Општество

Процесот на европска интеграција е ѓаволски комплексен

Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања

Европската Унија е еден од најкомплексните системи во поновата историја, кој неподелено во глобални рамки се смета за најуспешниот мировен проект во пишаната историја на човештвото. Проект кој ја освои и Нобеловата награда за мир, воспостави систем на вредности и на механизми за владеење на правото за пример, безбедност на своите граници и сигурност за своите граѓани. Економски моќната индустрија која со својата технолошка супериорност и високи стандарди, како и високото ниво на конкурентска способност, со леснотија го освојуваше светскиот пазар или барем беше на исто рамниште со најмоќните (САД) и креираше финансиска подлога за социјален просперитет што сите сакаа да го копираат во своите држави или пак сакаа да ѝ се придружат на Унијата како нејзини членки, се разбира оние држави кои гравитираат географски кон ЕУ.
Како и сите земји од нашиот регион, без исклучок, и ние, Македонија, сме едни од оние упорни аспиранти за полноправно членство. Тоа е така не зашто тоа е единствената можност за нас, туку едноставно затоа што секоја и малку посериозна анализа ќе нè донесе до истиот резултат: во догледно време наша оптимално најдобра опција, која може на државата да ѝ донесе просперитет, на економијата раст, а на граѓаните чувство на безбедност и на сигурност, е полноправното членство во Европската Унија. Акцентот го ставам на „во догледно време“ бидејќи секоја генерација ги носи политичките одлуки за стратешките правци на државата во своето време и во целост ја носи политичката одговарност за нив пренесувајќи ги резултатите на следните генерации. Можеби следните генерации ќе функционираат во друга околина, со други можности, но да оставиме тие да ги носат нивните одлуки со товарите во нивното време. Да имаме самодоверба во самите нас во нашето време, но да имаме и доверба во следните генерации.
Целата моја долга професионална кариера во македонската администрација го застапувам овој став, а и денеска уште поцврсто од кога било досега. Причини има многу и за нив сум пишувал на страниците на ова списание подетално во многу наврати. Одлуките се составен дел на секојдневието на политичките елити кои ја имаат честа, добиена од граѓаните на демократски избори, да управуваат со државните институции, со националните финансии и со природните ресурси.
Оние периоди од нашата понова историја кога одлуките се носени во интерес на остварувањето на нашите стратешки цели, независно од политичките идеологии кои доминирале во дадениот момент, државата се приближувала кон евроатлантските структури и станувала нејзин интегриран дел, додека оние моменти кога донесените политички одлуки отстапуваат од стратешките цели, државата паѓа во внатрешнополитички кризи и меѓуетнички триења кои нè оддалечуваат од целта на нашата генерација во нашето време. Борбата против организираниот криминал и корупцијата се константа која се пренесува како цел од секоја влада на следната, но засега во нашата три и пол децениска историја ниедна влада не успеала да победи во оваа битка. Тоа не значи дека нашите очекувања, како граѓани и гласачи, се намалиле, туку напротив, тие стануваат сè поголеми, а резултатите од таа битка стануваат одлучувачки фактор при секои следни избори независно за какви избори станува збор.
Сепак, клучно е во шумата на одлуки кои треба да ги донесе Владата или секојдневно е должна да ги носи да не го изгуби од вид стратешкиот правец, да не ги истроши ресурсите, човечки, финансиски, природни, кои ги нема на располагање во изобилие, само на локални потреби, туку да вложи и во стратешки, државни, долгорочни проекти на чиј темел следните генерации ќе можат да си ги носат полесно своите одлуки.
Ако сите посериозни политички чинители во земјава се сложни дека нашата крајна цел е полноправно членство во Европската Унија и ако тоа е автопатот по кој сакаме и понатаму да се движиме, потребно е да почнеме повнимателно да ги читаме и знаците на автопатот и хоризонталната и вертикалната сигнализација. Предусловите за движење по патот секако дека ги исполнуваме. Прво, заокружена државност, делинеирани и демаркирани граници, комплексен политички систем кој ја одразува мултиетничноста и мултиконфесионалноста, но со малку напор, со компроимис и со добра волја, сосема пристојно функционален. Второ, државни институции со сите атрибути и потреба од зголемен капацитет, но кои можат да се носат со пристапните преговори преку вклучување на сите општествени чинители и пред сè младите кои можат да креираат синергија и здрава подлога за брзи преговори. Трето, географска позиција без излез на море, но во центарот на Балканскиот Полуостров, кои некои ја сметаат за неповолна, додека за некои, пак, во кои спаѓам и јас, дека е географски потенцијал кој нуди простор за политичка факторизиција од пошироки размери имајќи ги предвид безбедносните предизвици како последица на агресијата на Русија над Украина и притисокот на источното крило на НАТО. И четврто, имаме чисто досие во упорната имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација веќе две децении, која го приближи нашето законодавство и нашата економија до тие на Унијата, на исто или во некои сектори и понапредно ниво од оние земји кои се понапред во пристапните преговори од нас. Да заклучам, предусловите за движење по автопатат кон ЕУ ги исполнуваме.
Но, сега малку за читањето на сигнализацијата на автопатот, која патем ја определува и брзината со која можеме или треба да се движиме. Оваа 2024 година е по многу нешта карактеристична. Тргнавме со изборите во Европскиот парламент, кој покажуваат свртување на ЕУ кон десно, и тоа кон поекстремните евроскептични политички сили. Алармот е вклучен и потребни се длабоки реформи во рамките на Унијата за подобрување на нејзината ефикасност и брзина на одлучување, вклучително и во делот на политиките на проширување.
Следуваше изборот на генералниот секретар на НАТО, кој доаѓа од Холандија, земја членка на ЕУ, но која има силни и длабоки врски и со САД и со ОК, евроатлантските партнери на ЕУ. Веќе сме длабоко навлезени во дефинирањето на целите на Унијата (Стратешката агенда на ЕУ 2024 − 2029), како и структурата и функционалноста на новата Европска комисија по изборот на старо-новиот претседател на ЕК, Урсула вон дер Лејен, и нејзините Политички насоки за ЕК за периодот 2024 − 2029 година. Процесот на предлагање на комесари од сите земји членки и распределбата на портфолијата со кои тие ќе бидат задолжени е сè уште во тек, но и сега е веќе јасно дека Комисијата и нејзиниот претседател ќе бидат исклучително моќни и ќе влијаат на политиките не само на ЕУ туку и пооделно на секоја од земјите членки. Новата Комисија ќе ја црпи моќта од своите надлежности кои се сè поголеми и во делот на економијата и во делот на одбраната, но моќта ќе се црпи и од буџетот на ЕУ кој ќе надмине 2 трилиони евра за периодот 2028 − 2034 година (сегашниот 2021 − 2027 година е веќе 1,7 трилиони евра).
Повеќе од извесно е дека во наредниот циклус 2024 − 2029 година, Европската комисија на чело со ВДЛ ќе има круцијална улога. Прво, во обезбедувањето на сигурноста на своите членки, вклучително и односите во рамките на НАТО, продлабочување на односите со САД и со ОК, но и дефинирање на политиките спрема Кина и особено спрема Русија. Второ, во заштитата на основните вредности на кои почива Унијата, вклучително и заштитата на основните човекови права, политиките за азил и за миграција, заштитата на правата на малцинствата и односот спрема конфликтот во Израел/Палестина. И трето, во реализацијата на Стратегијата за економска сигурност на Унијата и подигнувањето на нивото на нејзината конкурентска способност заради зачувување на економско-финансискиот потенцијал кој е неопходен за натамошен просперитет на нејзините граѓани. Извештаите на Енрико Лета за иднината на единствениот европски пазар и особено на Марио Драги за зголемувањето на конкурентската способност на Унијата ќе бидат во фокусот на интересот на новата комисија и ќе го диктираат темпото на реформите во Унијата и во сите земји членки.
Во делот кој нас примарно нè интересира, иако е погрешно да се занемарат сите реформски зафати на новата комисија, работите се движат со голема брзина (знаците на патот). ВДЛ во својот говор на Бледскиот форум (2 септември) јасно стави до знаење дека процесот на проширување ќе биде во центарот на нејзината политика, споредувајќи го времето во кое живееме со тоа од 1989 година и падот на Берлинскиот ѕид. Зарем е потребен појасен сигнал од овој за историската важност? Таа исто така се определи за посебен комесар во својот тим кој ќе работи само на процесот на проширување. Уште еден сигнал дека време за чекање нема и дека е потребно да се приклучиме во процесот на преговори што е можно побрзо. Црна Гора влезе во завршната фаза од преговорите, односно во период кога ги затвора сите поглавја, Србија отвора нов кластер, Албанија го отвора првиот клатер за фундаментални вредности и се одвојува од нас, а Молдавија настојува да фати приклучок со првата група со силна поддршка од неколку земји членки. Втората група ја сочинуваат БиХ (која има силна поддршка од Хрватска), Украина (која брзо ќе ги заврши билатералните скрининзи), Грузија (која е замрзаната во моментов поради повреда на основните вредности на ЕУ) и Косово (чија апликација за членство сè уште не е ставена на дневен ред за одлучување).
Македонија во моментов е меѓу двете групи, со можност лесно да ѝ се приклучи на првата група земји (Црна Гора, Србија, Албанија, Молдавија) каде што и припаѓа по сите параметри, односно со исполнети политички критериуми, освен одредницата за уставни измени, исполнети правни услови со највисоко ниво на усогласеност на националното право со тоа на ЕУ и исполнети економски критериуми за статус на функционална пазарна економија.
Новата влада направи успешна транзиција при дефинирањето на Реформската агенда за периодот 2024 − 2027 година, но сега е неопходно да се воспостави механизмот кој ќе биде способен да апсорбира по околу 300 милини евра годишно, што не е нималку лесна и едноставна работа. Следува неопходната транзиција на структурата за пристапни преговори каде што веќе се именувани главен преговарач и заменик на главниот преговарач, но сега треба итно да се воспостави и да профункционира целата преговарачка структура која ќе вклучи меѓу 800 и 1 200 експерти од сите државни институции, која треба да продолжи со анализа на сите кластерски скрининг извештаи, подготовка на сите одредници за отворање на кластерите и потоа на преговарачките позиции по кластери.
Дефинирањето на одлуките е релативно лесна работа, но нивното спроведување кое зависи од квалитетот и од компетентноста на луѓето е ѓаволски комплексна работа и на ниво на Европската Унија, но и на наше национално ниво.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано