Анализи

АНАЛИЗА НА ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС: Какви се ефектите од реформите во образовниот систем?

Автор: Митко Јовановски, новинар во Економија и бизнис
21.09.2024г

ОБРАЗОВАНИЕ СО МАЛКУ ЗНАЕЊЕ, ФАКУЛТЕТИ СО ПОМАЛКУ СТУДЕНТИ!

Вложувањата во развојот на образовниот систем  и приближување или достигнување на европскиот просек претставува една од проектираните цели на С. Македонија на патот за полноправното членство во Европската Унија. Со децении реформите во образованието никако да тргнат во правилна насока, а секоја од владите почнуваше со примена на нови образовни концепти, но резултатите од честото менување на „брзините“ се прилично незадоволителни.  Воспоставување на квалитетен образовен систем, кој ќе продуцира квалитетен и пред се функционален кадар е дополнителна обврска за нашата земја, која се повеќе се соочува со недостигот од квалификувана работна сила која им е потребна на домашните и странските компании во македонската економија. Неспроведувањето на вистински образовни реформи ќе значи и се поголемо економско оддалечување од земјите од Европската Унија, но и од земји во регионот, кои сè повеќе одвојуваат од националните БДП за квалитетно образование на младите генерации и на развојот на научните истражувања, кои се и главен двигател на економскиот развој на секоја земја. Нереформираниот образовен систем го забавува економскиот раст, а воедно го забрзува процесот на иселување на младите кои својата професионална кариера ќе се обидат да ја градат во земјите кои повеќе инвестираат во научни истражувања.

Земјава има донесено Стратегија за развој на образованието за периодот 2018-2025 во која беа дадени проекциите за унапредување на целиот образовен систем од основното, средното и високото образование но таа според изјавите на експертите досега останува само убаво напишани зборови на хартија. Неповолните оцени за состојбата во македонското образование се нотирани и во минатогодишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во кои за С. Македонија се вели дека е  „умерено подготвена“ во областа на образованието и дека постигнала „ограничен напредок“ во воведувањето на програми и насоки  за зајакнување на инклузивноста. Европската комисија во својот извештај напишала дека С. Македонија „продолжила со бавна имплементацијата на Стратегијата за образование“ со дополнување дека „усвојувањето на клучните закони дополнително беше одложено“.

ОБРАЗОВНА СЛИКА

За тоа каде сме стигнале во реформите на образовниот процес, можевме да видиме и со почетокот на новата училишна и академска година. Гледано низ бројки, новата учебна година во земјава почна за 245 илјади ученици во основните и средните училишта, што е намалување за 17 илјади во последните седум години. Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500. Основците ја почнаа годината без некои од учебниците. Со намален број на запишани студенти се соочуваат и факултетите и универзитетите, кои се обидуваат да придобијат нови студенти со распишување на дополнителни втор и трет уписен рок!

- Во основа, состојбата во високото образование не е различна од целокупната состојба во македонското општество. Конкретно, високото образование е застарено и не ги задоволува потребите на пазарот на труд. Споредено со околината, тоа е горе-долу слично на високото образование на Балканот, но далеку заостанува од просечното ниво во поразвиените земји. Веројатно, сето ова воопшто не зачудува, зашто: прво, во земја која е гнила до коренот не може да се очекува високото образование да биде исклучок; второ, набљудувано во меѓународни рамки, ретко може да се најде сиромашна земја со добро високо образование. Во секој случај, независно од мојата (субјективна) оцена, состојбата на македонското високо образование најдобро ја изразуваат меѓународните рангирања, кои јасно покажуваат каков е квалитетот на македонските универзитети, вели Горан Петревски, редовен професор на Економскиот факултет во Скопје, за тоа како ја оценуватсегашната состојба во високото образование во Македонија и колку образовниот систем е во функција на продуцирање на квалитетни кадри за потребите на македонската економија.

 

Јавно финансирање на образовниот систем во Европската Унија (во милиони евра, извор: Еуростат)

 

БУЏЕТ ЗА ПЛАТИ

Како слаба страна на македонскиот образовен систем се посочува и неповолната структура на  „образовниот буџет“ во кој најголема ставка се однесува за плати  на вработените и за покривање на тековни трошоци на образовните институции. Многу мал или поточно кажано незначителен дел се одвојува за истражување и развој. Колку чини трошокот за плати на наставниот и друг кадар во последните години може да се види од табелата подоле. Што се однесува до буџетското издвојувањето за образование тоа е многу ниско, односно  3,3% од БДП додека во земјите со кои се споредуваме е 4,7%. Во последните години јавната потрошувачка за образованието се намалува на 3,71% од БДП во 2022 година (3,98%  во 2021 година). Македонија сè уште е далеку под просекот на ЕУ, кој изнесува пет отсто за 2022 година. За споредба со другите земји од Западен Балкан, Србија во 2023 година за образование издвои 3,5 отсто од БДП, од нив 31,7 милиони динари односно 15,8 отсто повеќе издвои за науката од 2022 година, а за истражување и развој 0,4 отсто од БДП. Како што не информираа од Министерството за образование и наука, просекот во Македонија во последните години е некаде околу 3,4% од БДП.

-        Новата Влада предвидува етапно зголемување на средствата во текот на мандатот за да се стигне до просек од 5% од БДП. Како Министерство редовно правиме споредбени анализи со другите земји од Западен Балкан и ЕУ и овој европски просек ќе се обидеме да го достигнеме што поскоро, ни одговорија од македонското министерство за образование.  

Според објавените податоци на Еуростат во 2021 година Европската Унија вложи 328 милијарди евра за истражување и развој, што е за шест отсто повеќе во споредба со претходната година. Во последните десет години е забележан раст од 43,9 отсто. Хрватска е меѓу последните десет земји во вложувањето во истражување и развој во учеството од еден отсто во БДП. Најголеми издвојувања за истражување и развој во 2021 година имале: Шведска, Австрија, Белгија и Германија со издвојувања од над 3 отсто од БДП. Шест земји имале помалку од еден отсто, а тоа се Романија, Малта, Латвија, Бугарија, Кипар и Словачка. Две третини од државите членки на ЕУ информирале дека ги зголемиле трошоците за истражување и развој од пред десет години.

ПЛАТИ ИЛИ НАУКА

Во однос на платите на вработените во образованието, според мислењата на претставниците на синдикалните организации, тие се се’ уште „релативно ниски во однос на другите дејности во земјата, но и во образовните институции во регионот“. Според Државниот завод за статистика просечна исплатена месечна нето-плата во јуни 2024 година во секторот образование изнесуваше 39.922 денари. Основната плата без никакви додатоци во основното образование е околу 33.500 денари, а во средното е 34.600 денари. Платите на редовниот професорски кадар во високото образование достигнуваат до 77.000 денари, на доцентите до 50.000 денари и на асистентите до 40.000 денари. Но овие плати треба да се земат како просек, што значи дека некои од универзитетските професори и други научни работници земаат и пониски плати. Ниските плати беа причина за константното и латентно незадоволство кај дел од вработените во научните установи, како што беше и протестот на вработените во стручните служби во МАНУ.

 

Издвојувања од Буџетот на С.Македонија за образование по години

 

Но, суштинското прашање за кое досега отсуствуваше и вистински одговор од надлежните институции е: Колку од сегашниот (ребалансиран) буџет за образованието се за исплата на плати на образовниот кадар, а колку за вистински  реформи и инвестиции во изградба/реновирање и осовременување на образовните институции?

-        Околу 900 милиони денари се обезбедија за исплата на плати на наставниците во основните и средните училишта до крајот на годината. Толкав износ недостасуваше и затоа, нечесни и манипулативни беа повиците на оние кои до пред само 2,5 месеци раководеа со Владата и со МОН, за зголемување на платите во образованието. Ребалансот обезбеди и средства за низа други работи, на пример, за набавка на учебници и други нагледни средства, за обуки на наставници, за исплата на заостанати стипендии, за неисплатени парични награди за ученици, студенти и нивни ментори по основ на освоени медали на врвни меѓународни олимпијади и натпревари. Обезбедивме и средства за ангажирање на образовни асистенти, најголем број досега од воведувањето на образовната асистенција. Обезбедивме и пари за исплата на зголемените плати на наставниците во високото образование, кои не беа предвидени во буџетот, велат од Министерството за образование и наука.  

ЗНАЕЊЕТО ОД ПИСА КАКО ОПОМЕНА

Додека  вработените во образовниот систем во С. Македонија и професорскиот кадар повеќе енергија посветуваат за висината на платите и спорадично за малите научни фондови за истражување, во втор план се стави и квалитетот на образовниот процес и секако ефектот од вложувањето во образовните институции. На ова  упатуваат и слабите резултати од ПИСА тестовите што ги постигнаа македонските средношколци. Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Лесли Милер, на почетокот на годината јасно посочи дека „земјата се соочува со криза во учењето“. Како што ни беше соопштено, според последните ПИСА–оценувања, над две третини од учениците имаат лоши резултати во читање, математика и науки.  

-       Еден од клучните фактори е недоволното време поминато во учење. Македонските ученици имаат околу 900 часови помалку време поминато во учење од просекот.  Образовниот систем го нема целосно приспособено начинот на кој се организираат ресурсите,  изјави Милер.

 

Оценки на државите на ПИСА тестирањето по математика, по читање и по природни науки според просекот на ОЕЦД (извор ОЕЦД)

 

Разликата во резултатите од тестирањето пред пет години е минимална и С.Македонија го задржа нивото на знаење од 2018 година. Резултатите од ПИСА-2022 покажуваат генерално намалување на јазичната, математичката и научната писменост кај учениците на 15 годишна возраст, а тоа се должело на „негативните последици од пандемијата со Ковид-19“.  Од вкупно 81 држава нашата земја се најде на 61-то место според резултатите по математика (389 бодови), со јазичната писменост на 71-то место (359 бодови)  за познавање на природните науки на 68 место (330 бодови).

-        Потребни се крупни промени и дел од нив веќе почнуваат да се имплементираат. Се залагаме за поквалитетни наставни програми и учебници со кои ќе се поттикнува креативното и критичко размислување кај младите. Ќе ја ревидираме Концепцијата за основно образование и ќе се задржи и надгради тоа што се покажало како ефективно досега.  Најавивме етапно воведување на едносменска работа на училиштата и продолжен престој на учениците секаде каде што има можност, бидејќи ова се позитивни пракси во бројни развиени земји и имаат придонес кон создавањето квалитетни генерации. Потребни се и повеќе инвестиции во образовната инфраструктура и како ќе се зголемува буџетот за образование секоја наредна година, така ќе има и повеќе пари за изградби и реконструкции на училишта, за опремување, дигитализација и слично. Се работи и на низа нови законски решенија со кои ќе се обезбедат повеќе права и можности за чинителите на воспитно – образовниот процес, а ќе бидеме фокусирани и на подигнување на мотивираноста за работа кај наставници преку повисоки плати и повеќе можности за кариерен и професионален развој, велат од Министерството за образование и наука.

Во суштина, анализата на резултатите од ПИСА тестирањето покажува дека не секогаш големината на буџетот за образование на една држава е клучен фактор за поголеми знаења на учениците, нагласуваат од МОН.  Според ранг листите на ПИСА, С. Македонија е во редот на земјите од „третиот свет“. Иако претходното раководство се обиде да го релативизира фактот дека резултатите од ПИСА 2022, како што нагласуваат од МОН се уште полоши од оние од 2018 година,  со појаснување дека пад на резултатите имаат и други земји, сепак, овој неуспех не може да се препише на ништо друго, освен на лошите образовни политики во изминатите години.



Со овој текст, Економија и бизнис се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

ПРЕПОРАЧАНО