Општество

УБАВИОТ ЗБОР: За новото време и за новиот вештачки човек

Тихомир Јанчовски | Авторот е писател

Економија и бизнис | печатено издание | 01 април 2024г.

Времето се смени, а времињата секогаш се менуваат, тоа не е ништо ново, но сегашниве промени, овие од последниве дваесетина години, се закануваат да го сменат животот не само однадвор туку и суштински, до степен на непрепознатливост. Настапи ерата на „компјутеризација и дигитализација“ и постои опасност човекот (и човештвото) да се обесчовечи, барем таков каков што го знаеме. И се работи за глобален феномен, нема бегање ни дупка за криење.

Ако компјутерот може да напредува до степен да стане замена за човечки мозок (а во некои аспекти уште сега е посовршен, еве паметењето на пример, меморијата), дали спојот на машина-тело и машина-мозок може да биде машина-човек? Да, тоа е робот. Има и такви машини и ги има одамна. Но, може ли машината да се израмни со човекот, и дури и да го надмине? Не зборувам за чувства, за емоционалниот живот, да не отидеме предалеку, еве само за мозокот. Може ли машината да има мозок и самостојно да дејствува, да има сопствени мисли? Мислам дека може. Ќе се испрограмира и самата да се полни, да си става гориво и да го гори, па и да владее и да потчини други машини да ѝ служат, за нејзините потреби. И бидејќи е целосно материја, сите делови ќе ѝ бидат заменливи и може да тера до бескрај. Значи, може ли машината на овој начин да стане бесмртна, а човекот да остане смртен? Да, може. Но, таа може да биде само бесмртно тело од различни материјали што формираат машински „органи“ (мотор, камери, звучници, микрофон, засилувачи на звукот, систем за разладување и за греење, оски, тркала, крила, нозе...). Единствено што на таквата човек-машина, на тој робот, нема да му треба е друга иста таква за да се роди трет. Два најнапредни роботски модели од ист калап не можат да имаат робот-дете. Не можат да се размножуваат како човекот зашто машината никогаш не може да почувствува љубов. Ни да возврати на тоа. Верувам дека многумина ќе се пронајдат себеси или некој свој познат во описов на машинава со мозок, а таквите ги има или барем се такви во голем дел. Испрограмирани луѓе што зборуваат, одат, работат, јадат – сите по ист калап, на ист начин, како што ги моделира униформноста на современиот наметнат живот во кој љубовта, душата и духот се застарени „концепти“ од наивни времиња и кои, всушност, и не постојат. Љубовта е секс, меѓусебна привлечност на две или повеќе човечки суштества кои имаат желба и потреба телесно да се спојат (за роботи и тој е непотребен), душата е физички и хемиски процеси на размена на материи во клетките на одделни органи (а отсуството или вишокот на тие хемикалии предизвикува болест), а духот (или умот) е апстрактен поим што луѓето си го создале како некој вид митска, рудиментирана свест пред науката да им ги отвори физичките очи за непостоењето на духовните.

Овој апсолутен материјализам, присутен и во современите либерални филозофии и во марксизмот, како еднострано и затоа грешно толкување, врши тешко нарушување на сепостоечката рамнотежа меѓу материјата и духот, одејќи во крајноста да го прогласи вториот не за второстепен, туку и непостоечки. Материјалниот свет е одраз на духовниот како што и светот на машините е одраз на човековото тело. Мозокот, внимавајте, не е душата на човекот, мозокот е само орган. Може да функционира исправно или да биде оштетен. Може и да остари. Можеби може и да се замени. Ако постои машина вештачко срце, а постои и се употребува во денешнава медицина, прашање на време е кога ќе настане и вештачки мозок. Вештачка интелигенција (AI), ви звучи познато, нели? И кога сите вештачки органи ќе се усовршат да функционираат како вештачко тело (а душата, нели, не постои, ни духот), човекот ќе го оствари стариот сон на човештвото – ќе стане бесмртен. Со раце, со нозе, со торзо, со врат, со глава... и во неа мозок-компјутер, човекот ќе постои вечно со менувањето на машинските делови од кои е составен. Да. Само што таквиот робот никогаш не бил жив. Тој секогаш ќе е машина што имитира жив човек, а тоа не е. Зашто човекот е многу поголема тајна и секој роден од жена е неповторлив и посебен, а роботите ќе се секако на калап, на мостра, на машински образец.

Човекот не е неговиот мозок (неговото паметење, интелигенција, разум), не е ниту неговите сетила, коски, кожа, внатрешни органи. Сето ова се делови на човечкото тело, а телото е битна, но не и единствена целина на човековото постоење. Па не е ниту целина, половина е. Тоа е дефиниција на бездушниот човек. Празна корупка во која не живее никој. Куќа без станар, дом без господар. И ако човек во духот не ја оживее својата умртвена душа, ако биде толку помрачен за ова да не може да го види, смртта на неговото тело ќе ја повлече со себе в гроб и својата бесмртна душа, ама таа таму ќе нема каде да живее.

А дали таквата душа ќе исчезне или ќе гувее, тоа не знам, не можам да го домислам. Не ми се кажува нешто што не го знам од опит, а ова е од доменот на искуствата што не може да се споделат со никого од живите. Лично верувам дека сите души по умирачката одат на исто место, и тоа на познато место. Од животот на Земјата и од соновите. Ниту пеколот е под површината на земјата, некаде длабоко закопан и таму ги чека своите, ниту рајот е некаде во облаците, на небото. И едното и другото се само метафори за внатрешните состојби на човекот, за состојбите на душата внатре во него. А местата, со димензиите во кои престојува душата по телесната смрт, се исти за сите, само што некои ги доживуваат како рајска градина, а други како мачилиште. Исто како животот на Земјата, ако е исполнет со љубов е рај, ако е обезљубовен е пекол. Состојбата во која душата го напушта овој и оди на другиот свет е вечна, иако не и статична, за оние во рајот. Пеколот мора да е страшно досаден.

ПРЕПОРАЧАНО