Финансии / Банкарство

ЕИБ Глобално го именува Дамјан Сорел за шеф на Регионалниот центар за Западен Балкан

10.12.2024г.

Европската инвестициска банка (ЕИБ Глобално) го именува Дамјан Сорел за свој шеф на Регионалниот центар за Западен Балкан. Тој ја презеде должноста од Алесандро Брагонци, кој ќе ја продолжи својата кариера во седиштето на банката. Преку ова ново раководство, а заедно со своите партнери, банката ќе остане посветена на поддршката на транзицијата кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод, поттикнувајќи го усогласувањето со стандардите на ЕУ и поттикнувајќи го економскиот раст на Западен Балкан.

Дамјан Сорел ја започна својата кариера во одделот за финансирање на проекти на адвокатската фирма Linklaters LLP пред да се приклучи на правниот тим на ЕИБ којшто се фокусира на операциите во Африка, БИСА (Блискиот Исток и Северна Африка) и Азија. Во 2019 година, тој ја основаше и раководеше канцеларијата на банката во Бејрут, а во 2022 година се приклучи на тимот за финансиска инклузија како виш кредитен службеник. Тој има двојно француско и британско државјанство, дипломирал англиско право на Кралскиот колеџ во Лондон, магистрирал француско право на Универзитетот во Париз I Пантеон-Сорбона, а исто така се стекнал и со звање магистер по меѓународни односи на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева.

Потпретседателот на ЕИБ, Роберт де Грот, кој е одговорен за Западен Балкан, изјави: “Благодарение на ангажманот што целиот тим на ЕИБ го посвети на регионот, изградивме силна и влијателна позиција на теренот. Со побезбедни транспортни мрежи, модерни болници и училишта и силна поддршка за проекти од приватниот сектор особено во енергетските и иновативните сектори, уверени сме дека регионот е добро позициониран да го продолжи на својот пат на пристапување кон ЕУ и интеграција на пазарот. Со нашиот нов претставник, банката ќе продолжи со плодната соработка со сите наши партнери“.

Дамјан Сорел, новиот шефот на Регионалниот центар за Западен Балкан, изјави: „Чест ми е што ја преземам оваа позиција и ја продолжувам работата на моите претходници во помагањето на Западен Балкан да преземе одлучувачки чекори кон остварување на нивните амбиции за пристап кон ЕУ, со декарбонизирање на нивните економии, зголемување на поврзаноста и подобрување на условите за живот и бизнис. Како долгорочен партнер на регионот, банката на ЕУ постојано обезбедува финансиска и техничка поддршка за изградба на клучна инфраструктура и подобрување на оперативните капацитети. Ќе останеме на тој пат, тесно соработувајќи со Европската комисија, Инвестициската рамка за Западен Балкан и сите наши партнери“.

Регионалниот центар на ЕИБ Глобално во Белград ги поддржува активностите на банката во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Со 11 милијарди евра финансиски и технички ресурси обезбедени за регионот од 2010 година, банката одигра клучна улога во подобрувањето на поврзувањето, поттикнувањето на пазарната интеграција и распоредувањето на инфраструктурата за обновлива енергија.

ПРЕПОРАЧАНО