Финансии / Банкарство

Димитриеска-Кочоска: Даночното затајување е предизвик на сите земји

27.11.2024

Даночното затајување е предизвик присутен во сите земји, како во неразвиените, така и во развиените, затоа соработката помеѓу земјите и размената на информации е клучна во борбата со овој феномен, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели што се одржува во Парагвај.

- Даночното затајување е насекаде присутно, дури и во развиените земји, затоа поддршката им е потребна на сите, не само на земјите како мојата. Кога се зборува за даночно затајување не е важно само што ќе усвои законодавството. Многу поважна е волјата на Владата да успее во борбата со него, рече министерката.

Наведувајќи дека иако Македонија е членка на Глобалниот форум при ОЕЦД од 2011 година, тоа што сѐ уште има висок процент на економска даночна евазија, корупција, сива економија, криминал, значи дека се прави нешто погрешно.

- Овие пет месеци по преземањето на функцијата ги искористив да ги анализирам работите и забележав дека сѐ започнува со политичката волја и даночната администрација. Како пример ќе го наведам тоа дека во 2022 година до нашата даночна администрација имало 24 барања за размена на податоци, а од наша страна само 5. Тоа го покажува интересот на нашата администрација за ова прашање. Затоа приоритет на новата Влада е да се бори со корупцијата и криминалот бидејќи тоа е единствениот начин за зголемување на приходите во Буџетот. Имаме рамни и многу ниски даночни стапки и огромна сива економија, па врз основа на тоа одлучивме дека е време да се работи на намалување на сивата економија. Во таа насока, а со цел ефикасно собирање на приходите, потребно е да разменуваме информации и да ги користиме сите капацитети што ни се на располагање, истакна министерката и додаде дека даночната и царинската администрација се фокусирани на собирање на приходите и борбата со даночното затајување.

Воедно нагласи дека размената на информации е многу важна и дека таа треба да се одвива автоматски, а не по барање, особено имајќи го предвид воведувањето на глобалниот минимален данок.

Министерката учествуваше на панел-дискусија посветена на напредокот на имплементацијата на стандардите за автоматска размена на информации.

 


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО