Интервјуа

НА ШАХОВСКАТА ТАБЛА УСПЕАВ ДА ГИ ПОМЕСТАМ ГРАНИЦИТЕ НА „ВОЗМОЖНОТО“

Разговор со ТОНИ ЛАЗОВ, освојувачот на сребрен медал во шах на олимпијадата во Унгарија

28.09.2024г

Интернационален мајстор во шах, завршил Економски факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент. Хоби му е рекреативно возење велосипед, пинг-понг, читање книги. Невработен и се занимава исклучиво со шах, како играч, но и држи часови како тренер. Ова е личната карта на Тони Лазов, освојувачот на сребрен медал на втората табла на Шаховската Олимпијада во Будимпешта, со што го привлече вниманието на македонската јавност и граѓаните. Животот го поминува во Неготино од каде што како дете ги направил првите шаховски потези.  Како надежен млад шахист продолжува да се натпреварува на повеќе натревари како член на најтрофејниот Шаховски клуб „Алкалоид“. Со него разговаравме за најголемиот успех во шаховската кариера, но и како актуелен национален првак во Македонија.



Освоивте сребрен медал на втората табла се придруживте на колегите од ШК „Алкалоид", кои имаат остварено медали на трета и четврта табла. Што значи за Вас овој резултат и како ја оценувате конкуренцијата на Олимпијадата во Унгарија?

- Ова е исклучителен и историски успех за мене и мојата фамилија, гордост за градот Неготино од кој потекнувам, за Македонија а секако и за клубот „Алкалоид“. Ова претставува сон на буквално секој шахист и сум супер радосен што успеав да ги поместам границите на "возможното". Конкуренцијата беше исклучително јака и успеав позади мене на табелата да  оставам многу звучни светски имиња. Дополнително, сметам дека додава на вредност фактот што овој сребрен медал е освоен според критериум "Перформанс" и е на доста високата втора табла.

Во вашиот матичен клуб „Алкалоид" членувате од деветгодишна возраст. Кога за прв пат дознавте за шахот и што беше пресудно да продолжите да ги откривате тајните на оваа древна игра? Какви можности нуди клубот за развој на шаховската игра во Македонија?

- Правилата на играта ги научив од мојот дедо на 7 годишна возраст, па како и секое дете љубопитноста ме влечеше да продолжам да играм и да се натпреварувам. Се појавуваа и нови дружења и пријателства, но секако се развиваа и ривалства. Конкретно мојот матичен клуб „Алкалоид“, нуди можности за зачленување и тренинзи на деца до 18 годишна возраст од најразлични нивоа, па може буквално да се почне од тотално почетничко ниво каде што искусните тренери ќе почнат да ги водат децата кон повисоко ниво, па потоа друг тренер ги превзема и процесот продолжува. Но, најважни се индивидуалните подготовки и тие да бидат секојдневни и континуирани тренинзии.

За шахот се потребни многу познавања и време за тренинг за разработување на различни стратегии во играта. Колку време поминувате во активно играње на шахот и како тоа влијае на Вашите приватни и професионални обврски?

- Самите настапи на турнири траат барем една недела, а на големи настани како олимпијадата и две недели, што е реално долг период само за настап, а и секако дека секојдневно посветувам време на тренинзи чиј интензитет зависи од моменталната желба и мотивација како и во зависност од какви натпревари следуваат. Сепак некако успевам да најдам баланс и за сите останати работи покрај професионалните ангажмани.

Минатата година ја освоивте својата прва велемајсторска норма, а оваа година станавте државен првак на Македонија. Како ја оценувате македонската шаховска сцена? Дали националното првенство нуди добра основа за натамошно професионално надоградување?

- Поголемиот дел од конкурентите на Македонската сцена се и мои колеги со кои заедно играме за репрезентација, па интересно е секогаш и возбудливо кога едни против други си ги одмеруваме силите. Секако дека националното првенство е многу важен настан, па со самото тоа и припремата за него, а таа припрема се користи и понатаму за настапи на други турнири.

 

Во досегашната шаховска кариера сте играле со многу противници. Кој од шахистите ви оставил најдобар впечаток со својата игра? Со кого од познатите светски шахисти сакате да се „соочите" на црно-белото поле?

- Немав можност да играм со играчи од самиот врв, но пред 3 години играв против индиецот Еригаиси Арџун (во тоа време 2550 рејтинг Велемајстор) кој што моментално има неверојатен моментален рејтинг од 2797 и се наоѓа на трета позиција во Светот! Таа партија ја загубив, но за мене многу значеше разговорот со него после партијата, бидејќи ми кажуваше каков е неговиот пристап и начин на размислување.

Кои се вашите идни планови во натамошните натпреварувања? Дали можеме да очекуваме наскоро нова голема шаховска победа од вас или евентуално некој трансфер во поголема шаховска лига?

- Наредна цел е секако освојување на титулата Велемајстор, за што ми се потребни уште две норми покрај нормата која ја споменавте од лани и да стигнам до 2500 рејтинг поени.


Разговараше: Митко Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО