Бизнис
Во Германија сообраќаат мал број на камиони на електричен погон
10.04.2024г
Новите електрични камиони чинат повеќе од 300.000 евра
Според податоците на Сојузното здружение за копнениот транспорт и логистика на германските патишта сообраќаат 800.000 камиони со носивост над 7,5 тони, а од нив само 475 возила се на електричен погон. Малото учество на електричните возила во камионскиот транспорт претставува проблем за владата во Берлин, која има амбициозни планови до 2030 година за намалување на штетните гасови за 40 отсто во однос на 1990 година. Поголемиот дел од товарните возила користат дизел гориво, иако производителите на тешки возила во своите асортимани имаат и електро-камиони кои можат да поминат 500 километри со едно полнење, пишува „Дојче веле“.
Компаниите од автомобилската индустрија и шпедитерите како причина за малиот возен парк на електрични камиони во Германија ја наведуваат недостигот од соодветна инфраструктура за полнење на електрични возила.
- Преносот на стоката со камиони мора да биде ефикасен и исплатлив. Затоа, електро-камионите во вкупната калкулација не смеат да бидат поскапи од дизел возилата, изјави Мартин Даум, извршен директор во фирмата „Дајмер трак“.
Новите електрични камиони чинат повеќе од 300.000 евра и нивната набавна цена е значително повисока од конвенционалните товарни возила, кои можат да се купат и за повеќе од сто илјади евра. Германската влада се откажа и од субвенционирањето на електричните возила поради буџетските ограничувања и штедењето.
- Со овие цени на камионите и ако на тоа се додаде и просечна маржа од 0,1 до три отсто во Германија нема фирма со средна големина која може да си дозволи преминување на еколошки поповолни товарни возила, смета Дирк Енгелхарт раководител во Сојузното здружение за копнениот товарен транспорт во Германија.
фото freepic