Општество
Европратеници лобираат за укинување на промената на сметање на времето
26.10.2024
Од ноќеска во три часот по полноќ почнува зимското сметање на времето со кое стрелките од часовникот ќе се вратат еден час назад.
Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.
Освен кај нас, зимското сметање на времето го применуваат и поголем дел од државите на европскиот континент, освен Исланд, Русија и Белорусија. Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година, но, Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука.
Сезонското менување на времето, освен во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент
Членови на Европскиот парламент повикаа да се укине промената на сметање на времето во писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое ДПА имала увид.
Часовниците во Европа треба да се вратат за еден час назад во текот на ноќта од сабота кон недела.
Во писмото се вели дека сегашниот систем е застарен и оти укинувањето на промената на времето, исто така, се усогласува со посветеноста на Европската унија за поедноставување, намалување на непотребните оптоварувања на граѓаните и олеснување на секојдневниот живот во 27-те земји-членки.
Повеќе од 60 пратеници од различни земји и фракции го потпишаа писмото. Тие бараат од комисијата навремено да го реши проблемот.
Во 2018 година, Европската комисија спроведе анкета меѓу граѓаните на Европа за ова прашање. Вкупно 84 отсто јасно мнозинство во нерепрезентативната студија се спротивстави на промената на времето.
Тогашниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер последователно најави укинување на промената на времето подоцна истата година. Сепак, пред тоа да биде официјално потврдено, земјите од ЕУ мора да се договорат дали сакаат трајно да го прифатат летното или зимското сметање на времето.
Со оглед на тоа што нема договор, прашањето е во мирување со години. Унгарија нема да го покрене ова прашање за време на нејзиното тековно претседавање со Европскиот совет, изјавија нејзини претставници за ДПА.
Oвaa недела наутро, на 27 октомври, почнува зимското сметање на времето, при што стрелките се поместуваат еден час наназад. Со ова, луѓето „добиваат“ 60 минути повеќе за спиење, но и порано ќе се стемнува во вечерните часови поради приближувањето на зимската краткоденица.
Идејата за воведување зимско и летно сметање на времето се појавила во 18 век, но е спроведена многу подоцна. Тоа прв го предложил американскиот државник и научник Бенџамин Френклин во 1784 година. Во своето писмо објавено во „Журнал де Париз“, тој предложил „да се сочуваат свеќите навечер и луѓето да се разбудат порано наутро“, кога веќе е дење. Неговата замисла тогаш била сфатена како шега.
Концептот на зимско - летно сметање на времето е ставен на посериозна јавна дискусија во 1907 година. Англичанецот Вилијам Вилет - инаку градежник, објавил памфлет со наслов „Трошењето на дневната светлина“ во којшто се залага за усвојување на летно сметање на времето, за максимално искористување на Сончевата светлина и помала потрошувачката на енергија.
Германија е првата земја што вовела летно сметање на времето во 1916 година - за време на Првата светска војна. Целта била да се заштеди јагленот, како основа на воената индустрија. Обединетото Кралство и другите евроатлантски земји потоа го следеле примерот.
Значи, летното сметање на времето е воведено за да се искористи максимумот од дневните часови во потоплите месеци. Се напушта наесен заради прилагодување на природните смени на светлина и темнина.
На нашето поднебје, сезонското сметање на времето првпат се применува во 1983 година, во тогашна СР Македонија, како дел од СФР Југославија.
Извор МИА