Анализи
СЕКТОРСКА АНАЛИЗА НА ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА КАКО НАЈГОЛЕМ ТРГОВСКИ ПАРТНЕР НА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ПРЕСРЕТ НА БИЗНИС-ФОРУМОТ ВО РАМКИТЕ НА БЕРЛИНСКИОТ ПРОЦЕС
Подготвено од КИФ - www.wb6cif.eu | www.investinsee.com
Економија и бизнис | печатено издание | 15 септември 2024г.
Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан (КИФ ЗБ6), со поддршка на Европската комисија, а во соработка со шесте комори од регионот, започна со Програмата за техничка помош наменета за малите и за средните претпријатија од шесте економии од ЗБ6. Целта на Програмата е соодветна подготовка на МСП од регионот за влез на европските и на светските пазари со фокус на Германија и на Италија.
Со оглед на фактот што Германија е еден од најзначајните економски и трговски партнери на земјите од Западен Балкан, а дел од компаниите кои учествуваат во Програмата за техничка помош ќе учествуваат на бизнис-форумот и на деновите на доставувачи во рамките на Берлинскиот процес, на 24 септември во Берлин, во продолжение ќе понудиме детален осврт на германската економија со посебен акцент на металната и на автомобилската индустрија, како и на земјоделскиот и на прехранбениот сектор.
Според економскиот извештај на Светска банка од 2023 година, Германија е трета по големина економија во светот по САД и Кина и прва најголема економија во Европската Унија. БДП по глава на жител минатата година беше околу 49 000 евра, што ја рангира Германија меѓу земјите со високи приходи и една од најатрактивните дестинации за нерезиденти, со атрактивни услови за живот. Учеството на извозот во БДП на земјата е околу 40 %, додека показателот за отвореност на економијата надмина 70 %. Индустриското производство во последните три години е негативно со сè поголема тенденција на пад од година во година, а падот во преработувачкиот сектор е уште поизразен и во 2023 година изнесува 1,7 %. Стапката на невработеност во Германија е околу 3,0 %, што со мали годишни флуктуации претставува константна вредност, додека просечната бруто-плата во 2023 година изнесувала околу 4 200 евра.
Според обемот на надворешно-трговската размена, Германија е на третото место на глобалниот пазар со вкупно 3,0 илјади милијарди евра, веднаш зад САД и Кина и е една од ретките земји кои остваруваат суфицит во надворешната трговија. Во 2023 година, во вкупниот светски извоз Германија учествува со 7,3 %, додека овој показател на увозната страна достигна 6,2 %.
Ако се погледне структурата на германскиот извоз може да се види дека најголеми извозни производи се возилата, нуклеарните реактори и електричните машини, односно финалните производи со високо ниво на додадена вредност кои сочинуваат практично 50 % од вкупниот извоз во 2023 г.
Распределбата на најважните трговски партнери е значително фрагментирана, а најголеми партнери се САД, Кина и Велика Британија, но и земјите од еврозоната како Холандија, Полска и Италија.
Преглед на надворешно-трговската размена на Германија во периодот 2017-2023 година (во милијади евра)
Металопреработувачка и автомобилска индустрија
Металната индустрија на Германија е исклучително важна, имајќи предвид дека автомобилската индустрија е генератор на економски и на технолошки развој во Германија, а металниот сектор е најважната алка во вертикалниот синџир на снабдување.
Вкупната надворешно-трговска размена на металниот сектор на Германија во 2023 година изнесува околу 394 милијарди евра со речиси идентични вредности на извозот и на увозот, додека вкупниот приход од производството на основни метали во 2022 година достигна 157 милијарди евра. Германија е најголемиот производител на челик во Европската Унија и меѓу првите 10 земји најголеми производители во светот.
Автомобилскиот сектор во Германија претставува двигател на економскиот развој на Европската Унија и еден од најважните сектори кога станува збор за директно влијание врз глобалниот БДП.
Вкупната надворешно-трговска размена на автомобилската индустрија на Германија во 2023 година достигна 830 милијарди евра, што е 28 % од вкупната размена на национално ниво. Извозот на германскиот автомобилски сектор во претходната година изнесуваше 504 милијарди евра (32 % од вкупниот извоз), додека увозот достигна 326 милијарди евра (24 % од вкупниот увоз) и следствено остварениот суфицит е најголем во последните пет години и изнесува 178 милијарди евра. Германија е најголемиот производител на автомобили во Европа, која до кризата во 2020 година произведуваше околу 6 милиони патнички моторни возила годишно со најразвиена мрежа на доставувачи во светот. Автомобилската индустрија на Германија директно вработува повеќе од 830 илјади работници и влијае на создадената вредност на БДП на земјата за околу 5 %. Германија е земја која годишно издвојува околу 50 милијарди евра за инвестиции во: истражување и развој, иновации, дигитализација и други современи технологии, што е неопходен услов за да се одржи долгорочната стратегија на лидерот на светскиот пазар.
Земјоделски и прехранбен сектор
Вкупната надворешно-трговска размена на земјоделскиот и на прехранбениот сектор на Германија во 2023 година изнесува 214 милијарди евра, со остварени извозни и увозни вредности од 97, односно 117 милијарди евра и забележан дефицит од околу 20 милијарди евра.
Бројот на вработени кои работат на земјоделските фарми низ Германија во 2023 година достигна 554 илјади, што е за 44 илјади помалку од 2013 година, а вкупната вредност на земјоделското производство во 2023 година изнесува 49,6 милијарди евра, што е на просечното ниво од последните 10 години.
Во структурата на вкупниот извоз на германската економија, набљудуваните сектори сочинуваат 53 % од вкупниот извоз на земјата во 2023 година, со изразен доминантен придонес на автомобилскиот сектор (32 % од вкупниот извоз).
Ако се погледне увозната структура може да се заклучи дека увозот во автомобилскиот сектор е на највисоко ниво во 2023 година и дека изнесува 24 отсто од вкупниот увоз во земјата. Учеството на увозот на металниот сектор е на стабилно ниво и во сите набљудувани години сочинува околу 15 % од вкупниот увоз, додека придонесот на земјоделскиот сектор е едноцифрен и изнесува околу 8 до 9 % во секоја набљудувана година.
Секторска анализа на земјите од Западен Балкан
Регионот на Западен Балкан забележа пораст на економската активност, мерено со реална стапка на раст на БДП од 2,6 % во 2023 година, додека вкупната размена достигна 124 милијарди евра, што е намалување за 1,8 % во однос на претходната година.
Учеството на автомобилската индустрија во извозот на регионот на Западен Балкан во 2023 година се зголеми на 29,3 %, со остварен вкупен извоз од 14,6 милијарди евра, што е раст од 17,8 % во однос на претходната година. Од друга страна, увозот е помал и изнесува 13,7 милијарди евра и следствено, остварениот суфицит изнесува 0,9 милијарди евра.
Секторот кој покажува значителни флуктуации во годишниот извоз на регионот секако е металниот сектор, чие учество во вкупниот извоз варира 17 − 26 % со вкупен извоз од 8,4 милијарди евра во 2023 година, што е намалување за 35,3 % во однос на претходната година. Увозот е значително поголем и изнесува 14,2 милијарди евра, а како резултат на тоа остварениот дефицит изнесува 5,8 милијарди евра.
Земјоделството и прехранбената индустрија сочинуваат значителен дел од вкупниот БДП на одделни земји (повеќе од 8 %), што е значително над просекот на ЕУ, кој е концентриран на производи со повисок степен на додадена вредност. Во извозната структура на Западен Балкан, земјоделските производи се на стабилно годишно ниво од околу 14 %. Вкупниот извоз на земјоделски производи на економиите од Западен Балкан во 2023 година изнесува 6,7 милијарди евра, што е раст од 4,6 % во однос на претходната година. Од друга страна, увозот е значително поголем и изнесува 9,2 милијарди евра.