Интервјуа

Публиката е суштински дел од нашиот простор

Интервју со Дејан Милевски, еден од основачите на Лабораториум

Економија и бизнис | печатено издание | 15 април 2024г.

Концерти, театарски претстави, диџеј сетови, божиќен базар, промоција на книги, неделни работилници за занаетчиство и за садење цвеќиња, соработка со Амбасадата на Швајцарија, кафетерија, изложбен простор, за само неколку месеци од отворањето не престануваат активностите во просторите на Лабораториум. Се чини дека во Скопје едвај се чекаше да се случи простор како овој – алтернативен, совршен за неверојатен диверзитет на настани. Со вткаена синергија и автентичност, тука секој кој бега од баналноста на истата понуда насекаде може да си најде излегување збогатено со креативна содржина.
Тоа го потврдува и (ќе си дозволам да го наречам) манифестот кој може да се види на видеото на овој, како што е напишано, ЕДукативЕН КУЛтурен ЦЕНТАР.
„(...) некогаш се чувствувам како да не припаѓам, ми треба простор каде што ќе се поврзам со луѓето, но и со некој неочекуван, сакам да научам нова вештина, но не знам што (...)
Ми треба простор во кој се чувствувам како дома (...) каде што ќе биде гласно колку што сакам, каде што нема да бидам само посматрач, каде што можам да заработувам од мојата уметност, но без да ја загрозам мојата креативност, каде што мојот моден избор ги крши бариерите, каде што можеш да бидеш храбар, место кое постојано се менува, каде што ќе ги тестирам моите граници (...) Каде што можам да слушнам приказна од различна перспектива, фабрика за идеи која ќе стане реалност (...)“
Во рамките на овој простор неодамна беше сместен и ЛАБ дизајн маркет, во организација на Драган Христов, дизајнер и куратор на ЛАБ дизајн маркет. Задоволство ми е да разговарам со него и со Дејан Милевски, еден од основачите на Лабораториум.



 

Дејан, во Лабораториум има диџеј сетови, ако сакате пијалак сами ќе си одите до барот, а декорот е винтиџ/хипстерски. Атмосферата нуди огромен потенцијал за разни креативни настани. Па како дојдовте на идеја за Лабораториум? Во што сè може да ужива публиката кога ќе дојде кај вас?

Д. Милевски: Идејата зад мултифункционален простор се согледува и преку самиот ентериер – резултат на соработка и работилници со млади уметници од разни дисциплини, место каде што нема само да дојдеш и да креираш нешто, туку просторот ќе го креираш со заедница која функционира во симбиоза. Појдовната идеја беше строго едукативна, потреба од дуално образование во системот бидејќи кај младите се гледа недостатокот во вештини, недостаток во познавање на различни занаети. Изумираат работите кои се многу суштински, меѓутоа не се сметаат за интересни и атрактивни, иако нудат многу бенефити на лично и на општествено ниво. Меѓутоа, со тек на време согледавме дека и креативно-уметничката сцена има голема потреба од нов простор и нова енергија и така дојдовме до финалниот производ – Културно-едукативниот центар Лабораториум. Не е дека нема места во градот, токму спротивното, но претежно се места каде што луѓето можат да дојдат и да настапуваат или да изложуваат нешто, многу ретко се места каде што можат колаборативно и кокреативно да се состанат како комуна. На пример, постојат многу такви места за ИТ-секторот, едно од нив е и Нетавил (Netaville) на кој сум еден од идејните креатори, на што сум посебно горд, меѓутоа нема толку за креативни индустрии. Сметаме дека токму тие се важни за општеството, па сакаме да пробаме да направиме еден простор во кој ќе може да се направи популаризирање на заборавените занаети. Во кратки црти, публиката на Лабораториум може да ужива во најразновидни културни и едукативни активности, но пред сè, публиката не е само публика, туку суштински дел од нашиот простор кој тежнее да го направи секој нов посетител дел од нашата идеја на заедништво.

Независноста во алтернативни активности кај нас е голем предизвик. Дали имате поддршка во финансирањето?

Д. Милевски: Лабораториум е регистрирано како профитно друштво, приватна компанија. Ова подразбира дека зад нашата амбиција за креирање на центар каде што ќе се спојат културата и едукацијата има и некоја бизнис-логика. Имаме изработено бизнис-план кој е многу амбициозен, но изводлив. Значи, почнавме со приватна инвестиција, но сепак сигурно во еден момент ќе ни треба поддршка и од разни организации, институции, компании, кои ќе ја препознаат нашата амбиција и ќе ни се приклучат во идејата да го зголемиме квалитетот на настаните и да овозможиме простор каде што младите ќе имаат место за културно да се изразуваат и да се едуцираат.
Со други зборови, ние поставивме шини, ставивме локомотива, еве сега ставаме неколку вагони и тргнуваме… Кој е заинтересиран може да ни се придружи, т. е. да приклучува вагони на нашата композиција и да се вози заедно со нас.
А бидејќи целта ни е да им овозможиме простор за креативно изразување на младите, кои најчесто се лимитирани со финансиски средства, планот е ние заедно со останатите кои имаат финансиски средства (компании, организации, институции и сл.) да ги дофинансираме нивните проекти. Најблиску до нас е методологијата на Робин Худ: земаме од богатите да им дадеме на сиромашните :) .
Како што го срочи нашиот драг пријател и поддржувач на Лабораториум, Мирко Попов, „дури и извонредно успешни средини во Скопје не се имуни на закани по квалитетот на нивната работа и оттука самиот факт што Лабораториум е културен центар во приватна сопственост е иновативно само по себе“.

Во вашето минато веќе сте работеле со експериментални и иновативни простори во срцето на Скопје. Ја паметам прекрасната винтиџ продавница „Ре: стор“ (Re: store) со дизајн конципиран како шармантна старинска улица со калдрма. Сега сте во пространството на сега веќе затворената печатница на Нова Македонија. Како се чувствувате, дали постепено се остваруваат вашите идеи, кои се плановите за иднина?

Д. Милевски: Нашиот простор е уникатно решение целосно фокусирано на поддршката и на развивањето на културниот и на едукативниот свет во Скопје со цел да покажеме дека креативните индустрии и независната сцена можат да бидат подобни за работа и многу потребни за позитивниот развој на градот.
Сметаме дека за краткиот период во кој постоиме успеавме да ја претставиме нашата цел пред различна публика и со тоа привлековме многу локални креативци кои сè повеќе се залагаат за нашите цели. Иднината несомнено ќе носи предизвици, но уште повеќе од тоа ќе носи една свежа програма која очекуваме да го размрда градот. За да не откриеме премногу, ве покануваме на посета и на разговор во кафетеријата, на работилница во училницата или на креатива во големата хала.
Планот за во блиска иднина е развивање на нашиот „прототип“ Лабораториум во концепт платформа-движење, кој ќе го оправда самото име, име кое треба да наговести дека станува збор за едно експериментално место каде што сите креативни идеи ќе можат да се реализираат.


Целиот прилог од печатеното издание можете да го прочитате на следниот ЛИНК

 

ПРЕПОРАЧАНО