Општество

Во Прилеп одбележани 60 години од првата генерација медицински сестри - акушерки

Со заеднички час со младите генерации, матурантките од првата генерација на прилепското медицинско училиште „Ѓорче Петров“, денеска свечено прославија 60-години матура. Од 18-те први дипломирани медицински сестри-акушерки во Прилеп, на заедничкото одбележување беа две за да се присетат и да го одбележат овој голем јубилеј. Mедицинското училиште со првата генерација медицински сестри-акушерки е второ отворено во земјава, по она во Скопје.

Магда Матракоска, родена Тинтоска, е една од првата генерација акушерки во Прилеп. Вели дека спомените за почетоците во совладувањето на благородната професија-акушерка се полни со носталгија и сознание дека работела на терен по селата, ги породувала жените и никогаш немало несакани последици.

- По иницијатива на тогашните лекари, се побара во Прилеп да се отвори средно медицинско училиште, насока медицински сестри-акушерки. Ние сме првите акушерки во Припеп. По училиштето во Скопје, прилепското средно медицинско со првите 18 акушерки е второ во земјава. Се побара стручност, за родилките да бидат згрижени како што треба без опасност за нивното и здравјето на новиот живот што е најрадосен момет. Добивме големи знаења зашто од 41 пријавени, 18 завршија. Сами водевме раѓања. А дел од акушерките се распространија низ цела, тогашна Југославија и секаде во болниците беа главни сестри поради знаењата. Бевме толку храбри што работевме и по селата. Работев три години, имав 360 породувања и сите успешни. Во домашни услови. Тоа е посебна гордост, вели Матракоска.

Катерина Јакимоска, порано Арапческа, се присетува дека на свет донесувале нов живот и во најтешки услови. Со денешните услови во медицината, морало да се искористат придобивките за унапредувања на знаењата.

- Сум работела во мариовските села. Ме носеа со хеликоптер. Имав ситуации да плачам и да пораѓам. Немаше струја, ниту аспиратор за бебето. Со свеќи и ламби ја завршивме работата. Донесовме на свет нов живот. До пензионирање работев во родилната сала. На нашето одделение беше највесело. Оти се раѓаше нов живот, се присетува Јакимоска.

Матракоска е тажна што ги нема повеќето нејзини колешки, ама е среќна покрај новите генерации, зашто светот останува на младите до кои има порака.

- Сакајте си ја професијата. Работете ја со љубов. Тогаш се постигнуваат врвни резултати. И никогаш да не им се скрати насмевката на пациентите, порачува Матракоска.

Во прилепското медицинско училиште „Ѓорче Петров“ од преку 770 ученици, над 500 се во медицинските струки, а најмногу, преку 250 се медицински сестри.

- Гордост е да се присетиме на почетоците и на првите стручни лица, медицински сестри-акушерки во Прилеп. Им благодариме на нивното залагање, а ветувањето е дека обучуваме стручни кадри. За жал, голем дел од нив сакаат и заминуваат во странство. Годишно имаме барем по 10 случаи на препис на дипломите, но и во голем број се барањата - потврди за нивното стручно образование за да продолжат надвор од државата, изјави Жанета Видевска директорка на прилепското медицинско училиште „Ѓорче Петров“.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано