Финансии / Банкарство
Германија отпишала 16 милијарди евра долгови на странски држави
13.06.2024
Од 2000 година Германија им ги простила долговите на странски држави во износ од 15,8 милијарди евра. На овој список за отпишани долгови се наоѓаат 52 држави, а најголемиот износ од 4,7 милијарди евра се однесува на Ирак, се наведува во одговорот на Министерството за финансии на Германија на прашањето кое беше поставено од пратеникот Штефан Бранднера од Алтернатива за Германија (АФД), објави агенцијата ДПА.
Германија отпишала и долгови на Нигерија во износ од 2,4 милијарди евра и 1,2 милијарди евра на Камерун. На списокот на должници кон Германија се наоѓаат 70 земји, а вкупниот долг со состојба од 31 декември 2023 година, изнесува 12,2 милијарди евра. Најголеми должници се Египет (1,5 милијарди евра), Индија (1,1 милијарди евра) и Зимбабве (899 милиони евра).
- Целта на отпишувањето на долгот е да се постигне и да се зачува макроекономската стабилност и земјите должници да можат остварат одржливост на долгот. Покрај ова, им се помага на презадолжените сиромашни земји во борбата против сиромаштијата, се наведува во одговорот на Министерството за финансии на Германија.
Отпишаните долгови се однесуваат на преземени финансиски обврски или за побарувања на германските извозници и кредитори, пред се од банките, кои биле направени во 1980 година, пренесе „Бизнис.рс“.