Општество
Европските реформи мора да продолжат
Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | 01 септември 2024г.
Пред неколку дена имав чест да бидат главен говорник на работниот состанок на Националната конвенција за Европската Унија, која години наназад организира многу релевантни дебати на теми поврзани со нашиот евроинтегративен процес, од правосудство, безбедност, преку земјоделство до заштита на животната средина. Националната конвенција наназад е поддржана од Владата на Словачка, како и од УСАИД, а Секретаријатот за европски прашања, сега веќе Министерство за европски прашања, со свои експерти учествува во дел од овие дебати заедно со истакнати претставници на академската фела, државни службеници, експерти и практичари, од земјава, од регионот и од земјите членки на ЕУ. Резултат на многуте средби се преку 600 конкретни предлози кои можат да помогнат во детектирање на пројавените слабости во функционирањето на државниот систем, градењето соодветни политики и донесувањето исправни и навремени одлуки. Или накусо, Националната конвенција игра значајна и благородна улога во обидот да им помогне на Владата и на државните институции да го пронајдат најбрзиот пат до наше интегрирање и до полноправно членство во Европската Унија.
Во мојата подетална елаборација пред учесниците за тоа до каде сме во процесот, зошто толку долго не можеме да ја исполниме стратешката цел за полноправно членство, што сме сториле, а што не и од кои причини, допрев и до тоа кои се позитивните ефекти од досегашиот процес на хармонизирање на нашиот национален систем со тој на ЕУ, вклучително и на нашата економија, а и кои се негативните ефекти и каде тие би можеле да ја однесат нашата кревка демократија. Без да навлегувам во деталите, но мојот единствен заклучок кој сакав да го извлечам беше едноставен: европскиот процес, или европеизацијата, односно реформите треба да се разберат и да се прифатат како константа и неопходност и не смеат да застанат. Реформите мора да продолжат. Секој застој или отстапување од европските реформи ќе нè турне во ќор-сокак и ќе значи само загубено време, енергија која потоа ќе треба да ја надомести генерацијата по нас. Одговорноста е огромна, грешките не се дозволени.
Важни се локалните проекти, важни се и локалните избори, но мора да се најде патот и до стратешките цели, до државните проекти кои го надминуваат векот на една влада, кои треба да обезбедат интегрирање на земјава во големите општествени, политички и економски системи. За малите земји како што е Македонија, тоа е егзистенцијално прашање. Членка сме на НАТО, мора да станеме членка и на Европската Унија, и тоа најбрзо што може.
Агресијата на Русија врз Украина и последиците од таа крвава војна се огромни, можеби и не сме доволно свесни за тоа колкави. Но, од февруари 2022 година, часовникот на геополитичките промени се движи неверојатно брзо. Многу нешта за кои сметавме дека се трајни, всушност не се, она што сметавме дека ни припаѓа, всушност исчезнува пред нас, одлуките за кои мислевме дека нема да се донесат се веќе донесени, одлуките за кои мислевме дека имаме време за размислување − ќе мора да ги донесеме веднаш.
Затоа да ги погледнеме фактите за политиката на проширување на ЕУ на кои мора да обратиме должно внимание.
Прво, проширувањето се врати на големата сцена во Брисел, каде што геополитиката го доби заслуженото место, а со тоа и важноста на Западниот Балкан и источната граница на ЕУ. Евидентно е дека ЕУ е спремна да го затвори процесот на проширување, но притоа и да се реформира однатре за да може да обезбеди своја функционалност и во овие нови услови и во евентуалните околности кои може да се редефинираат во времето што доаѓа. На страниците на Економија и бизнис веќе пишував за изјавите (2023) на староновиот претседател на ЕК − Фон дер Лајен − која проширувањето го стави на листата на клучните приоритети на Унијата, за Француско-германската анализа за ЕУ за 21 век (2023) и за комуникацијата на ЕК за реформите поврзани со проширувањето и клучните приоритети (2024) кон која треба да ги додадеме и Стратешката агенда на Унијата 2024 − 2029 (јуни 2024) и Политичките насоки за следната европска комисија 2024 − 2029 (јули 2024) во кои проширувањето е дефинирано како „геополитички морален, политички и геостратешки императив“. Ако ним им е важно, не смее нам да не ни биде еднакво важно.
Второ, комплексноста на геополитичката сцена бара одлучност. Само ќе ги споменам изборите во САД кон крајот на годинава кои се историски важни како никогаш досега по Втората светска војна, вклучително и иднината на НАТО како најмоќен воен сојуз во поновата историја, економската војна со Кина која е веќе започната и која нема знаци дека набрзо ќе заврши, војната во агресивниот Израел со потенцијал за конфликт од многу пошироки размери, немирните Либија, Сирија, Ирак и постојаната закана од Иран за Блискиот Исток. Токму во вакви околности, и поради случувањата, ЕУ се одлучи за забрзана интеграција на сите земји кои искрено и недвојбено покажуваат интерес за членство во Унијата, каква и да биде таа за неколку години. Ако ЕУ е одлучна, не смееме ние да бидеме помалку одлучни.
Трето, за рекордно време, пред сè поради геополитичките триења, промени и делинеација на сферите на влијание и интересот на ЕУ кон Истокот, Украина која е земја во војна и делумно под окупација ги отвори пристапните преговори. Молдавија исто така ги отвори преговорите, иако е земја која нема контрола над дел од својата територија. Изминативе месеци лично сведочев со каков ентузијазам раководствата на овие две земји се залагаат за европските реформи и за придвижување кон членство во ЕУ. Грузија е исто така земја кандидатка, но и пример дека кога и само за момент ќе ја изгубите ориентацијата кон ЕУ, веднаш излегувате од сферата на интерес на вашите геополитички партнери и станувате лесен плен за „другата страна“. Македонија во ниеден момент не смее да си дозволи да ја изгуби својата стратешка ориентација.
Четврто, земјите од нашиот регион, и покрај сите предизвици, напредуваат во процесот. Црна Гора излезе од маѓепсаниот круг на времените одредници за владеење на правото и може забрзано да се движи кон последниот чекор, што ја прави сериозна кандидатка за следна членка на ЕУ. Албанија се подготвува за отворање на првиот кластер, Фудаменти или темелни вредности, што за неа ќе претставува огромен исчекор во вистинска насока и забрзано продолжување на европските реформи. Босна и Херцеговина, со сета своја ранливост и ограничена функционалност, сепак, доби шанса да ги започне преговорите со поддршка не само од ЕУ, пред сè Хрватска, туку и од САД, што говори за нејзината геостратешка важност. Србија стагнира во преговорите, но напредува во стратешко приближување на нејзината економија со таа на ЕУ, особено на Германија, со што ја зајакнува својата позиција за следната фаза од дијалогот со Косово, а со тоа и на пристапните преговори. Косово, иако конечно доби визна либерализација и вложува многу во европските реформи и подмладување и зајакнување на својата администрација, сепак, е единствената земја од регионот која нема одговор на апликацијата за членство во ЕУ и сè уште не е признаена од сите членки на ЕУ. Напредокот на Косово во дијалогот со Србија е клучен за нејзината европска иднина, и обратно − дијалогот за Србија е вратата за членство во ЕУ. Македонија има јасен стратешки интерес да се движи кон членство и побрзо од сите земји во регионот.
Пето, Македонија не смее да излезе од колосекот и мора да покаже одлучност во намерата за полноправно членство. Кој знае дали ќе имаме втора можност. Клучна ќе биде способноста за прилагодување, како и капацитетот за реформи, промени со кои треба да се обезбеди приклучок кон глобалните движења. За нас клучен е приклучокот кон процесот на проширување на Европската Унија. Секој разумен политичар, воден од рациото и од оптималните критериуми, може да направи само еден избор, продолжуваме со европските реформи.
Ако за момент го оставиме на страна прашањето на уставните измени, кои се политички услов или одредница за заокружување на првата Меѓувладина конференција со која се отворија пристапните преговори во јули 2022 година, ќе може да забележиме дека работите околу нас се движат со голема брзина.
Затоа време за чекање, а ниту за размислување и премислување нема. Многу нешта може да направиме и во меѓупериодот додека се случат измените на Уставот и независно од нив. Имено, скрининг процесот е затворен, а скрининг извештаите кои нудат одлична платформа за реформски насоки се веќе на располагање, тргнувајќи од официјалниот извештај за кластерот Фундаменти, работните верзии на скрининг извештаите за кластерите Внатрешен пазар, Конкурентност и инклузивен раст и Надворешни односи. Тоа се кристално јасни наоди и насоки за реформи во три области и вкупно 24 поглавја. Ги очекуваме наесен и скрининг извештаите за кластерите Зелена агенда и одржлива конективност, како и Ресурси, земјоделство и кохезија, со наоди и насоки и за останатите 9 поглавја. Изговори за неспроведување на реформи по овие извештаи немаме.
Ако кон ова ги додадеме и редовните насоки од сите редовни годишни состаноци на телата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и наодите и насоките од сите оценски мисии, вклучително и тие за Судскиот совет, функционалноста на истражните центри во јавните обвинителства, работата на регулаторните тела, системот на јавни набавки, телата за борба против организиран криминал и антикорупција, антитероризам итн., патот кон реформи и донесување на потребните одлуки е трасиран. Ќе остане да лебди само прашањето на политичка волја и демократски капацитет за промени.
Реформите се скапи и најголем дел ќе мора самите да ги финансираме доколку сме сериозни во намерата да изградиме подобра и функционална држава. Но, потенцијалот кој го нуди програмата ИПА со неповратни средства е сега зголемен, односно повеќе од дуплиран и преку Планот за раст и Реформската агенда, што носи потенцијал од преку 750 милиони евра за периодот 2024 − 2027 година. Не смееме да не ги искористиме овие средства (а голем дел, за жал, веќе изгубивме) и поради нашата економија и поради нашите институции, но пред сè поради нашите идни генерации. Не смееме да застанеме со реформите.