Анализи

Климатските промени − предизвици за економијата и за економските политики

Економија и бизнис | печатено издание | 01 октомври 2024г.

Климатските и еколошките промени се критични глобални предизвици со далекусежни ефекти врз економиите и пазарите на трудот. Република Македонија е изложена на неколку климатски непогоди од кои некои континуирано ја зголемуваат својата фреквенција и големина. Како мала земја без излез на море, таа се соочува со слични климатски услови како и другите земји на Балканскиот Полуостров.
Како што може да се види од графиконот со број 1 врз основа на историските податоци презентирани од страна на Светската банка, најголем ризик за Македонија се поплавите проследени со екстремно високите температури. Најкатастрофалната поплава во Македонија од стекнувањето на независноста во 1991 година се случи во 1995 година и предизвика штета од околу 400 милиони американски долари. Неодамна поплавите во 2004 година погодија над 100 000 луѓе. Поплавата во 2018 година во регионот на Скопје однесе 22 жртви, а повеќе од 1 000 луѓе беа евакуирани.
Наодите од истражувањето на Светската банка се потврдени од истражувањето направено од страна на Центарот за климатолошки промени во Македонија, поддржан од Владата на Шведска. Како што може да се види на графиконот со број 2, повеќето од регистрираните катастрофи во Македонија за периодот 2005 − 2022 година се пожари проследени со поплави.
Во однос на пријавената, проценета штета, за жал нема податоци за најголемиот број регистрирани природни катастрофи. Од вкупниот број на записи (1 763 за периодот 2005 − 2023 година), 1 427 или 81 % не го вклучуваат износот на штетата. Од регистрираните податоци за штетата, вкупниот износ на штета за анализираниот период 2005 − 2023 година е 5,1 милијарда денари или 83 милиони евра. Покрај материјалниот дел, Македонија претрпела и големи штети во смисла на уништување и на деградација на шумите. Податоците од Глобал форест воч (Global Forest Watch) покажуваат дека од 2001 до 2023 година Македонија изгубила 48,0 хектари дрвја, што е еквивалентно на намалување на дрвјата од 6,1 % во однос на 2000 година, што претставува значителна загуба.
Македонија е 32. најзагадена земја во светот според индексот за квалитет на воздухот, мерен од АКАИР (AQAIR). Во 2023 година, просечната концентрација на PM2,5 во Македонија била 5 пати поголема од годишната референтна вредност на СЗО со што Македонија е втора најзагадена земја во Европа по Босна и Херцеговина.
Постојат неколку меѓународно користени индикатори поврзани со загадувањето. Еден таков извор, Нашиот свет во податоци (Our world in data), покажува дека емисиите на стаклена градина во Република Македонија во 2022 година изнесувале 8,58 милиони тони или 4,1 тон по глава на жител (76 % е карбон диоксид, 19 % е метан и азотен оксид е 5 %). Во Европа, просечните емисии на стаклена градина изнесувале 6,8 тони по глава на жител. Секторската анализа на загадувањето покажува дека најголем дел од загадувањето (36 %) е произведено од секторот електрична енергија и греење, проследен со секторите транспорт и земјоделство.

Какви климатските промени влијаат врз економијата?
Влијанијата на климатските промени се особено релевантни за инфраструктурата и за високоградбата земајќи го предвид нивниот долг животен век и нивната висока почетна цена, а се ранливи на климатските промени поради нивниот дизајн (ниска отпорност на бури) или локацијата (на пр. во области подложни на поплави, на лизгање на земјиштето, на лавини).
Се очекува климатските промени да ја намалат побарувачката за греење и силно да ја зголемат побарувачката за енергија за ладење, што дополнително може да ја влоши побарувачката на електрична енергија во лето.
Климатските промени веќе имаат и ќе продолжат да имаат значително негативно влијание врз земјоделство во текот на 21 век поради зголемената топлина, сушата, поплавите, штетниците, болестите и намаленото здравје на почвите. Се очекува натамошно зголемување на загубите во земјоделското производство во смисла на пониски приноси, како и намалување на погодни површини за одгледување култури. Економските последици од климатските промени за регионите каде што е важен туризмот, исто така, ќе бидат значителни со проектирано значајно намалување на снежната покривка, што негативно ќе се одразат на индустријата за зимски спортови во многу региони.
Што презема Република Македонија за намалување на последиците од климатските промени?
Република Северна Македонија ја ратификуваше Париската спогодба во ноември 2017 година со заложба за намалување на емисиите на CO2 од согорување на фосилни горива за 30 %. Дополнително државава презема активности за намалување на емисиите на стакленички гасови и ограничување на глобалното затоплување. Во 2022 година, земјава го усвои Националниот план за енергија и клима, како и други планови и стратегии, но сè уште има ограничен напредок во спроведувањето зелени политики, што резултира со лош квалитет на воздухот, ограничено управување со отпадот и со отпадните води и ниска употреба на обновливи извори на енергија (ММФ, 2022).
Во документот „Економска реформска програма“ 2024 − 2026, кој го доставува Република Македонија секоја година до Европската комисија, се наведува дека македонската економија се карактеризира со голема зависност од увоз на енергија, висок енергетски интензитет, застарени производствени системи, континуирано потпирање на високозагадувачки јаглен и неефикасна употреба на енергија. Европската комисија смета дека стратешката рамка за транзицијата кон зелена енергија е добро развиена, но напредокот во имплементацијата е недоволен.
Процесот на декрбонизација како и транзицијата кон економија на чиста енергија бара значителни инвестиции во енергетската инфраструктура. Според владиниот инвестициски план 2021 − 2027 година, Владата очекува да се инвестираат вкупно 3,1 милијарда евра во енергетскиот сектор, најмногу во обновливите извори на енергија (ЕБОР, 2021). Ова е во согласност со Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ и со Зелената агенда за Западен Балкан.
Сето ова упатува на потребна огромна сериозност при конципирање на економските политики во следниов период, пред сè поради фактот што климатските промени ќе предизвикаат сериозни поместувања на пазарите, на структурата на економијата, како и на пазарот на труд. Владата мора да преземе мерки согласно дефинираните приоритети уште со подготовката на буџетот за 2025 година, како и да спроведува подолгорочно планирање на активностите за намалување на негативните ефекти од климатските промени со цел да се постигнат поставените цели, но и да се обезбеди правична транзиција.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано