Општество

Нова војна на Блискиот Исток

Ако Израел копнено го нападне Либан, импликациите ќе бидат многу поголеми отколку оние кои ги гледаме во уште незавршениот судир со Хамас.


Израел го започна својот најсмртоносен бран воздушни напади врз милицијата Хезболах, поврзана со Иран, од 2006 година.

Нападите, фокусирани на Јужен и на Источен Либан, почнаа минатата недела и во нив беа погодени 1 300 цели на Хезболах.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го опиша како превентивен напад чија цел е да се елиминира оружјето на Хезболах.
„За оние кои сè уште не разбираат, сакам да ја разјаснам политиката на Израел – не чекаме закана, туку ја спречуваме. Секаде, на кој било фронт, во секое време. Ги елиминираме нивните високи личности, ги елиминираме терористите, ги елиминираме проектилите и не запираме“, рече Нетанјаху.
Израелскиот премиер додаде и дека:
„Кој ќе се обиде да ни наштети, ние го удираме уште посилно. Ветив дека ќе го промениме безбедносниот баланс, односот на силите на север – и тоа го правиме. Ние уништуваме илјадници проектили и ракети насочени кон Израел, кон градови и граѓани. Пред нас се сложени денови. Барам две работи од вас, граѓани на Израел: прво, следете ги упатствата на командата на домашната стража бидејќи тоа спасува животи, и второ, застанете заедно со решителност, со одговорност и, се разбира, со трпение“, рече Нетанјаху.
Во меѓувреме од Пентагон потврдија дека САД испраќаат дополнителни трупи на Блискиот Исток.
Портпаролот на Министерството за одбрана на Америка, генерал-мајорот Пет Рајдер, не даде детали за тоа колку дополнителни сили ќе бидат испратени или кои ќе бидат нивните задачи. Во моментов САД имаат околу 40 000 војници во регионот.
„Поради непредвидливата природа на тековниот конфликт меѓу Хезболах и Израел, како и неодамнешните експлозии низ Либан, вклучително и Бејрут, Амбасадата на САД ги повикува американските граѓани да го напуштат Либан додека сè уште се достапни комерцијалните опции“, предупредија од Стејт департментот.

ПРЕДУПРЕДУВАЊА ОД СИТЕ СТРАНИ
Воената ескалација не е во интерес на Израел, предупреди портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, по неколкудневните ескалации на тензиите на Блискиот Исток.
„Ние не мислиме дека ескалацијата на овој воен конфликт е во нивен интерес“, рече тој на телевизијата Еј-би-си, уверувајќи дека САД го споделуваат тој став директно со своите израелски партнери.
Портпаролот рече дека сè уште постои „можност“ за „дипломатско решение“ на конфликтот. „Тоа е она на што работиме“, додаде тој, без да наведе детали.
Оваа ескалација „секако не е во интерес на сите оние луѓе кои премиерот Нетанјаху вели дека сака да ги врати дома“, предупреди портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
Европската Унија е крајно загрижена од ескалацијата во Либан по петочните напади во Бејрут, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел. Тој повика на „прекин на огнот по должина на сината линија, како и во Газа“. Сината линија ги одвои либанските вооружени сили од оние на Израел од 2000 година.
Цивилното население плаќа висока цена бидејќи денеска продолжуваат „жестоките борби“ и во Израел и во Либан, додаде претставникот на ЕУ.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами исто така повика на „итен прекин на огнот“ меѓу Израел и Хезболах, соочен со „загрижувачка ескалација“ на ситуацијата.
„Во последниве денови видовме загрижувачка ескалација меѓу Израел и либанската група Хезболах.“
„Нашата порака до сите страни е јасна: потребен е итен прекин на огнот за да се постигне политичко решение“, рече Дејвид Лами на конференцијата на Лабуристичката партија во Ливерпул.
Новите израелски напади врз Либан ќе предизвикаат војната да се прошири на целиот регион, предупреди турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Неодамнешните напади врз Либан и неодамнешните изјави на Израел се јасна манифестација на напорите за ширење на војната во регионот“, рече Ердоган посочувајќи дека мирот во регионот е загрозен од геноцидот што го спроведува Израел во палестинските земји, особено во Газa, пренесе агенцијата „Анадолија“.
Говорејќи на настан организиран од Турско-американскиот национален управен комитет (TASC) во Њујорк, Ердоган рече дека глобалните институции и организации не презеле никакви ефективни чекори за да се стави крај на „угнетувањето во Газа или да се спречи масакрот извршен од Израел“.

ХРОНОЛОГИЈА НА КОНФЛИКТОТ
А сè започна со спектакуларниот напад со пејџери и со воки-токи радиоуреди врз оперативците на движењето Хезболах. Овој удар врз илјадници луѓе наеднаш веројатно е една од најдобро испланирани и најдобро изведените разузнавачки акции во целокупната историја воопшто.
И доаѓа токму во моментот кога Хезболах (палестинските движење на југот на земјата) е речиси целосно поразен по повеќе од шестмесечни борби.
Израелците знаат дека сега е моментот да се удри и врз Хезболах, програмската милиција која го контролира западниот брег на реката Јордан, територија која е во срцето на современата еврејска држава. Ако Израел успее и ова да го изведе успешно, тогаш во само една година ќе им нанесе ненадоместливи удари на своите два најголеми непријатели.
Сепак, борбите со Хезболах нема да бидат толку едноставни како оние со Хамас. Самата структура на оваа организација е многу покомплексна и помасовна во однос на нивните браќа по оружје од југот. Фактот што зад нив директно стои цела една држава како Либан, плус Иран во заднина, ги прави борбите со Хезболах голем предизвик дури и за моќната израелска армија.
Но, очигледно израелскиот премиер Нетанјаху (кој паралелно на војната води битка и за својата политичка кожа) е свесен дека вакви можности нема многу во историјата и дека Израел ако сака да биде безбеден во деценијата што следува мора сега силно да удри.
Во прилог му одат и ставовите на новиот ирански претседател кој барем декларативно се залага за нормализација на односите со Израел.
Но, сето ова е само теоретски. Во пракса можно е Израел да заглави во повеќегодишен воен судир кој ќе ги исцрпи нивните ограничени ресурси и наместо безбедност да донесе егзистенцијална опасност за целокупното постоење на оваа безбедносно најзагрозена држава во светот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано