Општество

Или... или

Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки

Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2024г.

Мигуел де Унамуно (Miguel de Unamuno, 1864-1936), Баскиец, шпански филозоф, поет, романописец, професор по грчка и шпанска литература на Универзитетот во Саламанка и доживотен ректор на Универзитетот, е заслужен за откривањето и афирмацијата на филозофијата на данскиот филозоф Сорен Киркегор. Имено, Унамуно буквално го „ископал“ и го спасил од заборав својот духовен брат „Данскиот Сократ“.
Сорен Аби Киркегор (Søren Aabye Kierkegaard, 1813−1855) некаде се сретнува и како Кјеркегорд, е роден во Копенхаген, во протестантско семејство како едно од седумте деца на трговец кој ги воспитувал во строгиот дух на протестантизмот. Им наметнувал грижа на совест и ги држел во постојано исчекување на Божјата казна поради „првородниот грев“. Подоцна во животот, особено за време на студиите, студирал теологија и филозофија, докторирал на тезата „За иронијата и нејзината примена кај Сократ“. Сорен ќе се ослободи од „монашкиот“ живот, живот во стеги и под притисок, ќе живее распуштено, боемски, ќе посетува театри и кафеани, ќе пие, ќе се задолжува, ќе талка по улиците на Копенхаген кој на почетокот на 19 век е малограѓанска средина, гратче во кое сите се познавале меѓу себе. Сорен често ги задевал сограѓаните, ги исмевал нарекувајќи ги „прости селани“, но се дружел и со видни граѓани. Во долгите боемски вечери често разговарал со данскиот писател на приказни и на бајки Ханс Кристијан Андерсен (Hans Christian Andersen). Сорен е „Данскиот Сократ“, како и што е опишан карикатурално Сократ така е и Сорен − со несразмерен физички изглед, кус, со кревка телесна градба, чувствителен, со нагласени сини очи, голем нос и писклив глас − со нескладна надворешност во однос на внатрешниот раскошен филозофски и духовен живот. Се вљубил само еден и единствен пат во животот, во извесна Регина Олсен со која подоцна и се верил. И додека траеле подготовките за венчавката, полн со восхитеност, среќа и љубов кон Регина, го пишува токму своето најзначајно дело „Или... или“ (Enten – Eller). Сепак, непосредно пред венчавката ја раскинал веридбата. Има неколку толкувања зошто го сторил тоа. Најверојатно поради грижа и преголема љубов кон Регина се плашел дека таа нема да биде среќна со „еден несреќен филозоф“ кој нема да може да ѝ обезбеди живот каков што заслужувала. За неа велел дека е чисто и безгрешно суштество, невина девојка која не заслужувала друштво на бизарен чудак, мислење што го имал самиот за себе. Во тестамент, писмо испратено до брата си, сиот свој имот ѝ го остава на Регина, а во случај да го одбие им го остава на бедните. Скршен од болка и разочаран во себе и во светот, умира млад на улиците на Копенхаген.
Кирекегор е антихегелијанец, впрочем како и неговиот „духовен брат“ Унамундо кој ја открива филозофијата на Сорен за светот. И двајцата биле против систем во филозофијата, против апсолутниот дух на идејата на Хегел, против подредување на егзистенцијата на идеја. Со тоа и човекот би се подредил на идејата. Тешко се следи филозофијата на Данецот од причина што пишувал под псевдоними. Сепак, за Сорен личниот однос на човекот кон светот е основниот проблем на егзистенцијализмот. Егзистенцијата на секој човек е една, неповторлива, оригинална, автентична, еднократна. Езгистенцијата како конкретно постоење е испреплетена со противречности, фрлена во контроверзни и парадоксални и апсурдни ситуации. Тоа е вечна борба за избор, за одлука, за одговорност. Но, не според мисли и спознанија, туку според дела. Потрагата по вистината е само субјективен однос кон стварноста. Личноста е единствената вистина.
Егзистенцијата за Сорен не е апстрактна, ниту има некаква врска со размислата. Човекот како егзистенција во светот е сосема несигурен. Во ништо нема сигурен темел на своето постоење и на ништо не може да се потпре, да се задржи. Таков темел нема ниту во себе, а ниту надвор од себе. Човекот нема однапред јасно поставена цел или смисла на своето постоење. Тој ја осознава низ процес на избор. Човекот е постојано во грижа, јанѕа за својата егзистенција, постојано е во состојба на или... или, да треба да избере, а да не знае како тоа да го стори или да го изведе. Човекот е во безизлезност и во несигурност. Она што е единствено сигурно е дека еден ден ќе заврши неговиот живот. Во таква состојба на егзистенција на човека му останува само очај, лудило или вера во христијанството. Но, не она протестанско, ритуално, догматско против кое им зборува на своите сограѓани и често стои пред катедралите од каде што ги одвраќа, тука во верата како слободен избор. Верата во Христа која е вистинска и се пронаоѓа во себе слободно, како избор. Оттука на патот на автентичната егзистенција Сорен нагласува три стадиуми: првиот го нарекува естетски стадиум кога на човека му се значајни сетилата, а се препушта на задоволствата и на неповторливоста на моментот, на фантазијата – главен идеал е Дон Жуан. Вториот стадиум на егзистенцијата е т.н. етички стадиум во кој човекот се раководи според критериумите на моралноста, на обврските, на должноста, на доброто и на злото – главен идеал е Сократ. И во третиот стадиум од егзистенцијата човек се поставува во сооднос со апсолутот, со Бога, при што се откажува од себеси и се стопува со Бога.

ПРЕПОРАЧАНО