Финансии / Банкарство
Управување со средства и управување со ризик: промена кон дигитализација
Марија Пендевска | Авторот е Стручен сорaботник за порамнување во земјата и странство Дирекција за ликвидност и позадински работи Сектор за ликвидност и финансиски пазар Комерцијална банка АД Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | 15 август 2024г.
Финансискиот пејзаж забрзано се развива, а забрзано се менуваат и тргувањето и продажбата на финансиски производи и на услуги. Финансиско управување со средства и ризик ги вклучува работењето во front office (treasury trading and sales), активности во middle-office и заднински активности (back office). Технологијата ги преобликува пазарите и очекувањата на клиентите и тие брзо се прилагодуваат на нивните барања, почитувајќи го водечкиот принцип − принципот на управување со ризикот.
Прудентната дигитализација се појавува како одговор за одржување на конкурентноста со подобрување на ефикасноста и за обезбедување цврсти контроли во управување со ризикот. Подобрувања во областите како што се податочна наука, машинско учење и длабоко учење овозможуваат отворање и нивна примена во системите на финансиските институции како во светот така и во нашава земја. Тие се применуваат во различни сектори, како на пример: управување со сајбер безбедност, процесирање плаќања, мерење различни параметри во управување со ризиците, усогласување со законската регулатива во земјата и во странство, управување со документарно и архивско работење, управување со човечки ресурси. (Filipovska and Pendevska, 2022)
Ова значи дека сѐ повеќе се користат податоци во реално време, односно т.н. големи податоци (big data). Тие претставуваат големи и комплексни збирки од структурирани, од неструктурирани или од полуструктурирани податоци кои континуирано се зголемуваат со текот на времето. Пристапот, односно располагањето со овие податоци овозможува голем примерок и брза фреквенција за анализирање во реално време во споредба со традиционалните анализи.
Финансиски пазар и тргување (front office)
Во финансискиот пазар и тргување се случува тргувањето и продажбата на финансиски производи и на услуги. Преку нив финансиските институции управуваат со ликвидноста, со извршување на тргувањето и со оптимизирање на билансот на состојба. Овие функции бараат прецизност, брзина и флексибилност, особено поради сложената природа на глобалните финансиски пазари. Во време на зголемена нестабилност на финансиските пазари и на регулаторна контрола, станува сѐ поголема побарувачката за поефикасни процеси на работење.
Активности во middle-office: Премостување на јазот
Активностите во middle-office дејствуваат како мост меѓу тргувањето од front office и извршувањето, порамнувањето и усогласувањето на плаќања во заднинските активности (back office). Овие активности вклучуваат мерење на пазарниот ризик, управување со ризикот преку усогласување со законските обврски и обезбедување поддршка од заднина, кои му овозможуваат на тимот на front office ефективно да ги извршува зададените тргувачки стратегии. Со усогласување на овие функции со најновите технолошки достигнувања, финансиските институции можат да постигнат уште поголема точност и брзина во проценката на ризикот и во известувањето.
Заднински активности (back office): ’Рбетот на функциите на управување со средства
Заднинските активности (back office) ги извршуваат порамнувањето и усогласувањето на плаќањата, осигурувајќи сите трансакции да се обработуваат навремено, правилно и ефикасно. Секое нарушување или неефикасност во оваа област може да доведе до значителни финансиски и репутациски ризици. Затоа работењето со дигитални алатки е императив за одржување на брзината, на точноста и на доверливоста на трансакциите.
Водење прудентна и одговорна дигитализација
Тоа значи:
1. Подобрена анализа на податоци: Во реално време спроведување на напредна аналитика. Алатките кои се управувани од вештачка интелигенција може да обезбедат подобра проценка преку предвидување на ризикот.
2. Автоматизација на процесите: Автоматизацијата во активностите со управување на средствата може да ги намали мануелните грешки и да ја зголеми брзината на обработка. Технологиите, како што е роботската автоматизација на процесите (RPA), ги рационализираат рутинските задачи, дозволувајќи им на тимовите да се фокусираат на брзо и на точно реализирање на зададените стратегии на работење и со тоа на минимизирање на оперативните ризици. Според податоците од истражувањето на НБРСМ, автоматизацијата на процесите во најголем дел е започната во финтек индустријата кај нас. Истражувањето на НБРСМ е спроведено во октомври 2020 година и резултатите се објавени во јануари 2021 година на нивната веб-страница. (Народна банка на Северна Македонија, јануари 2021)
3. Континуирано јакнење на сајбер-безбедноста: Заштитата на чувствителните финансиски податоци и обезбедувањето интегритет на дигиталните трансакции дејствуваат на минимизирање на оперативните ризици.
4. Усогласеност со регулативата: Дигиталните алатки може да помогнат во навигацијата низ сложениот регулаторен пејзаж преку обезбедување усогласеност со меѓународните стандарди и со локалните регулативи.
5. Управување со ризик во реално време: Со подобрени технолошки решенија, финансиските институции може да се префрлат од традиционалното управување со ризикот кон следење на ризикот во реално време. Овој пристап овозможува брзи одговори на пазарните флуктуации и подобрување на процесите на донесување одлуки.
Предизвици на патот кон дигитализацијата
Иако придобивките од дигиталната трансформација се јасни, патувањето кое е започнато не е без предизвици. Наследените системи, културниот отпор кон промените и високите трошоци за имплементација на нови технологии можат да го отежнат напредокот.
Заклучок
Со оглед на тоа што активностите со управување на средствата во front office, middle-office и заднинските oперации (back office) се движат низ сложеноста на финансискиот свет, реализирањето на прудентна дигитализација претставува доминантен принцип на дејствување. Преку прифаќање на технологијата и зајакнување на практиките за управување со ризик, финансиските институции можат подобро да се позиционираат за новата реалност. Патот напред вклучува усогласување на иновациите со постоечките високо регулирани процеси и будно следење на резултатите од нивната имплементација. Со тоа се обезбедува стремежот за ефикасност да не го загрозува интегритетот на рамката за управување со ризик.
Финансиската индустрија се наоѓа на почетокот на новата ера каде што дигиталната трансформација повеќе не е избор, туку неопходност. Финансиските институции кои умешно и успешно ги интегрираат дигиталните алатки во нивните функции на управување со средствата остануваат добро опремени да управуваат со ризиците, да ги исполнат регулаторните барања и да одржат и да поттикнат раст во динамично пазарно опкружување.