Интервјуа
Помеѓу природата и активизмот – проект на ЊУ АРТ ФОР(У)М
Интервју со Гоце Наневски, редовен професор на ФЛУ, УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2024г.
Традиционална едноседмична летна школа за експериментални уметнички практики
Како составен дел од една поширока општествена атмосфера, паралелно со експанзијата на хипи движењето и рака под рака со порастот на политичкиот активизам, ленд арт движењето (Land art) се појавува кон крајот на 60-тите години од минатиот век во САД.
Како дел од поширокиот интерес за екологијата и за зачувувањето на животната средина, ленд арт се манифестира преку директна интервенција врз пејзажот, со обликување на самата земја или со изработка на разни форми и структури во пејзажот со употреба на природни материјали (камења, гранки, елементи од водата, разна вегетација...) како трајна или ефемерна инсталација, перформанс итн. На тој начин, ленд арт, исто така познат и како пејзажна уметност, стана дел од поширокото концептуално уметничко движење во 60-тите и 70-тите години од минатиот век.
Планетата Земја како дом на човештвото, без план Б, без резервна планета, е тема која постојано е актуелна, па оттука и загриженоста на глобално ниво за сочувување на екосистемот. Преку разни активности насочени кон сензибилизација, неопходна е постепена промена на навиките кај сите нас.
Минатата година беше интересна за Факултетот за ликовни уметности од Скопје, каде што покрај другото беше започната и реализацијата на нов проект. Разговарам со Гоце Наневски, редовен професор на ФЛУ, УКИМ – Скопје.
Кои се насоките и целта на вашиот проект, за каква идеја се работи и кој ви помага во финансирањето?
Г. Наневски: Факултетот за ликовни уметности има чест пред јавноста да го претстави новиот проект насловен како ЊУ АРТ ФОР(У)М − NEW ART FOR(U)M. Тој е замислен како традиционална едноседмична летна школа за експериментални уметнички практики во најекстензивна смисла и на алтернативна локација, односно вонфакултетските ателјеа – овој пат во населеното место Лазарополе, Општина Маврово, и Ростуше. Oсновната цел на школата е лоцирање и истражување на алтернативни уметнички практики и дискурзивен интердисциплинарен пристап кој е различен од традиционалните уметнички протоколи. Финансирањето на школата е со поддршка на ИКСА-програмата на УКИМ во Скопје.

Кои се вашите искуства од првата сесија во Лазарополе, што се случуваше поточно?
Г. Наневски: Првата сесија на школата насловена како „Помеѓу природата и активизмот“ се одржа кон крајот на август и почетокот на септември минатата година.
Интересот на првата сесија беше насочен кон пејзажот и животната средина во уметноста (land art and environment). Се работи за интерес спрема инсталацијата како жанр, која е многу тесно поврзана со пејзажот. Тоа значеше отворање на релација и интервенција со основните елементи на пејзажот – камен, дрво, вода, гранки итн. На школата учествуваа шест студенти − пет од ФЛУ и една студентка од Машинскиот факултет, Скопје − насока Индустриски дизајн.
Целта на сесијата беше проширување на уметничките искуства и сознанија кај студентите за порадикални ликовни практики и улогата на самата локација, екстериерот, екогеографијата, геологијата, климата, флората, светлината итн. како појдовна точка во креирање на нов индивидуален ликовен контекст.
Воедно сакавме студентите да се запознаат со историските пристапи, со местото и со улогата на уметноста кеко интервенција врз пејзажот и животната средина (Lanд & Environmental art во хронологијата на уметничките практики во втората половина на 20 век и последните две децении од 21 век.
Токму за таа цел, школата беше реализирана во населеното место Лазарополе, делата кои беа создадени во самиот пејзаж сè уште се таму, знаејќи дека дел од нив ќе останат, а дел ќе ги разгради природата.
Неодамна имавте настан по повод овој проект. На каков начин беа презентирани делата?
Г. Наневски: На 29 февруари, во Галеријата ФЛУ беа претставени резултатите од летната школа, односно две видеа и четири монументални фотографии од делата, вклучително и други документарни записи, изјави од авторите, како и нивните уметнички позиции за сопствените дела. Тоа беше убава прилика да се претстави овој интересен проект пред пошироката културна јавност. Идејата е оваа школа да прерасне во традиција, па така годинава во јуни ни е закажана втората сесија. Овој пат ќе се фокусираме на мапирање на звукот − звукот како феномен во ликовното дело во проширена смисла, како дел од инсталација, од амбиент, па дури и како самостојно ликовно дело. Насловот на сесијата е „Oбмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“.
Од Кристо и Жан Клод во минатото, па до данско-исландскиот уметник Олафур Елијасон денес, дали сметате дека климатските промени и подигањето на свеста за оваа проблематика се дел од причините за развојот на ленд арт уметноста во глобални рамки?
Г. Наневски: Прашањето на климатските промени и евидентните последици кои ги чувствуваме секојдневно, вклучително и на економски план, се предмет на уметничките интердисциплинарни истражувања во најширок спектар одамна и секогаш многу актуелни. И тука не е само прашањето на уметничкиот активизам, туку и моментот на дијалектиката со природата. Тука се работи за позицијата на авторот самиот да ја менува природата, односно пејзажот се надградува не само во смисла на „класична“ креација туку и авторот дејствува од позицијата на конзерватор на природата.
Разговараше: Лидија Георгиева