Финансии / Банкарство
ЕБОР, ЕУ и Јапонија ги поддржуваат инвестициите во енергетска ефикасност во Македонија
23.07.2024
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри кредит на Комерцијална Банка АД Скопје за зелено финансирање. Кредитот на ЕБОР, во износ од ЕУР 3,5 милиони под Програмата за финансирање на зелена економија (Green Economy Financing Facility-GEFF) ќе поддржи инвестиции од енергетската ефикасност на домаќинствата, колективното домување, производители на производи за зелена енергија и ентитети кои даваат услуги во секторот на зелената енергија. Проектот е ко-финансиран од Европската Унија (ЕУ) и Јапонија.
Договорот за кредит е потпишан од Одил Рено-Басо, Претседател на ЕБОР, и Маја Стевкова Штериева, Главен Финансов Директор на Комерцијална Банка АД Скопје, заедно со Член на Бордот на Директори.
- Горди сме што ја продолжуваме поддршката на Северна Македонија во транзицијата на зелена енергија, преку финансирање на енергетски-ефикасни надградби на станбените згради, кои се најголеми консументи на енергија во земјата. Покрај тоа што овој проект придонесува кон зелена и одржлива иднина на Северна Македонија, истиот обезбедува директни бенефити за граѓаните. Со намалување на сметките за енергија, и обезбедување на покомфорни домови, инвестициите значително го подобруваат квалитетот на живеење, изјави Рено-Басо.
Овој кредит на Комерцијалана банка АД Скопје, одобрен под ГЕФФ Програмата ќе поддржи зелени технологии со високи перформанси, како и материјали и решенија за домување и згради во приватна сопственост. Инвестициите во опрема која заштедува енергија, како што е изолација, прозорци, топлотни пумпи и соларни панели, ќе ги намалат емисиите на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина, ќе се намалат трошоците за енергија и ќе се подобри квалитетот на живот на станарите. Овие мерки ќе помогнат во справување со високите емисии на енергија и интензитет на јаглерод во станбениот и јавниот сектор во Северна Македонија.
- Ми претставува задоволство што Комерцијална Банка повторно придонесува во успешната имплементација на ГЕФФ програмата во нашата земја. Оваа поддршка на зелени кредити е мошне значајна, бидејќи ги прави домаќинствата со економски ефикасни капацитети и го подобрува квалитетот на живеење. Горди сме што оваа нова понуда на кредити за енергетска ефикасност на домовите, ќе помогне во намалување на товарот врз семејните буџети, придонесувајќи кон напорите за справување со предизвиците од климатските промени, и помагајќи во создавање на поздрава и почиста околина, изјави Стевкова Штериева.
Комерцијална Банка АД Скопје ќе добие техничка помош за воспоставување на нов финансиски модел согласно потребите за зелени кредити во станбениот сектор. Ќе биде понудена поддршка на повеќе ентитети, како што се градежните компании и продавачи/производители на зелени технологии, со цел да се зајакне зелената транзиција во целиот станбени сектор.
Со кредитот ќе се олесни пристапот кон зелената економска транзиција на Банката, а истиот е поддржан од Јапонија-Фонд за соработка на ЕБОР и ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework-WBIF) .
ГЕФФ Програмата на ЕБОР до сега има помогнато во подобрување на енергетската ефикасност во над 18.000 домаќинства во регионот на Западен Балкан.
Програмата е поддржана од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како дел од Регионалната програма за енергетска ефикасност (Regional Energy Efficiency Programme), како и од билатералните донатори.
фото freepic