Финансии / Банкарство
Димитриеска-Кочоска: Растот од 3,7 отсто во 2025 е темелен на реални инвестиции
01.11.2024
Стапката на раст ја темелиме на реални инвестиции, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, ветувајќи реална реализација на планираните 50 милијарди денари за капитални инвестиции со Предлог-буџетот за 2025 година, што денеска ќе биде доставен до Собранието.
- Буџетот вклучува 50 милијарди денари, односно 830-40 милиони евра за капитални инвестиции. Коридорите 8 и 10 Д, каде министерот репреговара во насока на тоа да имаме реална реализација, се еден од приоритетите, исто така и општините, а приоритет се и проектите за финансирање на енергетска ефикасност, за олеснување на трговија и транспорт во Западен Балкан, изјави Димитриеска Кочоска по брифингот со медиумите.
Коментирајќи ги сомнежите во однос на остварувањето на процентот на БДП од 3,7 проценти министерката потенцира дека реалните инвестиции во годините наназад не изнесувале повеќе од 15 милијарди денари.
- За споредба, во 2025 година такви работи нема. Трансфери за ЕСМ нема, трансфери во однос на одредени јавни претпријатија се предвидени, но во многу помал износ или се пренасочени на други ставки, а не да ги „билдаме“ капиталните, што значи дека она што го гледате како 50 милијарди денари се реални инвестиции, рече Димитриеска Кочоска.
Според неа, проектите за изградбата на автопатот Скопје-Блаце и Кичево-Букојчани покажуваат дека во минатото немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции.
При проектирањето на Буџетот, имало големи барања од страна на министерствата, а доколку биле вклучени сите барања посочи дека буџетскиот дефицитот ќе изнесувал 13,5 проценти односно над две милијарди евра.
Министерката информираше дека има 3,5 милијарди денари за зголемување на ставката на плати, 2 милијарди зголемување во блок дотации, кои се за образование повеќе, во делот на Фондот за здравство зголемување од 5,2 милијарди денари, кои треба да ги обезбедат дополнително платите на здравствените работници и плус на тоа има бафер од 2 милијарди денари во функции на држава, средства коишто ќе можеме да ги спуштиме откако ќе знаеме што е постигнато и договорено на Социо-економскиот совет којшто го предводи министерот за економија.
Планирани се 15 милијарди денари зголемување на ставката на пензии, уште 2 милијарди денари зголемување кон Фондот за здравствео осигурување по овој основ. Тоа се средства коишто како растат пензиите така треба како процент да се зголемуваат и кон Фондот за здравствено осигурување. Кај социјалните трансфери има околу 500 милиони денари зголемување во однос на ребалансот на Буџетот, а од проектите коишто треба да ги воспостави Министерството за социјала, министерката за финансии рече дека очекува со воведување на единствен регистар за податоци да има правилно искористување на средствата наменети за социјална помош.
Владата на седница во вторникот го усвои Предлог буџетот за 2025, со проектирани приходи во вредност од 5,8 милијарди евра и расходите 6,5 милијарди евра. По доставувањето во Собранието, следува 10-дневна расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет. Буџетскиот дефицит е проектиран на четири проценти, а инфлацијата 2,2 проценти.
Извор МИА