Општество
Европската Унија го зазеленува Скопје со речиси 1.000 садници
16.12.2024
Утре, 17 декември 2024 година, во 14:00 часот, Делегацијата на Европската Унија заедно со канцеларијата на УНОПС, Министерството за животна средина и просторно планирање и Град Скопје ќе го одбележат завршувањето на иницијативата за урбано зазеленување со 956 садници на новоформираниот Мега парк во Скопје.
Новиот скопски Мега парк лоциран на територија на Карпош, до реката Вардар, сега е позелен со 956 дрвја обезбедени од Европската Унија во рамките на програмата „ЕУзаЧистВоздух" финансирана од ЕУ, а управувана од УНОПС. Во текот на месец ноември 2024 година во тесна соработка со Јавното претпријатие „Паркови и зеленило" беа засадени 16 различни видови садници. Оваа иницијатива е надополнување на донацијата од шест нови еколошки автобуси финансирани од ЕУ кои му беа предадени на Град Скопје минатиот месец.
Програмата „ЕУ за Чист Воздух" се погрижи и другите најголеми градови во Северна Македонија да станат позелени: имено, 946 садници беа засадени во Тетово; 1.500 во Битола и 1.815 во Куманово. Овие градови се и меѓу најпогодените од аерозагадувањето. Моќта на дрвјата е искористена за одржлива иднина на четирите градови.
Програмата „ЕУ за Чист Воздух", вредна 10 милиони евра, е утврдена во Зелениот договор на ЕУ и помага да се намали загадувањето на воздухот како сериозен еколошки проблем. Активностите се скромен придонес за заштита на животната средина и зелениот развој на Северна Македонија; сепак потребен е системски и одржлив институционален одговор.