементација на политиките и на законите кои го спречуваат овој вид насилство.
Во целина, практиките на добро владеење создаваат околина во која се почитуваат правата на граѓаните, се спроведуваат законите и се поддржуваат напорите за спречување на родово базирано насилство. Пред сè, активна и транспарентна влада, заедно со активно граѓанско општество, може да обезбедат долгорочни промени во овој критичен контекст.