Интервјуа
Јаковљевиќ: Светот без чад и без цигари станува дел од нашето секојдневие
Мега интервју со Александар Јаковљевиќ, генерален директор на Филип Морис Интернешнал (ФМИ) за Југоисточна Европа
Економија и бизнис | печатено издание | 15 мај 2024г.
Сè околу нас брзо се менува и со тоа се менува и свеста на пушачите, но и на непушачите. Главната пречка на тој пат, кога станува збор за пушењето, е погрешната информираност и недовербата во кој било вид на намалување на штети.
Колку сте задоволни од остварувањето на визијата на Филип Морис да креира свет без чад преку алтернативни тутунски производи?
А. Јаковљевиќ: Кога пред десетина години објавивме дека компанијата Филип Морис целосно ја менува својата парадигма и од традиционален производител на цигари се трансформира во производител на модерни технолошки уреди и производи, кои овозможуваат помалку штетна консумација на никотин, тоа тврдење звучеше многу драматично и беше дочекано со недоверба. Десет години подоцна, во нашата трансформација веруваат многу поголем број луѓе, што се потврдува со растечкиот број на корисници во светот, кои ја поддржуваат и ја поттикнуваат, а сето тоа заедно нè приближува до нашата иднина без чад од тутунот.
Но, сите сме свесни дека повеќе од милијарда пушачи нема преку ноќ да престанат да пушат или да преминат на алтернативи. Прво што треба да се совлада е отпорот кој природно е присутен кога станува збор за каква било промена. Како пример ќе ви посочам дека кога се воведуваа безбедносните појаси во автомобилите имаше голем отпор. Имаше многу противници на оваа промена за намалување на штетите со изговор дека на овој начин се нарушува слободата на поединецот и може да се нанесат повреди на вратот и на ’рбетот. Требаше време да помине за да се види и со бројки дека во земјите каде што се воведе задолжителен безбедносен појас бројот на сообраќајни несреќи со смртен исход е драстично намален. Оттогаш овој факт стана реалност. И трансформацијата на тутунската индустрија, престанокот на пушењето или преминот на алтернативи, ќе стане реалност бидејќи бројките говорат во таа насока. Транзиција не е баш омилен збор во земјите од Балканот, но тоа е еден процес кој е позитивен. За да се направи промената следува долг процес на објаснување, на едукација, на презентирање на докази. Тоа е како да браните теза пред своите професори. Нашиот центар на внимание се нашите корисници кои мора да знаат дека имаат подобра алтерантива пред себе.
Неодамна објавениот интегриран извештај за 2023 година го наведува напредокот на ФМИ и во однос на зголемена прифатеност на алтернативите на компанијата, кој сега изнесува вкупно 33 милиони корисници.
Нашата краткорочна цел е заклучно со 2025 година бројот на корисници да се зголеми и да достигне до 40 милиони, додека долгорочната амбиција е дупло да се зголемат вкупните нето-приходи на компанијата, кои ќе доаѓаат од овие алтернативни производи.
Кои пречки стојат на патот во спроведувањето на визијата за иднина без чад и колку менувањето на навиките на потрошувачите влијае врз сето тоа?
А. Јаковљевиќ: Менувањето на навиките е многу тешка работа. Еве да појдеме од секој од нас, колку пати сме рекле од понеделник почнувам да вежбам. И доаѓа понеделник и ништо не се случува. Следната недела исто. Значи, да се смени навика треба да се има намера и да се биде реален за потребата од промена. Исто е и со промената на навиката за пушење. Кога се менува оваа навика, потрошувачот мора да ги има точните информации пред себе, мора да има доверба дека процесот на промена значи подобра опција за него, со намалена штета. Ова се решава само со проактивни кампањи, вклученост на науката и давање точни информации на потрошувачите.
Во април 2019 година, Американската агенција за храна и лекови (ФДА) одобри комерцијализација на IQOS-системот за загревање на тутун во САД по долгогодишна проверка на сите истражувања, а во јули 2020 година Агенцијата дозволи негова комерцијализација во САД како тутунски производ со модифициран ризик (MRTP), наведувајќи дека „се очекува да има корист за здравјето на населението како целина“.
Mакедонските граѓани го следат трендот на преминот од цигари на алтернативи без чад кој започна уште пред 10 години во Италија и во Јапонија и кој во меѓувреме се прошири на вкупно 84 земји во светот. Тоа е благодарение на сè поголемата информираност за алтернативните производи, достапност до научни факти и аргументи, како и пренесување на позитивно искуство од корисниците.

Која е улогата на новиот производ IQOS ILUMA во глобалното портфолио на ФМИ и според што се разликува од претходните уреди IQOS?
А. Јаковљевиќ: Овие уреди се досега најнапреден производ што го имаме во нашето портфолио. Инспирирани се од потребите на нашите корисници бидејќи подобрувањата кои ги направивме, во споредба со претходните генерации на уреди, се според повратните информации од нашите корисници и од пазарот. Големата разлика на овој уред во споредба со претходните генерации е дека првите варијанти на IQOS го загреваа тутунот преку сечилото што се наоѓаше во внатрешноста на уредот поради што беше неопходно чистење.
Новиот IQOS ILUMA го загрева тутунот преку системот на индукција, нема грејни елементи во држачот, па воопшто и нема потреба од чистење на уредот. Оваа иновација го унапредува корисничкото искуство и од неа можат да имаат корист и другите индустрии. Успеавме оваа индукција максимално да ја намалиме за да може да функционира во нашите уреди. Овој процес на минијатуризација е еден од иновативните методи на компанијата, кој може да го искористат и други компании за нивните производи, што потоа ќе ѝ користи на економијата во целина.
Покрај уредите што го загреваат тутунот, кои останати производи без чад се присутни на пазарот на алтернативи?
А. Јаковљевиќ: Овој пазар драстично се развива во последниве две децении. И секоја од алтернативите, иако ниедна не е без ризик, е значајно подобра од продолжување со пушење ако исполнува два главни услови. Првиот е дека е научно докажана како помалку штетна алтернатива и е произведена според највисоки стандарди за квалитет, а другиот е дека е одговорно комерцијализирана, а тука пред сè мислам дека не е достапна за малолетници лица. Кога овие два услова се исполнети и производот претставува прифатлива замена за полнолетните пушачи, тогаш може да зборуваме дека има ефект пристапот за намалување на штетите. Секако, полнолетните пушачи треба да имаат можност да избираат меѓу различните производи, во согласност со своите преференции и вкус, а притоа да бидат и соодветно информирани и едуцирани за да донесат одлука.
Во овој момент, во Македонија, но и глобално, најпознати се уредите што го загреваат тутунот како IQOS и производите што загреваат течност што содржи никотин (познати како вејп и електронските цигари), кои создаваат пареа. Во некои земји, како Шведска и Норвешка, приматот го држат алтернативните производи за орална употреба − никотинските ќесички и снусот. Но, и тука има големи разлики за кои знаат малкумина – снусот е производ кој содржи вистински тутун, додека во никотинските ќесички не е присутен тутунот, туку целулозна смеса која содржи никотин.
Благодарение на овие производи, Шведска е на пат да има помалку од 5 проценти пушачи што, според правилата на Светската здравствена организација, ќе ја направи прва непушачка земја во светот. Стратегијата што Шведска ја применува за да ги намали штетните ефекти од пушењето и да спаси животи се базира на две основи − забрана за пушење во одредени области и прифаќање помалку штетни алтернативи на цигарите. Ова се главните причини поради кои оваа земја има најниска стапка на болести поврзани со пушењето и 41 отсто помала стапка на смртност од тумори предизвикани од пушењето во споредба со земјите од Европската Унија.

Колку научните истражувања, иновациите и употребата на нови технологии се неопходни да се реши проблемот со пушењето на начин што се разликува од претходните конвенционални обиди?
А. Јаковљевиќ: Само иновациите и новите технологии може да донесат позитивни промени. Овој факт е реалност во ФМИ бидејќи покажавме дека со нашите производи може да се помогне во мисијата за свет без чад, во намалување на штетите предизвикани од согорувањето на цигарите. Вака влијаеме на многу фактори во секоја земја, се намалува степенот на пушачи, се преминува на алтернативи кои, иако не се без ризик, сепак се подобри и помалку штетни. Досега вложивме повеќе од 12,5 милијарди долари во истражување, во развој, во комерцијализација и во унапредување на производните капацитети на производите без чад, а во текот на дваесетгодишната истражувачка работа и развој на производи беа вклучени над 1 500 врвни научници и експерти. Некогаш беше незамисливо научниците да работат за една тутунска компанија, денес врвните експерти го применуваат своето знаење да развијат и да усовршат производи кои ќе помогнат во борбата против пушењето како еден од најголемите проблеми за јавното здравје на глобално ниво. Истражувањата на ФМИ се објавени во повеќе од 425 рецензирани публикации, а повеќе од 50 независни студии, вклучително и од релевантни владини истражувачки центри, ги потврдуваат нашите истражувања.
Овој концепт за намалување на штети преку наука и истражување беше поддржан и од македонските научни експерти и академиците на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Преку научни дискусии и два мултидисциплинарни проекти препозната е важноста од употребата на алтернативни производи без чад како еден од начините да се намали штетноста од цигарите и од пушењето. Науката во Северна Македонија досега многу малку се осврнуваше на концептот на намалување на штети при користење на тутунот, а тоа е многу важно прашање кое е препознаено во многу индустриски гранки и токму затоа беа наменети овие проекти. Резултатите од студиите веќе наоѓаат примена и се надеваме дека концептот за намалување на штети ќе може да се примени и кај другите индустрии.
Што претставува стратешкото партнерство меѓу Филип Морис Iнтернешнал и Тутунски Kомбинат Прилеп и колку сте задоволни од постигнатите резултати?
А. Јаковљевиќ: Партнерството меѓу Филип Морис Интернешнал и Тутунски Kомбинат Прилеп почна во 2014 година − тогаш настана ФМТКП и благодарение на ова партнерство полека почна да се гради успешна економска приказна. Тутунски Kомбинат Прилеп (ТКП), кој пред 10 години сите го отпишаа дека може да „преживее“ во бизнис-светот, застана на свои нозе и многу повеќе од тоа. Од 2023 година, Комбинатот користи електрична енергија од обновливи извори, поточно од соларни панели поставени на покривот, кои целосно ги задоволуваат потребите за производство и за редовно работење. Денес имаме нови цели, а тоа е извоз во други земји. Со ова ТКП е на одличен пат да стане синоним за квалитет и за грижа за корисниците во Европа, па и пошироко.
Исклучително важно е да се спомене дека производниот центар во Тутунскиот Kомбинат Прилеп го достигна нивото на современите производствени практики преку модернизација на производствените капацитети. Партнерскиот пристап во имплементацијата на процесот на осовременување на производниот центар претставува спој на 150-годишното искуство на ТКП и современото знаење и експертиза на Филип Морис Интернешнал.
Во изминативе 10 години, процесот на модернизација на производниот центар се одвиваше во неколку фази со јасно зададени цели. Во првата фаза се спроведе целосно инфраструктурно адаптирање на фабриката за потоа да следуваат фазите за модернизација и за проширување на производните капацитети преку директна инвестиција на Филип Морис Интернешнал во две нови машини, достигнување на стандардите на квалитет при производство на премиум брендови, подигнување на нивото на системите на безбедност во фабриката, како и воспоставување на соодветна организациска структура. Целиот овој процес го доведе Тутунски Kомбинат Прилеп од ниво на производен центар наменет исклучиво за домашниот пазар до ниво на производен центар кој произведува за пазарите во Европската Унија, во Југоисточна Европа и пошироко. Ова значи и повеќекратно зголемување на производствениот волумен, што е од висока важност за успешното економско работење на Комбинатот.
Разговараше: Ќирко Бошкоски