Вести
БАЛКАНОТ ПОД ОБИЛНИ ВРНЕЖИ: Невремето ја „потопи" Албанија, во Тетово поплавени повеќе куќи, во БиХ вонредна состојба
04.10.2024
Невремето, проследено до обилни и интензивни врнежи, силен ветер, електрични празнења, речиси целосно ја „парализира" Албанија.
Улиците во градови, пред се Тирана, Валона, Лежа, Љушња, Булќиза, се под вода чија висина е до 50 сантиметри.
Во Тирана ветерот откорнал големи дрвја, за што фотографија објави градоначалникот Ерион Велиај, со апел до граѓаните без неопходна потреба да не излегуваат од домовите. Во случај на птреба да се јават на телефонскиот број 112 или на апликацијат „МојаТирана".
Поради невремето приморскиот град Валона е без електрична енергија, како и други делови во земјата.
Поради големите бранови забрането е испловување на сите видови пловни објекти долж целото крајбрежје.
Државната полиција и Агенцијата за државни патишта апелираат на посебна внимателност, по патиштата, пред се во планинските подрачја поради одрони и ерозии.
Посебна внимателност, со строго почитување на патната сигнализација, се препорачува и на автопатот Патот на Арбр (Руга е Арбрит), кој Тирана ја поврзува со преминот Блато на албанско-македонската граница кај Дебар, кого на големо го користат и македонски граѓани.
Утрово катастрофални поплави зафатија голем дел од Босна и Херцеговина. Според најновите информации, бројот на жртвите е најмалку 20, а потрагата по исчезнати лица се уште трае. Најпогодени се општините Кисељак, Фојница, Јабланица, Коњиќ и Крешево.
Владата на БиХ прогласи состојба на природна катастрофа поради поплавите и свлечиштата што погодија дел од Федерацијата Босна и Херцеговина – Јабланица, Коњиќ, Кисељак, Фојница, Крешево и други места.
Ова денеска го соопшти вицепремиерот Војин Мијатовиќ на вонредна прес-конференција на Владата на ФБиХ во Сараево.
Интензивен дожд во Тетово и околината попладнево и вечерва поплави повеќе „критични точки“ во Тетово, на кои има проблеми при секои поголеми врнежи, објавија вечерва повеќе медиуми во земјата.
Извор/фото МИА