Општество

Формирана Фондацијата за заштита на Охрид и Преспа - ЗАШТИТАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕЗЕРА Е НАША ЗАЕДНИЧКА ГРИЖА

автор: Митко Јовановски | новинар во Економија и бизнис

Економија и бизнис | печатено издание | 01 октомври 2024г.

Дваесетина активисти, ентузијасти и вљубеници на природата во септември ја формираа Фондацијата за заштита на Охрид и Преспа, која ќе биде посветена на идејата за зачувувањето на слатководните води кои претставуваат природна реткост во Македонија и во Европа. На основачкото собрание кое се одржа во „Александар палас“ во Скопје, со свои дискусии учествуваа претседателот на Фондацијата Венци Ќурчиски, деканот на Градежниот факултет Горан Марковски, директорот на Хидробиолошкиот завод − Охрид Орхидеја Тасевска, Гоце Костовски од Хидробиолошкиот завод – Охрид и други присутни гости. Пораката која беше испратена од оваа јавна промоција на Фондацијата беше дека заштитата на Охридското и на Преспанското Езеро треба да биде долгорочна и заедничка грижа за сите граѓани и институции во Македонија, но борбата за зачувување на водите на нашите две езера треба да се води првенствено со примена науката и со подигање на свеста на граѓаните.
Целите на Фондацијата се однесуваат на неколку главни точки:
– Менување на свеста и на односот на сите генерации кон двете езера.
– Обезбедување средства за работа и за научни проекти од Хидробиолошкиот завод – Охрид и од Природноматематичкиот факултет во заштитата на слатките води.
– Намалување на користењето на пестициди посебно во Преспанскиот Регион.
– Воведување на еколошка регулатива за населените места во сливните подрачја.
– Обновување на колекторскиот систем и на пумпните станици во Охрид и проширување на мрежата за собирање на комуналните и на атмосферските води.
– Подигање на еколошката свест кај луѓето со спроведување на едукативни програми за најмладите и за старите лица.
– Акции за чистење на животната средина, организирање научни симпозиуми и прибирање на донации.



 ПРЕД НАС СЕ СЛУЧУВА ДЕГРАДАЦИЈАТА НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

Венци Ќурчиски, претседател на Фондацијата за заштита на Охрид и Преспа

Пред пандемијата прочитав вест која ме стаписа, а се однесуваше на моето омилено место од детството, за тоа дека во водата пред мојата Трпејца има фекалии. Тоа беше  пресудно за мене веднаш да се ангажирам. Преку мои пријатели остварив средба со директорот на Хидробиолошкиот завод во Охрид. Видов дека времето застанало во оваа институција која следната година ќе прославува 90 години работа. Базените за мрестење на пастрмките и на другите видови риба беа празни. Некогаш Охридското Езеро се порибуваше со 20 милиони икри од овој Завод, во последниве шест години нема „пуштено“ ниедно рипче. Рибниот фонд во езерото се уништува неповратно, иако ловот на пастрмката е забранет. Во Заводот нема подмладок кој ќе продолжи со научната работа. Ако се продолжи со оваа „политика“ на невработување, научната работа во Заводот целосно ќе замре. Сето ова ни се случува пред нашите очи и на бреговите на Охридското Езеро кое, според бројот на ендемските видови, е на четврто место во светот по Бајкалското, Тангањика и Малави, а прво во Европа. Деградацијата на водите од страната на човекот е голема. Колекторскиот систем кој е граден во едно друго време не е доволен за да ги задоволи потребите на населението. Очигледно имаме голем и сериозен проблем со трајната заштита на Охридското Езеро. 



 

ИТНО НИ Е ПОТРЕБНО ДЕФИНИРАЊЕ ПЛАН ЗА ЗАШТИТА НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

Орхидеја Тасевска, научен советник, директор на ЈНУ Хидробиолошки завод − Охрид

За жал, брзиот технолошки развој, современиот начин на живот и краткорочниот економски бенефит оставаат далекусежни последици и врз овој слатководен ресурс. Сите антропогени влијанија ги забрзуваат процесите на деградација на езерото, а меѓу нив се: забрзаната еутрофикација поради интензивното земјоделство во Охридско-преспанскиот Регион, отпадните води, дивите депонии; засилената урбанизација и уништување на хабитати; варирања во нивото на водата; масовен и неконтролиран развој на туризмот, зголемена фреквенција на пловни објекти; прекумерен риболов; внесување на алохтони видови и сè поизразениот ефект на климатските промени. Итното дефинирање на тело и на план за управување со ова заштитено подрачје треба да се базира на научни резултати и на сознанија добиени преку соодветен, континуиран мониторинг изведуван од релевантни институции како што е Хидробиолошкиот завод во Охрид. Мора да бидат обезбедени средства за потполна и за ефикасна функционалност на колекторскиот систем, решавање на проблемите со одлагање на цврстиот отпад, обезбедување на софистициран систем за регулација на истекот на реката Црн Дрим која се користи за производство на електрична енергија, донесување на соодветни урбанистички планови, изготвување на соодветна стратегија за одржлив туризам, изработка на катастар на пловни објекти... Овде мора да се истакне дека е потребна и сериозна соработка со соседна Албанија по однос на хармонизација на легислативите за заштита на Охридското Езеро и неговиот жив свет, но и одржлив развој на регионот.



 

ЗАШТИТАТА Е ДОЛГ ПРОЦЕС И ТОА НЕ ТРЕБА ДА НÈ ДЕСТИМУЛИРА

Горан Марковски, декан на Градежен факултет во Скопје

Водата е најскапиот ресурс. Богатството кое го имаме со Преспанското и со Охридското Езеро е реткост на вака мала територија. Но, тоа не знаеме да го цениме. Оттаму е идејата за формирање на вакво Здружение и желбата на Градежниот факултет да ги стави на располагање сите свои ресурси и целото свое знаење за да помогнеме во заштитата и подобрување на состојбата на двете езера. Отпадот што го произведуваме треба да го сведеме на минимум. Треба да ги користиме постојните објекти и да ги обновуваме наместо да ги уриваме. Со уривањето создаваме шут кој завршува и во езерото. Произведувајќи нови количини бетон и градежни материјали го загадуваме воздухот. Ова се светски трендови во градежништвото и мора да се приклучиме кон нив, во спротивно ќе бидеме подрачје кое ќе биде познато по својата загаденост. Овие процеси траат долго, но тоа не смее да нè дестимулира затоа што е важно да го фатиме вистинскиот правец и тоа треба да биде континуиран процес на подобрување на условите. Единствен начин за тоа е користење на науката, односно на научните сознанија.



 

 

ПРЕПОРАЧАНО