Финансии / Банкарство

Ревизорска мисија на Европскиот суд на ревизори во Република Северна Македонија

27.09.2024г

Оваа недела, ревизорски тим предводен од членката на Европскиот суд на ревизори, д-р Лаима Лиучија Андрикиена ја посети Република Северна Македонија. Примарната цел на посетата беше ревизија на финансиските трансакции на Северна Македонија за 2024 година како дел од буџетските расходи на ЕУ според Повеќегодишната финансиска рамка 2021-2027 година, Поглавје 6 „Соседството и светот“.

За време на нејзината посета, д-р Андрикиена придружувана од Амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас, се сретна со претседателот на Собранието г-дин Африм Гаши, претседателот на Комисијата за европски прашања г. Антонијо Милошоски, претседателката на Комисијата за финансирање и буџет г-ѓа Сања Лукаревска, Државниот секретар на Министерството за финансии г-ѓа Андријана Матлиоска, со заменик министерот за европски прашања д-р Викторија Трајков, како и со главниот ревизор г-дин Максим Ацевски кого го сретна во придружба на Шефот на секторот за политички прашања, евро-интеграции, печат и информации на Делегацијата на ЕУ, г-дин Бен Нупнау. Целта на овие состаноци беше да се разговара за напредокот во демократијата и владеењето на правото во пресрет на пристапувањето во ЕУ, моменталната состојба со имплементацијата на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан и користењето на помошта од ЕУ во Република Северна Македонија според Инструментот за претпристапна помош (ИПА III).

Владеењето на правото е суштинско начело на ЕУ и од витално значење е земјите кандидати целосно да се придржуваат до него пред пристапувањето. „Ефикасната имплементација на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан ја гледам како можност за напредок во неопходните реформи што ги доближуваат земјите од Западен Балкан до стандардите на ЕУ и пристапувањето“, рече д-р Андрикиена.

Контекст

Европскиот суд на ревизори (ЕСР) е независен надворешен ревизор на ЕУ. Ревизорите предупредуваат на ризиците, нудат сигурност, ги истакнуваат недостатоците и добрите практики и им нудат насоки на креаторите на политиките и законодавците на ЕУ за подобрување на управувањето со политиките и програмите на ЕУ. Преку својата работа, ЕСР осигурува граѓаните на ЕУ да знаат како се трошат нивните пари.

ПРЕПОРАЧАНО