Општество
Зошто Ердоган се одлучи за БРИКС?!
Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 15 септември 2024г.
Портпаролот на АКП, партијата на претседателот Ердоган, Омар Челик потврди дека Турција побарала да стане дел од БРИКС Плус, економско-политичкиот сојуз основан од Бразил, од Индија, од Русија и од Кина, кој се проширува и на други земји кои се во конфликт или негуваат дух на опозиција и алтернатива од Западот. Овој чекор – според Блумберг – доаѓа во време на одредени тензии во турско-западните односи, особено поради бавниот напредок во преговорите на Анкара за пристапување во Европската Унија.
Пред неколку месеци Турција поднесе официјална апликација за влез во БРИКС, што е показател за геополитичките промени на кои сведочи светот. Блумберг вели дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата влада гледаат дека центарот на геополитичката гравитација постепено се оддалечува од напредните економии и кон економиите во развој како оние во БРИКС.
Формалното барање би се разгледувало веќе на следниот самит во Русија, кој ќе се одржи во октомври месец, и за кој Владимир Путин му предложил на кинескиот колега Шји Џјинпинг да имаат одвоена билатерална средба. Доколку барањето биде прифатено, тогаш Турција би била прва НАТО-членка − и тоа членка од прв ранг барем според бројноста на својата војска, втора само зад САД − која би остварила пакт на приближување со Кина и со Русија.
Намерата на Турција да се приклучи на сојузот потекнува уште од Самитот на БРИКС во Јоханесбург во 2018 година, каде што Анкара учествуваше како набљудувач. Оттука веста пренесена од Блумберг не доаѓа како вистинско изненадување, туку како своевидно забрзување на еден процес кој трае од поодамна. БРИКС Плус има особена привлечност кај силите од среден ранг кои сакаат да добијат на релевантност како: Египет, Саудиска Арабија, Иран, и последно, Турција на Ердоган. Барањето на Турција се придодава на оние на уште триесетина земји кои се наоѓаат на листата за чекање.
Подеднакво не изненадува фактот дека Ердоган со стратешки интерес од поодамна е во потрага по нов геополитички барицентар, особено кај новите развиени економии кои сè почесто се наоѓаат на азискиот континент. Тоа го потврдуваат и изјавите на Ердоган според кого: „Турција може да стане силна, просперитетна, престижна и ефикасна земја само доколку ги подобрува своите односи со Западот и со Истокот во исто време и дека секој поинаков метод од овој наместо да ѝ биде од корист може само да ѝ наштети на Турција.“
Се разбира, доколку влезот на Анкара во БРИКС навистина се случи, тоа ќе има серија на бивалетни геополитички последици за Турција. Првично, затоа што врските меѓу Москва и Анкара веќе се тема за дискусија во рамките на Алијансата. Иако БРИКС е, пред сè, економски сојуз за разлика од НАТО, геополитичките траектории одамна се променети и економијата е станата интегрален дел од безбедносните и од стратешките политики, што значи дека со евентуалниот влез во БРИКС севкупните односи на Турција со Западот не може, а да не претрпат последици. Не треба да се заборави и дека турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан е еден од најголемите поборници за поблиски односи со Кина.
Се разбира, според повеќето турски аналитичари барањето на Анкара не треба да се поистоветува со оддалечување на Турција од НАТО и нејзините односи со Западот и Европа, кои барем од трговски аспект се партнери без кои Турција не може. Ердоган е експерт кога станува збор за играње на две маси и седење на две столчиња, нешто што е детерминирано и од географската позиција и што ја прави природна ситуацијата да се договора со двете страни, во секоја околност. Како пример можеме да ја наведеме ситуацијата со војната во Украина, каде што Анкара се наметна како посредник постигнувајќи и некои добри резултати во корист на Украина, притоа никогаш не заземајќи некаква непоправлива про или контра позиција кон Путин. Според аналитичарите, Ердоган со овој потег само ги зајакнува своите дипломатски инвестиции, обложувајќи се на еден поширок блок од сојузници, отколку само на еден единствен.
Политичките и економските односи на Анкара со Кина и со Русија се мошне цврсти и стабилни. Анкара и Пекинг имаат заеднички воспоставено интензивна соработка во клучните сектори како што се енергетиката, трговијата и воената соработка. Во 2022 година, директните странски кинески инвестиции во Турција ја достигнаа сумата од 1,7 милијарди долари, клучна инјекција за смирување на последиците од девалвацијата на турската лира која пред 2 години го достигна историскиот минимум од 33 лири за долар. Меѓу новите иницијативи особено значење би имала одлуката на кинескиот автомобилски производител БЈД да инвестира 1 милијарда долари во нова фабрика во Турција, која би произведувала 150 илјади електрични и хибридни возила годишно. Вредно е да се спомене дека Турција на Ердоган прва пристапи кон кинеската „Пат и појас“ иницијатива уште во 2015 година.
Во полето на енергетиката треба да се спомене и новиот проект за трета по ред нуклеарна централа која би се изградила во Источна Тракија, нешто што физиолошки ќе произведе нови тензии со САД кои ги санкционираат турските компании кои ја помагаат Русија. Во Турција веќе е во изградба нова нуклеарна централа од страна на руската Росатом, нешто што секако ќе има рамификации и врз договорот за жито и врз енергетското досие, имајќи предвид дека Русија гради нова поморска база во Либија каде токму Ердоган е новиот поглавар.
Тоа што е недискутабилно е дека одлуката на Ердоган ќе значи своевидно оддалечување од Европа и удар врз западното влијание. НАТО во последниве години го оствари проширувањето кон Шведска и Финска, но сега Турција одбира една поинаква екипа со која ќе прави трговски и банкарски сојузи и, нормално, ќе носи поинакви одлуки. Одлуката на Турција е најиндикативна во фактот дека Ердоган ја смета за опаѓачка геополитичката централност на Западот. Или поради честите тензии со НАТО-сојузниците или поради веќе потонатите амбиции за членство во ЕУ, Турција на Ердоган одлучува да истражи нови сојузи и да пронајде нови пријатели. Се разбира, на штета на Европа, на НАТО и на целиот западен глобален поредок.