Општество
„Независност на судството“ – украсна флоскула, општествена вредност или сон на една младост?
Калина Миљовска | Авторот е правен експерт во Стопанска комора
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јули 2024г.
Како дете, родено и растено во СФРЈ, веројатно прв пат го слушнав изразот „независно судство“ во далечната 1991 година кога беше усвоен Уставот на РМ. Иако и во Уставот на СФРЈ од 1974 година, во член 219, се зборува за независно судство , контекстот на еднопартискиот систем и самоуправувањето не го отсликуваше тоа бидејќи судиите беа членови на Сојузот на комунистите. Од друга страна, пак, сите беа членови на истата парија, така што изразен поларитет немаше, само пристрасност кон „одржување на духот на самоуправувањето“ и принципите на партијата (во чии рамки и се зборува за независност на судството).
Во 1991 година, со донесувањето на Уставот на независна Македонија, одеднаш почна да зуи оваа фраза во медиумите како некој бел шум кој требаше да означува промена. Како средношколка не го разбирав сето тоа сосема, ама онака – имаше демократски и модерен призвук. Неколку години подоцна, во темнината на Амфитеатар 2 на Правниот факултет во Скопје, како просветлување разбрав што значи овој исказ навистина. Како вљубеник во правото бев неверојатно горда и возбудена што кај нас, во нашата мала Македонија, тоа е уредено со Устав, издигнато на ниво на темелна вредност. Најмногу ме радуваше тоа што според правната теорија, никој, никогаш, не смее да постапува спротивно, бидејќи нели – Уставот е документ над сите партии и закони, документ кој сите заедно го изгласаа, со кој сите се согласија и кој беше донесен за да нè заштити, за да нè обележи, да нè „установи“ како држава.
Денес го немам тој ентузијазам, имам едно празно чувство на индиферентност, дури и кога некој ќе ме праша „Што си по професија?“ земам длабок здив пред тивко да одговорам гледајќи во земја: „Правник“.
Што се случи? Каде исчезна сонот за правна држава, независност на судството, владеење на правото, „светоста“ на Уставот? Не, не набројувам празни фрази и украсни флоскули за да звучам паметно, овие кованици навистина значат нешто, имаат тежина и нивното разбирање како празни фрази и флоскули има последици...
Кога не ви е јасно што не е во ред – вратете се кон основите (“Back to the basics”)
Независноста на судството е камен-темелник на фер и непристрасен правен систем и постојат неколку причини зошто тоа е важно.
1. Без независност на судството не постои доверба на јавноста во правниот систем.
2. Без независност на судството не постои правна сигурност. Правната сигурност означува пристапност кон законот. Законот мора да биде сигурен, предвидлив и лесно разбирлив. Основните принципи како nullum crimen sine lege/nulla poena sine lege или неретроактивноста на кривичното право се бедем на правната сигурност.
3. Без независност на судството, демократскиот концепт на поделбата на власта меѓу судството, законодавството и извршните гранки на владата е илузорен. Овој концепт има круцијално значење за спречување на премногу моќна власт на која било гранка на власта и е обезбедување дека секоја власт ќе одговара пред останатите.
4. Кога судството е поларизирано, не е во состојба да бара одговорност и отчет за работата на другите владини и јавни функционери, што помага да се обезбеди дека оние кои се на власт се одговорни за нивните постапки и дека законот се применува без оглед на околностите.
5. Пристрaсното судство не е во состојба да ги штити правата на поединците осигурувајќи се дека судиите можат да носат непристрасни одлуки врз основа на законот и фактите на случајот, без страв од политичко мешање или притисок од другите гранки на владата. Пристрасноста на судството не ја праќа пораката дека сите се третираат фер и подеднакво пред законот.
6. И, секако, без независност на судството немаме „владеење на правото“, туку спротивно – имаме „владеење со правото“ (Rule of Law, vs. Rule by Law), а тоа укажува дека одлуките, законите наместо да ја изразуваат волјата на мнозинството, тие се „натурени“ на граѓаните, а со тоа се овозможува произволно креирање и примена на законот, исклучувајќи ја можноста за оспорување на неговата валидност или неговата примена. Владеење со правото е концепт по кој владејачката структура е над законот и има моќ да создава и да спроведува закон онаму каде што смета дека е погодно и покрај ефектот што го има врз основните права и слободи и останатите темелни вредности. Ова е метод што извесни владејачки структури го користат за да го обликуваат однесувањето на луѓето и има крајна цел психолошки или насилно да ги убеди граѓаните да ги прифатат политичките одлуки кои инаку не би ги прифатиле.
Со занемарување на основните правни принципи и спроведување на филозофијата „само еднаш, сега мора така, таква е ситуацијата, неопходно е за доброто на сите“, самите си пукаме во колено. Никогаш прекршувањето на Уставот не е добро за сите. Кога-тогаш сите ќе се најдеме на оваа или онаа страна на системот и за тоа и ни треба – систем, правичен, принципиелен, нескршлив. Затоа и ни требаат судии: независни, чесни, образовани чувари на правото.
И така се чини сосема едноставно, со елиминирање на чуварот на правото, се враќаме кон основите, кон традицијата... стануваме „село без кучиња“ во кое „кадија те тужи, кадија те суди“ и каде што „сила бога не моли“. И со приближувањето кон овие древни, за нас, за жал, традиционални фрази, мојот младешки сон за своевремено модерното гесло за „независно судство“ паѓа во заборав.
Независноста и непристрасноста на судството се суштински за јавната перцепција за правдата во која, и покрај сè − сè уште верувам. Се надевам дека факултетското просветлување на мојот син – иден правник, нема да се сведе на флоскула, туку на вистинска темелна, општествена вредност и дека класичната формула: „правдата не само што мора да се спроведува туку и да се гледа дека се спроведува“ ќе ја обележи неговата иднина − во секоја смисла.