Финансии / Банкарство
ХРВАТСКА ГИ УКИНУВА „ДАНОЧНИТЕ ОАЗИ“ ЗА КРАТКОРОЧНОТО ИЗНАЈМУВАЊЕ НА АПАРТМАНИ, со даночната реформа се предвидени и други промени
29.08.2024
Хрватската влада одлучи да воведeна данок на недвижности и во првата фаза ќе се однесува само на куќите за одмор, изјави министерот за финансии Марко Приморац.
Новиот данок нема да се наплатува за недвижностите во кои се живее и за оние кои најмалку 10 месеци годишно изнајмуваат некоја недвижност. Оваа фискална обврска се однесува на граѓаните кои се занимаваат со краткорочно изнајмување на недвижности.
Исто така, се зголемува и досегашната долна и горна граница на оданочување. Според неофицијалните информации, горната граница на данокот на недвижности ќе се дуплира од сегашните пет евра за метар квадратен простор на 10 евра.
- Ќе се зголеми даночното оптоварување на краткорочното изнајмување во туризмот, кој досега се плаќаше како паушал. Тоа беа смешни износи и со тоа се создаваа даночни оази за изнајмувачите на недвижностите, изјави министерот Приморац.
Со даночната реформа се опфатени и други даночни измени. Се предлага зголемување висината на личните даночни ослободувања на 600 евра. Иселениците кои сакаат да се вратат во Хрватска извесен период нема да плаќаат данок на доход, објави „Индекс“.
фото freepic