Општество
Убавиот збор: ЗА КРАДЕЊЕТО
Тихомир Јанчовски | Авторот е писател
Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2024г.
Луѓето крадат, особено ако се од Македонија. Тука крадењето е национален спорт број 1, далеку пред ракометот. Долгите години социјализам ги направија крадци, а оние потоа од времето на транзицијата (која никако да заврши), од демократијата и од патот кон ЕУ ги доусовршија во крадењето. И тоа не само политичарите на власт, о тие се несомнени крадци што се покриваат меѓусебно, туку и обичниот народ зашто би го правеле истото тоа да се на нивно место.
Овде се краде сѐ: тоалетна хартија од јавен тоалет, струја од бандерите, вода од водовод, дрва, нафта, секири, ќебапчиња, пари од буџетот, материјали од градилиште, стока од шлепери, се крадат чешми, велосипеди, џипови, автомобили, гласови, авторски дела... се крадат и идеи, па дури и песни. Народот се краде меѓу себе, а политичарите ги крадат народните пари. Зошто?
Просто е. Зашто не знаат што прават. Кога би знаеле, не би краделе. Шутракот што краде на големо не знае дека потоа му се случуваат лоши работи и болести, разни изопачувања и искривоколчувања, нему и на блиските, поради тоа што крадел. Мисли дека ако не го фатиле – не украл. А украл, и тој си знае. Безумието е во тоа што овде мозинството луѓе, гледајќи едни од други, се „воспитани“ во духот на максимата „кради колку можеш, гледај да не те фатат и никогаш не признавај“. Инаку, краде и оној кој не работи, а зема плата, и мисли дека ја измамил државата. А тоа што станал паразит и не личи на човек, тоа не сака да го доведе во врска со своето крадење, се чуди зошто сѐ му е тешко и нема сила ни да прдне. Само за дрдорење ги бидува таквите.
Мене ме испокрале прописно: со потплатеност, со потценување на трудот, со земање проценти и камати по банките, со неточно мерење на пазар, со крадење две гитари, два велосипеда, автомобил, со ограбување на стан... дури и со крадење на работи од дома од страна на некој познат кој е клептоман и кој не сакам да го барам и да го најдам. Зашто крадењето не го оштетува само оној кој е ограбен, туку и оној кој краде. Штетата на првиот е секогаш помала и брзо се надоместува ако човек не заглави во одмаздољубивост, а штетата на вториот е трајна и се зголемува ако овој не сфати каков идиот испаднал и не се покае. Затоа голем број од бившите политичари главно се со искривени лица и не се баш лични, а ги има и избезумени оти крадењето остава свој белег. На ликот и на карактерот. А ако се покриваат со скапи темни очила, пластика, пури и супер фризури, тие си знаат на што личат рано наутро.
Не е исто да украдеш запалка од маса и пола милион евра од тендер, ама всушност и едното и другото е крадење.
Од друга страна, крадењето може и да му е во корист на оној кој е оштетен. Еве, кога ми го украдоа автомобилот од пред зграда, тој веќе беше остарен и се расипуваше, ми го губеше времето на поправки и на „тегнења“ по улици, а јас не можев да го дадам ни за старо железо ни да го продадам, малку сум неснаодлив за трговија, па оние кои го украдоа ме спасија од грижи и фактички – ми направија услуга. Потоа си земав понов и тој уште добро ме вози. Машините, сепак, не се луѓе и не им треба ни старски дом ни чување како да се деца, ама луѓето, особено мажите, забегуваат во грижата за машините и надоместуваат преку тоа некое отсуство на љубов.
Клептоманот мора да украде, да има некаква добивка дента. Тоа е страст што одамна ја развил и не се откажува лесно од неа: дали да украде запалка, да јаде и да пие без пари, да оди на прием со бесплатно виски, да се полакоми по лесни пари, да препродаде по многу повисока цена, да плати евтино нешто што вреди многу повеќе, да наплати пари за камата, за судски трошоци, да ограби некого преку нотар и извршител – сето тоа се облици на крадење, иако на многу факултети денес ги учат како администрација, економија и менаџмент. Сето тоа е дел од онаа крајно луда и неетеична пропаганада „само бизнис, ништо лично“. И од тоа светов денес е таков каков што е: полн несреќа и нееднаквост, поделен на богати и на сиромаси, на крадци и на тие кои ги крадат, на експлоататори и на експлоатирани. Запомнете, дури и да сте од тие кои ги крадат, за тоа не се секирајте, грижете се и вие да не крадете – ако ви се укаже можност. „Посреќен е оној кој дава од оној кој добива кога вториот го прифаќа подарокот“ и „Раката што дава не се суши“ – еве овие работи запомнете ги, а не „кради – и пази да не те фатат“. Зашто нефатениот, порано или подоцна, ќе остане фатен во рацете... во нозете... во среќата... или во умот. Нешто ќе му се исуши или подзасуши.
Се надевам дека сте добро и дека ова ќе ве замисли. И не се секирајте, речиси сите сме склони на крадење, работата е да се освестиме, и тоа веќе никогаш да не го правиме, ни намерно ни ненамерно, оти и запалката, сепак, е украден предмет. А и цвеќе не се краде, и за него се прашува, освен ако не е диво, некаде во природа, таквото откопај го и пресади го кај тебе. Тоа не е крадење.