Општество
ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА КАКО АЛАТКА ЗА ПОМОШ НА ПРЕВЕДУВАЧОТ, одржана 12-тата годишна конференција на Здружението на преведувачи и толкувачи
16.11.2024
Вештачката интелигенција треба да се гледа како алатка која може да му помогне на преведувачот, а не како закана која би можела да го замени преведувачот во целост. Но, да не се користат резултатите од вештачката интелигенција без проверка и некритички, бидејќи резултатите сè уште содржат грешки, а особено не се препорачува да се користи во наставниот процес без насоки и надзор од наставник. Ова е заклучокот од денешната 12-тата годишна конференција на Здружението на преведувачи и толкувачи на Северна Македонија, која се одржа во Скопје.
Конференцијата започна со воведно обраќање на претседателката на ЗПРМ, Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, а потоа продолжи со излагањата на д-р Костадин Мишев, (Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство) кој зборуваше на тема „Иднината на преведувањето - надополнување на човечката експертиза со вештачката интелигенција“, Андријана Павлова (Институт за македонски јазик) која зборуваше за „Создавање специјализирани GPT-модели и нивната примена во преведувачката дејнoст“. Никола Трајков од компанијата Things Solver презентираше какo е креиран и какo рабoти MKLLM-7B - open source јазичниот мoдел за македoнски јазик.
На конференцијата се препорача да се најдат начини како овие јазични модели да се искористат за промоција на македонскиот јазик особено меѓу помладите.
Во попладневниот дел од конференцијата се одржа панел дискусија на тема „Справувањето со странцизмите при преведувањето“ модерирана од Огнена Никуљска (ЗПРМ), професор и реномиран книжевен преведувач. Панелисти беа Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ – Скопје, Татјана Ефтимоска, професорка по македонски јазик и лекторка, професорите од Филолошкиот факултет Радица Никодиновска и Исмет Османи, како и претставниците од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Лидија Тантуровска и Борче Арсов.
Во рамките на дискусијата панелистите ги наведоа своите ставови во однос на прифаќањето на странцизмите во различни ситуации и контексти. Секако новите технологии наметнуваат потреба од изнаоѓање на нови термини особено за новите концепти и поими. Но, доколку се јави потреба од воведување на нови зборови, тие треба да се прилагодат на зборообразувачките правила на македонскиот јазик. Потенцијалот на македонскиот збообразувачки систем е голем и треба да се искористи за да се дојде до преводни еквиваленти кои се прифатливи за сите, а се сепак во духот на македонскиот јазик.
Професорот Мартиноски даде осврт на дилемите при препејување на поезија, професорката Никодиновска повеќе се осврна на пренесувањето на личните имиња во книжевни текстови. Татјана Ефтимоска го сподели својот став дека не треба да покажуваме отпор кон новите зборови кои го збогатуваат јазикот бидејќи речникот на еден јазик е најтолерантното нешто и треба да ги поздравиме сите нови зборови кои го збогатуваат јазикот. Борче Арсов се наврати на улогата на лекторот особено во однос на лекторирање на книжевни дела, но и посочи на инертноста на корисниците на јазикот кои некритички преземаат туѓи зборови и фразеологизми.
Исто така се заклучи дека ЗПРМ и Институтот за македонски јазик треба да излезат со иницијатива за формирање на јазично одделение во Институтот кое ќе биде во директна комуникација со преведувачите и со стручните лица од различни профили и ќе понуди превод на термини поврзани со новата технологија.
Извор МИА
фото ЗПРМ