Општество

Новиот светски поредок на Путин

Ивор Мицковски | Авторот е политиколог

Рускиот претседател Владимир Путин беше домаќин на самитот на организацијата БРИКС кој се одржа во градот Казан, инаку главниот град на мултиетничката и мултиверската Република Татарстан.
Форумот, на кој учествуваа 24 шефови на држави и на влади и 36 делегации од странски земји, Путин го смета за дел од иницијативата за создавање „нов светски поредок“ за ставање крај на доминацијата на САД и на Западот. „Ова е најважниот дипломатски настан некогаш организиран во Русија“, ќе објави Кремљ, подигрувајќи се со политиката на изолација и санкции спроведена од Западот по инвазијата на Украина.
Путин на овој начин отвора едно ново поглавје во судирот со Западот. „Меѓународните односи влегуваат во ерата на фундаментални промени и еден нов светски поредок кој ја рефлектира различноста на планетата веќе се создава околу нас. Овие процеси не може да бидат запрени“, ќе пресече Путин.
Таа е целта на Путин, неговата метафизичка, нематеријална и стратешка амбиција која, зад тенковите испратени при инвазијата на Украина, планира повторно да ја подели Европа и да го затвори долгиот поствоен мир на континентот. Идејата е да се откоренат клучните елементи на кои се потпираше институционалниот, политичкиот, дипломатскиот, нормативниот и вредносен систем и кој антагонизираните национални субјекти од целиот свет ги приморуваше на заеднички влог кон коегзистенција притоа произведувајќи гаранции за мирот, за слободата и за правото во светот.
Денеска Владимир Путин, всушност, нè предупредува дека тоа време е завршено, дека моделот кој го трансформираше светот по двете светски војни денеска е растурен и дека ќе следува една епоха на несигурност и на непознаници, еден систем без заеднички критериум на вреднување на нештата, почнувајќи од оние за доброто и злото или за мирот и војната. Една сезона на ослепена политика!
Путин долго време нè предупредуваше на оваа негова идеја и план, до степен да се запрашаме кога всушност почнува и каде води оваа постојана операција на Москва против светската рамнотежа како една исконска и вечна задача на Русија да биде принципот на контрадикција и чуварот на немирот и несогласувањето по линијата Исток-Запад, таа архајска поделба на светот која опстојува и по падот на ѕидот.
Сè започна пред 17 години на Минхенската безбедносна конференција, кога Путин го обвини унилатералниот модел на светскиот поредок: „Тоа е неприфатливо затоа што во неговата основа не постои никаков морален фундамент за модерната цивилизација и е погубен затоа што тоа е свет со еден газда, еден суверен, кој притоа се уништува себеси од внатрешноста на овој центар на сила“. Петнаесет години подоцна овие зборови на Путин се претворија во бомби, во куршуми и во инвазија на Украина, во една долга и исцрпувачка војна. Проблемот е што Путин ја антиципираше својата проповед за пропаста на Западот преку серија на крвопролевања.
Но, сега станува јасно зошто на Путин му беше прелесно да излезе од групацијата на светски сили и да ги напушти рангот и статусот кои неговата земја и ги заслужува меѓу светските големи земји. Целта му беше да се презентира како ексклузивен креатор на еден алтернативен модел, како архитект на нов светски поредок, способен да создаде поинаков систем кој ќе им го понуди на незападните земји како вистинска конзервативна, еманципаторска и автономна револуција, револуција чија цел е да ја промени оската на светот, преместувајќи ја кон Истокот, со сите придружни промени во логиката, во вредностите и во хиерархијата што би следувале.
Операцијата на Путин се потпира на 4 клучни столбови. Првиот е создавањето на мултиполарен свет каде што Западот повеќе не би имал одлучувачка контрола над меѓународните динамики. Потоа следува отфрлањето на западната хегемонија. Третиот столб е преминот на рамнотежата кон Истокот, со алтернативните големи цивилизации од онаа евроамериканската, како што се евроазиската, исламската и кинеската, кои би требало да го преземат светот функционирајќи како засебни и автономни геополитички блокови во заеднички сојуз. Конечно, тука е и мисионерската и универзална улога на Русија, која му се нуди на остатокот од незападниот свет како револуционерна „постлиберална и конзервативна сила“, насочена против нихилизмот, отфрлањето на традицијата, против глобализацијата и отвореното општество.
Една нова есенцијална држава − ненационална, туку империјална, спасоносна и есхатолошка − како што ја нарекува филозофот Александар Дугин. Последниот браник на спасот, новата и вечна арка.
Така размислуваа Путин и неговите догматици и идеолози. Се разбира, клучната пречка за оваа визија на рускиот цар се состои во издржливоста на демократијата, во нејзиниот капацитет да биде форма, суштина и правило, институција и метод, но и јавна етика, граѓански дух, универзална аспирација. Нападот на Путин е против самата суштина на демократијата, на нејзината природа, онаму каде што е есенцијална, а тоа е либералниот принцип. Токму тој принцип е нападнат кога Путин се стреми да ја одвои формата и експресијата на демократијата од нејзините либерални вредности, прикажувајќи ја како празна школка, неартикулирана и инертна.
Затоа во литургијата на Путин тајмингот денес е комплетно точен и веднаш по кулминацијата на либерализмот, некаде околу 1991 година, оттогаш тој имплодира и денеска се распаѓа без способност да раководи со економско-финансиската, со здравствената, со политичката, со трудовата или со претставничката криза на Западот.
Од таа причина Путин тргнува во напад, со цел да го разоткрие идеолошкиот аспект на либерализмот, но и аспектот на моќ, политичкиот, воениот и стратешкиот момент, надевајќи се така дека одново ќе ја испише историјата и ќе ја исправи историската грешка од падот на СССР за отпосле да ги изманипулира и рамнотежата и светскиот поредок на историјата меѓу Западот и Истокот од крајот на 20 век.
Засега во практична смисла, освен крвавата војна во Украина и „големиот политички театар“ преку БРИКС, малку што друго има да понуди Путин во насока на своите замисли за „нов светски поредок“. Декларацијата од Казан, финалниот документ од Самитот на БРИКС е токму тоа, многу повеќе обична декларација на намери одошто некаков суштински и договорен документ.
Со други зборови, во планот на Путин веќе постојат неколку цигли, но тоа што недостасува е цементот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано