Бизнис
Трговските компании во Црна Гора оствариле високи приходи и профит
13.04.2024г.
Најголемите трговски компании во Црна Гора во изминатите години значително го зголемија вкупниот приход и профит, а податоците за финансиското работење покажуваат дека нето профитот им растел со повисоки стапки во однос на растот на приходите. Шест најголеми трговски синџири во ЦГ и еден најголем увозник на храна минатата година имале вкупен приход од над една милијарда евра, што е раст од 16 отсто во однос на 930 милиони во 2022 година. Овие седум компании лани имале нето добивка од 35,5 милиони евра, односно раст од 62 отсто во однос на 21,9 милиони вера во 2022 година, објави „Вијести“.
Во споредба со предпандемиската година во 2019 година, прометот во минатата година кај овие компании е повисок за 50 отсто, а нето профитот им е повисок за 125 отсто. Во истиот период од почетокот на 2019 година до крајот на 2023 кумулативната инфлација, според Монстат, изнесувала 28 отсто.
Финансиските извештаи на компаниите покажуваат дека профитите минатата година растеле кај голем број компании и во другите дејности. Профитот кај банкарскиот сектор лани изнесувал 146 милиони евра и е повисок за 75 отсто во однос на 2022 година. Најголемата банка во Црна Гора остварила добивка од 55,5 милиони евра, а учеството на профитот во приходите изнесува 58 отсто. Високи профити оствариле и телекомуникациските компании во Црна Гора, објави „Вијести“.
фото freepic