Општество

САКАМЕ ДА ГО ВРАТИМЕ ЗНАЕЊЕТО ВО МАКЕДОНИЈА-разговор со Илија Стевков, претседател на Менса Македонија и еден од организаторите на првото национално првенство во квизови

06.09.2024

Македонската квиз асоцијација го најавува првото државно квиз првенство на Македонија со кое ќе биде означен почетокот на сезоната 2024/25. Настанот ќе се одржи на 15 септември во просториите на Лабораториум почнувајќи од 11 часот. По завршување на натпреварувачкиот дел, ќе се одржи и годишното собрание на МКА. Овој настан ќе биде заокружен со формирање и на првата скопска квиз лига, која ќе започне на 1-ви октомври во Лабораториум и ќе се одржува секој вторник.

Зад  организаторите на првото државно првенство стојат триесетина квиз ентузијасти, кои имаат за цел во нашата земја да ја промовираат, развиваат и пренесат квиз културата, која во светот има долга традиција. Целта е преку организирање на редовни паб квизови  да се формира и национална квиз лига која би се натреваруварала на репрезентативно ниво на светските првенства во знаење. Засега, во  натпреварувањето во  знаење учествуваат  триесетита луѓе од Македонија, докажани квиз натпреварувачи. Тие се  главно од Скопје, кои веќе имале и прилика да ги одмерат „силите“ во знаење од повеќе области.  Меѓу нив е Илија Стевков, долгогодишен и успешен натреварувач на сите квиз емисии на домашните телевизии. Тој е член на УО на МКА, но на пошироката јавност е познат и како претседател на Менса Македонија. Професионално раководи со компанија од ИТ секторот.

Разговорот со него го почнуваме со неизбежното прашање како организатор на Менса тестирањата во нашата земја. Менса Македонија, годинава го слави јубилејот 25 години од формирањето кој што ќе биде одбележан со пригодни настани. Но како што нагласува тој,   oрганизацијата е без сопствени простории, сите работат волонтерски и се финансира исклучиво од членарина и тестирања.

- Менса Македонија е членка на Mensa International, здружение на луѓе со натпросечна интелигенција во кое што може да членуваат кандидати кои на официјалното тестирање оствариле резултат во горните 2% од светската популација. Моментално има околу 125 активни членови. Според истражувањето на Mensa International за бројот на активни членови на милион жители Македонија е некаде на средината од светската популација, помеѓу Шпанија и Канада, но сепак, меѓу најслабите во регионот. Водечки на оваа табела се Скандинавските земји, вели Стевков.  

Првенството на квиз натревари се состои од два настани, поединечно првенство на Македонија и првенство на Македонија во двојки. Настанот во поединечна конкуренција ќе биде во истиот формат како и досегашните мастерси, односно ќе се состои од 8 теми по 25 прашања, кои се поделени во два дела од по 4 теми, односно по 100 прашања во секој дел. Времето за решавање на секој од деловите е еден час. Автор на квизот е искусниот Небојша Ангелов зад кого се голем број квизови во организација на МКА.

Квизот во двојки се состои од вкупно 200 прашања кои ќе бидат распоредени во три дела. Првите два дела се состојат од по 80 прашања и времето за решавање за нив е 45 минути, а по нивното прегледување, најдобрите парови учествуваат во третиот финален дел кој се состои од 40 прашања и се решава 30 минути. Бодовите од трите дела се собираат, со тоа што бодовите освоени во финалната рунда вредат по двојно. Автор на овој квиз е иднината на македонската квиз сцена Жан Павлов.

- Паб квизовите во другите земји има долга традиција. Од нашето поблиско опкружување овие натпревари во знаење најмногу се раширени во Хрватска, во која функционираат над 200 квиз тимови и кои се натпреваруваат во повеќе рангови. Во Македонија паб квизовите се присутни од 2022 година и се јавија како потреба да се покрие празнината во македонските медиуми од која целосно исчезнаа вистинските квизови на знаења. Зад нашите квизови не стојат големи продукции и се организираат  без спонзорства од фирми. Сето тоа го правиме со група ентузијасти и  со нашите скромни финансиски можности, но  и со големата желба да го промовираме знаењето во нашата земја. Сакаме знаењето да се врати во мода, ни изјави Стевков. 

Во натреварувачката 2023/24 сезона беа одржани  14 квизови  и на првото место се наоѓа Бари Исени со вкупно 1167,31 освоени поени. Второто место го освои Илија Стевков со 1026,68 поени, а трет беше  Стефан Стошиќ со 1004,43 поени.

Македонските паб квиз натпреварувачи учествуваа и на Светското првенство, на кое наш најдобар натреварувач беше Илија Стевков. Тој со 81 освоен бод го зазеде 479. место. Зад него се најде Стефан Стошиќ со 78 поени (532. место), Мартин Мајк Петрески со 73 поени (626. место) и Бари Исени - 73 поени (643. место). 

АМЕРИКАНКАТА ВИКТОРИЈА ГРОУС СВЕТСКА ШАМПИОНКА ВО ЗНАЕЊЕ 

На  Светското првенството во знаење учествуваа 1843 натпреварувачи од 48 земји ширум светот. Македонија беше претставена од 12 учесници од кои што неколкумина постигнаа лични рекорди и се пласираа во горната половина на табелата. Нов светски квиз првак  е Викторија Гроус од САД. Таа го освои првото место пред Дауд Џексон од Велика Британија и минатогодишниот светски првак Рони Свигерс од Белгија.

Викторија (43) е прва жена и прв натпреварувач од САД која што е светски првак во 22 годишната историја на светското квиз првенство. Taa e победник на бројни ТВ квизови во САД и освојувач на парични награди во вредност од над милион долари.

На регионалано ниво најдобри квизаџии се Деан Котига, познатиот хрватски „ловец“ на знаење од квизот Потера и Ацо Брајовиќ од Србија, кој има издадено и четири книги за квиз натпреварувања.

ПРИЈАВУВАЊЕ 

Пријавувањето на  државното квиз првенство на Македонија можете да го направите на следниот линк: https://forms.gle/XExzrP6BAuutqbxD7

Поединечната котизација за секој од квизовите изнесува 200 денари по човек, додека за учесниците кои се пријавени на двата квизови ќе ги чини 300 денари. Котизацијата може да се уплати во живо на денот на одржување на првенството или на жиро сметката на МКА: 210075841210139.

ПРЕПОРАЧАНО