Финансии / Банкарство

ЕЦБ е загрижена за заздравувањето на економијата во еврозоната

04.07.2024

Европската централна банка (ЕЦБ) е загрижена околу економското заздравување на еврозоната, кое зависи од зголемувањето на приватната потрошувачка, но засега нема сигнали дека тоа ќе се случи во наредниот период. Ова е содржано во информацијата од јунскиот состанок на креаторите на европската монетарна политика.

Некои членови на Управниот одбор на ЕЦБ предупредија дека достапните податоци не даваат јасна слика дека инфлацијата ќе биде намалена на два отсто во 2025 година, предупредувајќи на неочекуван раст на платите и на отпорноста на инфлацијата во секторот на услугите.  

Управниот совет на ЕЦБ одлучи на 6 јуни да ја намали референтната каматна стапка на главните операции за рефинансирање  на 4,25 отсто, каматната стапка на депозитите на 3,75 отсто и маргиналната каматна стапка на 4,50 отсто.

Сите главни каматни стапки се намалени за 25 базични поени. ЕЦБ прогнозираше дека стапката на инфлацијата во еврозоната во 2024 година во просек ќе изнесува 2,5 отсто и ќе се намали на 2,2 отсто во 2025 година и на 1,9 отсто во 2026 година, пренесе „Еуроњуз“.


фото freepic

ПРЕПОРАЧАНО