Финансии / Банкарство

Анкета на Народна банка: Очекувања за инфлација од 3,9 отсто и за понизок раст од 2,3 отсто

01.07.2024

Пониска просечна стапка на инфлација од 3,9 отсто и понизок економски раст од 2,3 отсто за 2024 година, се резултатите од Анкета за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП, за јуни 2024 година. Економските аналитичари и натаму ги поврзуваат ваквите очекувања пред сѐ со постепеното забавување на годишниот раст на цените во последниот период, додека најголемите ризици се поврзуваат со воениот судир во Украина, конфликтот на Блискиот Исток, како и влијанието на климатските промени, при што нагласуваат дека сѐ уште постои висока неизвесност околу текот на идните случувања. Во однос на инфлацијата, испитаниците и натаму очекуваат нејзино постепено забавување, се наведува во информацијата на Народна банка на Македонија.

Во споредба со претходната анкета, испитаниците во оваа анкета очекуваат малку пониска просечна стапка на инфлација од 3,9% за 2024 година (4,1% во претходната анкета), при непроменети очекувања за 2025 година (3%) и слични очекувања за 2026 година (2,7%, наспроти 2,6% во претходната анкета). Испитаниците и натаму очекуваат поумерени притисоци врз инфлацијата како резултат на постепеното стабилизирање на цените нa храната и енергентите, а исто така се очекува дека за забавување на инфлацијата ќе придонесат и мерките преземени од носителите на политиките, како и забавувањето на странската инфлација. 

Во поглед на економската активност, кај очекуваната стапка на раст е направена мала надолна корекција. Така, испитаниците очекуваат економски раст од 2,3% оваа година (2,6% во претходната анкета), 3,1% за 2025 година (3,3% во претходната анкета), а за 2026 година се очекува раст од 3,7% (3,8% во претходната анкета). Во однос на факторите, испитаниците и во оваа анкета ги посочуваат влошените изгледи за раст на економиите на главните трговски партнери, неизвесноста од идниот тек на војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток и климатските промени и нивното влијание врз синџирите на снабдување. Неповолно може да делува и воздржаноста на домашните и на странските инвеститори, при затегната монетарна политика во глобални рамки и натамошен раст на трошоците за финансирање. Исто така, испитаниците и натаму ја наведуваат неизвесноста поврзана со текот на преговорите со ЕУ како можен фактор на ограничување на економскиот раст во следниот период.

Од друга страна, испитаниците сметаат дека по завршувањето на изборниот процес и формирањето нова влада би можело да дојде до надминување на неизвесноста на домашната политичка сцена и би се продолжило со забрзано спроведување на инвестициските проекти, пред сѐ поврзани со патната инфраструктура и во енергетскиот сектор. Исто така, постепеното стабилизирање на инфлацијата, а со тоа и евентуалното намалување на каматните стапки, како и растот на платите и пензиите, би можеле да придонесат за раст на личната потрошувачка и инвестициите, што би се одразило позитивно врз економскиот раст, се наведува во информацијата на Народна банка на Македонија. 

ПРЕПОРАЧАНО