Собранието на Република Србија денеска ќе одржи вонредна седница на која на дневен ред се повеќе закони за задолжување на земјата со 1,16 милијарди евра, кои ќе бидат наменети за развој на инфраструктурата во земјата.
Најголемиот заем се однесува за изградба на Националниот стадион, за што ќе биде подигнат кредит од Поштенската штедилница во износ од 360 милиони евра. За изградба на канализациона мрежа во неколку локални самоуправи, Србија ќе се задолжи со 184 милиони евра од Банката на Кина. Овој проект се однесува на развојот на системот на прочистување на отпадните води во Србија. Овој кредит ќе покрие 85 отсто од трошоците предвидени за втората фаза за реализацијата на проектот, а 15 отсто ќе бидат издвоени од буџетот на државата.
Од Франција треба да се земе кредит од 121,5 милиони евра за унапредување на електродистрибутивниот систем. Неколку кредити ќе бидат земени од комерцијалните банки, а на собраниската седница ќе биде потврден и заемот во износ од 102 милиони евра за изградба на обиколницата околу Крагујевац. Од друга банка ќе биде подигнат кредит од 100 милиони евра за финансирање на завршните работи на патот Рума-Шабац-Лозница, а од италијанска банка ќе биде подигнат кредит во износ од 128 милиони евра.
За подобрување на ликвидноста на Електростопанство на Србија од италијанската развојна банка ќе се земе кредит од 100 милиони евра. За унапредување на енергетската ефикасност во Србија ќе се земат и две позајмици во износ од 50 и од 20 милиони евра од германската развојна банка.
На седницата на српскиот парламент ќе биде потврден и законот за измена на условите за веќе договорените кредити од Обединетите Арапски Емирати, за двете задолжувања по милијарда долари. Пратениците треба да дадат согласност за продолжување на рокот за отплата на кредитите, како и за зголемување на каматната стапка на 4 отсто, објави „Форбс.ср“.
фото freepic