Општество
Социјализмот е мртов! Да живее социјализмот!
Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | 15 октомври 2024г.
Кога бев дете сè уште можеа да се сретнат старци кои живееле во Османлиското Царство. При средбата со таквите луѓе секогаш ме заплиснуваше бран на восхит зашто нив ги замислував како еден вид метузалеми или претпотопски луѓе кои, ете, се сведоци на одамнешните епохи за кои ние само можеме да читаме во историските книги. Иако не сум толку стар, денес се чувствувам како дел од таа привилегирана група која имала можност да живее во различни општествени епохи. Имено, најубавите години од животот ги минав во системот кој остана засекогаш во историјата и кој никогаш нема да се повтори – социјализмот. Меѓутоа, како што се вели во еден филм за Џејмс Бонд: „Никогаш не вели никогаш.“ Благодарение на нашата нова влада, деновиве ми се вратија сеќавањата на „старите добри времиња“ кога власта покажуваше татковска грижа за работниот народ.
Неодамна Владата со која раководи партијата која би требало да биде конзервативна (што значи десничарска) донесе одлука за ограничување на продажните цени или на трговските маржи на 73 основни производи (како може да бидат основни ако се дури 73?!) – прехранбени производи, средства за одржување на хигиената и други производи за домаќинството. Како што најави Владата, ваквите мерки ќе продолжат и во иднина при што таа ќе определува акциски кошнички приспособени според годишната сезона или според празниците (есенска, зимска, велигденска и рамазанска). Но, како што би рекле презентерите на телевизиските емисии за продажба на разни ножеви, масти, перници, средства за брзо слабеење и апарати за вежбање: „Но, тоа никако не е сè!“. Имено, намалените цени ќе важат до 31 октомври, но уште отсега Владата најави дека „ова е само почеток и дека во иднина ќе следуваат дополнителни мерки за намалување на цените на основните производи“. Во тие рамки, Владата подготвува поширок пакет на мерки за „заштита на куповната моќ на граѓаните“, кој го вклучува и новиот Закон за нефер трговски практики со кои ќе се ограничат трговските маржи на повеќе од 2 500 (не знаев дека постојат толку многу!) производи кои се дел од „проширената потрошувачка кошничка“. Со овој закон се предвидува ограничување на маржите на овие производи до 10 %.
Како секоја домаќинска влада, така и нашава работи во името на народот. Оттука премиерот ни кажа дека есенската потрошувачка кошница е определена врз основа на спроведената анкета меѓу граѓаните (аха, значи отсега ќе имаме непосредна демократија во која бабичките и дедовците од зелените пазари ќе ги предлагаат мерките на економската политика). Се разбира, целта на ваквите мерки е благородна: да им „помогне на граѓаните во справувањето со трошоците“, „да се задржи стабилноста на цените“, „да обезбеди поевтини производи и полесен пристап до најпотребните стоки“, „да ги пребродат економските предизвици во есенските месеци“ итн.
Како што реков, никако не можам да се ослободам од познатото чувство на „веќе видено“, односно сето ова (и мерките и говорот на Владата) некако премногу ме потсетува на социјализмот за кој мислев дека е одамна мртов. Но, ете, не било така: социјализмот е жив и здрав, само што денес не е повеќе во мода и никој не сака отворено да му го изговори името. Да бидат нештата пострашни, ваквите непазарни и популистички мерки не се измислица на сегашнава влада зашто и опозицијата мисли потполно исто фалејќи се дека кога таа била на власт „успеавме да ги намалиме цените на 500 основни производи“.
Оттука, кога веќе се навратив на социјализмот, ќе споменам уште една работа која ме потсетува на него: на времето, во хрватското село Кумровец имаше посебна партиска школа која беше наменета за членовите на тогашната единствена партија. Очигледно и денес е неопходно да се основа таква школа која задолжително ќе ја посетат сите политичари со цел да се запознаат со основите на пазарната економија и на демократијата. Во тој поглед, за почеток, како задолжително четиво ќе мора да ја прочитаат популарната книга на големиот американски економист Милтон Фридман „Капитализмот и слободата“ (која во една прилика најтопло им ја препорачав на сите читатели на „Економија и бизнис“). Накратко кажано, во неа Фридман објаснува две основни работи: како функционира пазарот и колку е лоша државната интервенција.
Всушност, не само Фридман, кој беше либерал од најчист вид, туку сите економисти се едногласни во ставот дека контролата на цените (заедно со царините и со субвенциите) е најлошата (најштетната) мерка на државна интервенција во економијата. Од една страна, таквата мерка претставува грубо нарушување на уставниот поредок зашто со неа владата ја ограничува слободата на приватниот сектор. Во тој поглед треба јасно да се каже дека во никој случај не е работа на владата да се зафаќа со детали, кажувајќи колку треба да чини овој или оној производ. Ваквите мерки само ги искривуваат основните функции на пазарните цени – да пренесуваат информации, да обезбедат поттик за најевтините и за најефикасните начини на производство и да определат кој колку ќе заработи. Секој студент по економија знае (или треба да знае) дека овие функции може да ги извршува само пазарот и никој друг, а особено не државата. Како што вели Фридман, државата треба само да ги утврди општите правила на играта, но не смее да биде активен учесник во играта.
Навистина, сите влади во светот редовно регулираат некои производи, но тоа се однесува само на производите во кои нема пазарна конкуренција, односно на пазарите кои се одликуваат со монопол или со олигопол. На пример, воопшто не е спорно тоа дека Владата треба да го регулира снабдувањето со електрична енергија, парното греење или телефонските услуги зашто во овие дејности има само по една или две фирми. Меѓутоа, овој аргумент воопшто не се однесува на трговијата каде што владее голема конкуренција. Така, според податоците на Заводот за статистика, во 2020 година, во секторот трговија на големо и на мало имало над 20 000, од кои убедливо најголем дел се мали фирми (со најмногу 49 вработени). Слично на тоа, според пописот од 2016 година, во Македонија имало дури 18 250 продавници од кои 6 400 биле продавници за прехранбени производи. Дека во овој сектор нема никаков проблем со конкуренцијата сведочат голите факти: во Лозово имало дури 11 продавници, во Зрновци имало 6, во Вевчани имало 13, а во Конче 11 продавници! Со други зборови, дури и во малите места има доволно продавници за да се спречи опасноста од договарање на цените и други нефер трговски практики.
Некој ќе рече дека во овој случај намерата на Владата е благородна зашто таа сака да го заштити животниот стандард на луѓето, особено на посиромашните. Се разбира дека нејзините намери се добри, но повторно ќе се повикам на Фридман кој вели: „Една од најголемите грешки е да се оценуваат владините политики и програми според нивните намери наместо според нивните резултати.“ Проблемот е во тоа што ваквите мерки создаваат многу поголема штета токму во тоа што го искривуваат пазарниот механизам, а тоа никако не смееме да го дозволиме по тридецениското мачно градење на пазарната економија. Впрочем, барем ние имаме горко искуство со деформациите што произлегуваат од отуството на пазарната економија.
А што се однесува до заштитата на потрошувачите, можам само да го кажам следново: прво, ако Владата навистина сака да им помогне на луѓето, тогаш таа може да го направи тоа на други начини. На пример, може да го намали данокот на додадена вредност и така ќе поевтинат сите тие 2 500 производи; се разбира, тоа ќе значи загуба на даночни приходи во Буџетот, но токму тоа ми е поентата – Владата сака да се грижи за потрошувачите, ама на туѓ грб, т. е. цената да ја платат фирмите. Второто решение би било уште попросто – на сите сиромашни луѓе Владата нека им подели по десет илјади денари, па тие самите ќе одлучат што да купат; се разбира, за ова владата нема пари. Најпосле, ако проблемот лежи во алчните и злобни трговци кои божем ги искористуваат потрошувачите, тогаш Владата нека направи државни продавници (не дај боже!) кои ќе продаваат производи без никаква (или ниска) маржа и така „расипаните“ трговци ќе пропаднат преку ноќ; се разбира, не е тешко да се предвиди судбината на таквите продавници кои ќе пропаднат за три месеци. Второ, ако целта е да се заштити животниот стандард, зошто мерката да важи само до 31 октомври или само за празниците? Наместо тоа, Владата нека ги замрзне цените во следните десет или педесет години (или за век и веков), па така луѓето вечно ќе имаат „пристап до основните производи“. Оттука колумнава ќе ја завршам со една изјава на Фридман: „Многу луѓе сакаат владата да ги заштити потрошувачите, но многу поизразен проблем е да се заштитат потрошувачите од владата.“