Интервјуа

100 години Прилепска Пиварница
Изградивме македонски бренд за многу генерации

Интервју со Сашко Самарџиоски, генерален директор на Прилепска Пиварница и Панде Самарџиоска, заменик генерален директор на Прилепска Пиварница

Економија и бизнис | печатено издание | 15 јуни 2024г.

Годинава Прилепска Пиварница одбележува навистина голем јубилеј – 100 години од основањето. Тоа е долг период на успешно функционирање и претставува вистинска реткост на овие простори. Како би го опишале накусо развојниот пат на Прилепска Пиварница од далечната 1924 година, па наваму?

Панде Самарџиоска: Навистина е мал бројот на компании и на брендови на овие простори кои одговориле на предизвиците на времето, на општествените контексти и на потребите на потрошувачите во толкав голем временски период и оттука за нас е посебна чест што оваа година славиме стогодишен јубилеј од постоењето на пиварницата. Вековниот пат бил трнлив, исполнет со безброј предизвици и премрежиња, растежи и падови, но компанијата секој пат се вивнувала кон нови дострели. Од идејата на браќата Грданоски и нивниот партнер Домлески, сите печалбари во Америка, да купат земја од турски земјопоседник и да изградат мануфактурна пиварница во далечната 1924 година, низ потресите на големите економски кризи и Втората светска војна, последователната национализација, трансформацијата во завиден индустриски капацитет благодарение на новиот универзитетски образован кадар во 70-тите години, процесите на приватизација во изменетото општествено уредување и етаблирањето во рамките на новата самостојна држава како модерен индустриски капацитет со најсовремени, автоматизирани технолошки процеси, нajблаго речено е импозантно и за почит. Почит кон стотиците кои го вткајувале својот работен век со дела, со знаење, со посветеност и со одговорност создавајќи квалитетни, препознатливи производи, континурано збогатувајќи го своето портфолио, одговарајќи на потребите и на задоволството на потрошувачите, на институциите и на животната средина. Следејќи го својот развоен континуитет во постојано унапредување на процесите и модернизација во сите сегменти на своето работење, компанијата прерасна во модерен, современ и респектабилен ентитет во нашава земја и надвор од неа.

Како изгледа „личната карта“ на Прилепска Пиварница денес во поглед на главните економски параметри: приходите, бројот на вработени, технолошката опременост на компанијата, извозот итн.?

Сашко Самарџиоски: Денес Прилепска Пиварница претставува компанија која е високо техничко-технолошки развиена во поглед на производството, со иновативен маркетинг и модерно развиени продажба и продажна мрежа. Во рамките на компанијата работат 270 вработени директно вклучени во процесите на компанијата, но исто така има и уште дополнително 300 вработени кои на индиректен начин се дел од компанијата (надворешни компании кои работат за потребите и за работните процеси на Прилепска Пиварница). Што се однесува до финансиските параметри, минатата година ја завршивме со нето-приходи од 35 милиони евра, пораст од 14 % во споредба со претходната година и нето-профит од 2 милиони евра, пораст од 58 %. Очекуваме оваа година да продолжиме со исто темпо и да поставиме нови рекорди што се однесува до приходите. За таа цел очекуваме да се зголемат продажните резултати како на домашниот пазар така и надвор од нашава држава. И сите ресурси се поставени за да се остварат овие цели.

Вашата компанија е еден од главните носители на економската активност во Општина Прилеп и е дел од македонските компании на кои се потпира развојот на државава. Каков е вашиот однос кон пошироката општествена заедница?

Панде Самарџиоска: Во текот на своето вековно постоење, пиварницата била постојано препознавана како своја од страна на градот. И во времиња и во невремиња, Прилепската Пиварница била постојан и одговорен поддржувач на речиси сите општествени сегменти и на јавниот живот во градот. Како општествено одговорна компанија, со спонзорства и со донации редовно поддржува културни манифестации, образовни и научни проекти, спортски настани, верски објекти, здравствени установи, институции итн. и во градот и пошироко во татковината. Понатаму, континуирано инвестирајќи во производна опрема од светски реномирани производители, пиварницата едновремено вложува во современи екотехнологии и интензивно работејќи на подобрување на својата енергетска ефикасност постигнува значителен прогрес на патот на зелената трансформација со што сериозно стои на браникот на зачувување на здравата животна средина. Како општествено одговорна компанија, пиварницата е редовен поддржувач и на екопроектите во нашава земја.

Прилепска Пиварница денес претставува македонски бренд во производството на пиво и на безалкохолни пијалаци во земјава и во регионот. Што е тоа што го издвојува брендот и го прави препознатлив кај потрошувачите?

Панде Самарџиоска: Комплексна е таа сложувалка, составена од низа паралелни и последователни, добро осмислени, континуирани и координирани активности во повеќе сегменти од работењето за кој било производ да стане препознатлив бренд кај потрошувачите. Се разбира, во основа и приоритетно производот мора да биде квалитетен и стандарден во своите перформанси, спакуван во модерна, практична, безбедна, естетска амбалажа. Но, создавањето и градењето еден препознатлив бренд е многу покомплексно и посеопфатно од самото производство на квалитетен производ. Тоа е континуиран, одговорен, посветен, креативен и иновативен ангажман не само на реализаторите на производните процеси туку и на армијата вработени во областа на маркетингот, на логистиката и на продажбата. Секој сегмент во синџирот на активности и во процесите за производот да биде посакуван избор и да ги задоволи потребите и очекувањата на консументите е еднакво, енормно важен. Повеќето вака изградени, добро позиционирани и претпочитани брендови на пазарот, возвратно го градат и го издигнуваат реномето на компанијата. Натаму, дејствувањето на пиварницата како општествено одговорна компанија го збогатува нејзиното реноме и таа е ценета и е препознаена како бренд во својата област.

Како го оценувате амбиентот за водење бизнис во земјава генерално, но и од аспект на една важна производствена компанија како вашата? Дали постои доволна предвидливост за да можат да се планираат и да се реализираат бизнис-активностите? Што е она што треба да го направи новата влада за да имаме подобар бизнис-амбиент?

Сашко Самарџиоски: Во основа, за да имаме компании кои ќе преформираат на високо ниво и во континуитет ќе остваруваат добри резултати, предуслов е да има здрава и сигурна клима за водење бизнис во државава. На жалост, во сите овие 30--тина години од осамостојувањето, па до ден-денес не можеме да се пофалиме дека изградивме таква клима. Причините можеме да кажеме дека се од објективна природа (на кои како држава немавме влијание), но и од субјективна (на кои можевме и моравме да реагираме). Да се предвиди една светска финансиска криза или затворање на цела економија поради појава на пандемија сигурно дека не беше можно и малку кој можеше нешто да направи повеќе за да се избегне или да се надмине настанатата ситуација. Но, да се носат ад хок закони без претходни консултации со бизнис-заедницата, некогаш со ретроактивно дејство или пак под закрила на европско знаменце, а да се далеку од сето тоа и кои директно имаат финансиско влијание на тековното работење на компаниите, мислам дека е само резултат на субјективизам и ништо повеќе од тоа.
Сметам дека крајно време е новата влада сериозно да се зафати со поставување на нејзините основни постулати на дејствување, а тоа е поставување на правниот систем на државава, на економијата, на борбата со корупцијата и поставување на функционална администрација. Мислам дека без да постои постојана вистинска конекција меѓу владините економски сектори и бизнис-заедницата во носењето на економските политики во државава нема да се поместиме ни милиметар од местото каде што сме, а тоа автоматски значи да се оддалечиме од државите спрема кои гравитираме и ЕУ како крајна дестинација. Кај нас секоја влада сака да се прикаже дека соработувала со бизнис-секторот, но да бидеме искрени, никогаш тоа не било вистинска и искрена соработка туку проформа, колку да се запази принципот на инклузивност, а одлуките се носеле како што биле претходно зацртани во некој кабинет. Тоа еднаш мора да се промени од корен.



Како гледате на даночните стапки и на акцизите за производите на индустријата за производство на пиво и на безалкохолни пијалаци? Што да се направи на тој план? Во некои европски земји се размислува за намалување на давачките за угостителскиот и за туристичкиот сектор со цел поттикнување на нивниот развој и развојот на индустриите што го помагаат тој сектор.

Сашко Самарџиоски: Кога зборувам за вистинска конекција со владата, мислам токму на тоа секоја индустриска гранка да си има своја специфика и барања како смета дека треба да бидат поставени владините политики во таа одредена област. Не може да имаме законски решенија по принципот едно за сè. На пример, во нашава индустрија, пиварската, упорно се убедуваме сите овие 30-тина години дека имаме највисоки даночни оптоварувања на пивото како пијалак во споредба со европските држави и нашите соседи, а најниска консумација на пиво по глава на жител во цела Европа, но никој ниеднаш сериозно не најде за згодно да преземе чекор кон намалување на акцизата. И кога даваме пред релевантните министерства цела студија каков е нашиот пазар на пиво во споредба со нашите соседи и дека при ваква констелација на односите сите губиме, едноставно се нема доволно чувство за да бидеме искрено разбрани и да се сменат работите. Дефинитивно ние имаме најскапа цена на пивото наспроти стандардот на консументите во компарација со земјите од цел Балкан само поради енормно високите акцизни давачки кои ги наплаќа државава. Доколку сака владата да нè послуша и да ги намали ацизните оптоварувања на овој производ, ви гарантирам дека ќе се зголеми потрошувачката на пиво во државава, а преку зголемена потрошувачка вкупно наплатените даноци ќе бидат повисоки за државава. Тоа би било вин-вин ситуација. Да не спомнувам дека има уште и многу други вонекономски мерки и ограничувања кои постојат, а го кочат и растот и развојот на оваа индустрија.

Каква е позицијата на Прилепска Пиварница во однос на извозот? На кои странски пазари продавате и што мислите дека би требало да направи државава во делот на политиката за поддршка на извозот за што поголемо присуство на македонски производи на странските пазари? Како да ја зголемиме и регионалната соработка?

Самарџиоски Сашко: Прилепска Пиварница како компанија е техничко и технолошки една од најсовремените и најмодерните пиварници во регионот, а самото тоа подразбира дека секогаш можеме да произведеме и да пласираме на пазарот, домашниот и странскиот, висококвалитетни производи кои можат да ги задоволат и најпребирливите вкусови на потрошувачите. Нашите производи веќе можат да се најдат на пазарите во: Австралија, Германија, Австрија, Швајцарија, Малта, Албанија и САД. Секако дека потенцијалот е многу поголем и ние никогаш не сме задоволни колку можеме, а колку сме застапени на пазарите надвор од Македонија. Предизвикот секогаш постои и политиката на менаџментот е сè повеќе и повеќе да ги отвора пазарите пред сè во регионот, па и пошироко. Секако, тука отворена е и можноста за регионални соработки со потенцијални партнери од државите околу нас − соработки со компании од логистичката сфера, но и партнерства со одредени големи синџири на купувачи кои имаат интерес за нашите производи. Можности има многу и треба да се искористат сите потенцијали. Многу битно е и нашава држава да работи на зближување на односите со сите држави околу нас, па и пошироко за да се олесни патот за поблиска соработка меѓу компаниите. Сите влади од регионот сметам дека доколку се занимаваат пред сè со економијата и со подобрување на стандардот на населението, сите ние ќе имаме поубав и помирен живот, а луѓето меѓу себе полесно ќе се разбираат и ќе се надминат сите недоразбирања кои постојат сега. Но, изгледа дека на многу поединци тоа не им одговара затоа што можноста за манипулирање со народот е поголема колку што неговиот стандард е понизок.

Македонската економија се соочува со одлив на работна сила. Како се справувате со овој предизвик?

Сашко Самарџиоски: Резултат од нискиот животен стандард за кој зборувам погоре е поделеноста меѓу народот, нефункционалност на системот на државава и неминовно иселување на младата популација. Со таквото иселување државава неколкукратно е во загуба, а со тоа и сите ние (мислам на компанииите). Едноставно се намалува работоспособното население, популација која во исто време е и најголем потрошувач, па државава го губи потенцијалот за зголемување на домашната потрошувачка, а преку тоа и наплатата на повеќе даноци, а ние компаниите ги губиме најработоспособното население и најдобрите потрошувачи. Дефинитивно една од задачите на новата влада е преку носење на низа мерки и законски решенија да успее да го заузда бранот на одлив на работната сила во странство и преку економски стимулации и коригирање на целиот систем, пред сè, владеење на правото, образованието и здравството, за да успееме да ги задржиме младите да останат дома и да бидат вработени во домашни компании. Ние правиме максимални напори преку соодветни мерки, инвестиции во нивното знање и усовршување, како и преку цел пакет на бенефиции да бидиме атрактивни за нашите сегашни и идни вработени за да можеме да планираме раст и развој на компанијата. Знам дека и многу други компании го прават истото ова, но без да се вклучи државава со своја политика на мерки, нашите напори нема да дадат плод затоа што не сме ние тие кои можат да го променат образовниот систем или да почне да функционира здравствениот. Ние не можеме да направиме правото да важи исто за секој и секаде во оваа држава. А тоа се едни од главните причини за одлив на нашите луѓе во странство. Сега веќе платите не се главната причина за заминување од државава, туку нефункционалниот систем.

Во јуни 2024 година зачекорувате во вториот век од континуираното и успешно функционирање. Кои се вашите идни планови за „новиот век на компанијата“?

Панде Самарџиоска: Стратегиските цели на компанијата се да го продолжи својот зацртан развоен пат преку збогатување на своето производно и продажно портфолио, да го зацврсти и да го прошири својот извозен потенцијал постојано унапредувајќи ги односите со сите заинтересирани страни, креирајќи партнерски однос и квалитетна соработка заради заедничко задоволство и постигнување долгорочен прогрес, почитувајќи ги етичките и правните начела. Грижата за своите вработени и исполнувањето на барањата и на задоволството на консументите останува да биде постојан, врвен приоритет на компанијата. Без мегаломанија и распламтени апетити, фокусирано и одговорно да чекори по својот етаблиран развоен пат, зачувувајќи ги својот интегритет и реноме на препознаена и ценета општествено одговорна компанија.

За крај на ова интервју не можеме, а да не го спомнеме вашиот татко, Кирил Самарџиоски, кој се вгради себеси во развојот на Прилепска Пиварница. Тој е една од маркантните фигури во бизнис-историјата на земјава. Колкав беше предизвикот да се продолжи успешно по патеката која тој ја зацрта?

Панде Самарџиоска: Кога се приклучи на пиварницата во 70-тите години на минатиот век, како прв дипломиран инженер технолог, Кирил Самарџиоски, нашиот родител, со себе донесе визија која го трансформираше работењето на компанијата и го издигна до нови височини. Беше вистински пионер, предводник во модернизацијата на технологијата и на процесите воопшто. Неговото влијание се протега многу подалеку од технолошкиот напредок што тој го бранеше; се наоѓа во културата на извонредност и иновативност, творештво и достоинство, што е вградено во нашата пиварница и денес. Имајќи го предвид неговиот влог во компанијата, беспоштедно посветувајќи најголем дел од својот живот на нејзиниот опстанок и развој, раководењето во сегашноста за нас двајцата е траен завет кон минатото и фундаментален поттик за нови, следни дострели во сите сегменти на дејствување на компанијата. Во време на слободни и на висококомпетитивни пазари, кога предизвиците и борбата се постојани, вредна, обврзувачка и инспиративна одговорност за нас, кои сме на чело на компанијата од 2007 година, е да ги потврдиме континуитетот, стабилноста, развојната компонента, имиџот на фирмата и на производите, одговарајќи на потребите на сите заинтересирани страни. До овој момент, верувам, вредно го оправдуваме вековниот завет кој ќе остане и за следните генерации.

ПРЕПОРАЧАНО