Интервјуа
Цврсто сум убедена дека ова e крајниот момент квaлитетни кадри да ја донесат Македонија каде што заслужува
Интервју со Сања Божиновска, експерт за енергетика
Економија и бизнис | печатено издание | 01 април 2024г.
Сања Божиновска е експерт за енергетика и работи како консултант во Прага. Образована е на претстижни европски универзитети, а по две и пол децении со стекнатo европско искуство подготвена е да ги имплементира искуството и знаењето бидејќи, како што вели, Македонија има успешни луѓе во светот. Божиновска во интервјуто за ,,Економија и бизнис“ порачува дека енергетиката е сектор кој се планира долгорочно и се надева дека во иднина ќе имаме министерство за енергетика по пример на земјите од регионот и од ЕУ. Нејзина желба е Македонија еден ден да биде нето-извозник на енергија како земја со многу сончеви денови.
Економската состојба во земјава се влошува. Статистиките покажуваат дека 600 илјади граѓани живеат со помалку од 500-тини денари дневно. Инфлацијата зема замав, малите фирми едвај преживуваат. Какви економски мерки ѝ се потребни на земјава за стопанството да се врати во добра кондиција, а граѓаните да живеат подобро?
С. Божиновска: Македонската економија е на дното според сите параметри. Граѓаните осиромашуваат од ден на ден, инфлацијата зема замав. Нови работни места нема бидејќи нема ниту странски инвестиции. Сведоци сме на несовесно трошење на државните пари и наместени тендери. Во општество каде што корупцијата зема замав обичните луѓе се игнорнираат. На сите анкети, топ-тема за сите граѓани се економијата и слабиот стандард, ниските плати, пензиите, инфлацијата. Според сите мерења на јавното мислење, како прв приоритет граѓаните го посочуваат проблемот со економијата. Ова значи дека идната владејачка гарнитура мора да направи сериозни реформи во сите области кои ќе ја трансформираaт Македонија во насока во која сакаме сите да ја видиме. За да имаме ние стабилна економија, мора да имаме, пред сѐ, систем што ќе обезбедува правна сигурност за секој без разлика дали е домашен или странски инвеститор. Сите ја слушнавме изјавата на американската амбасадорка за состојбата на судството во Македонија. Вистински реформи, независно судство и владеење на правото е императив за да се движи Македонија напред. Во сите држави на ЕУ, економијата е двигател и показател на економскиот развој на таа држава, а економските програми сe главен приоритет на власта.

Енергетиката е клучен сегмент во секоја економија. Како ја оценувате сегашната состојба во овој сектор?
С. Божиновска: Енергетиката е сектор кој се планира долгорочно и Македонија мора да има долгорочна енергетска стратегија. Оттука тој збор стратегија е добро искористен од оваа влада во стратешките инвестиции во енергетиката, меѓутоа само на хартија. За жал, енергетската криза ни покажа дека ЕСМ има потреба од стручно менаџирање и соодветен кадар кој ќе ги ангажира и ќе ги стави во употреба своите производни капацитети на максимум. Тука се подразбира и изградба на нови енергетски капацитети, прилагодување на законот со ЕУ-легислативата која опфаќа постројки за складирање на електричната енергија, а воедно и модернизирање на постоечката преносна и дистрибутивнa мрежа. За секоја изградба на енергетски капацитети се потребни: сериозна подготовка, финансирање, планирање, оперативни процеси и време. За жал, во изминативе седум години не прочитав дека Македонија изградила енергетски објект со кој ќе ја намали зависноста на увозот на електрична енергија, ниту пак сме се поврзале енергетски со соседна Албанија, а ниту пак како држава се грижиме за постоечките енергетски капацитети. Меѓутоа, прочитав дека РЕК Битола воопшто не работи или пак долги временски периоди работи со многу мал капацитет. Речиси 400 милиони евра беа префрлени на ЕСМ кои, се надевам, допрва ќе видиме како и за што се искористени, дали процесот на набавка на електрична енергија е транспарентен и зошто ЕСМ, фирма со илјадници вработени, не може сама да набавува електрична енергија, туку купува од трговци преку нетранспарентни набавки и преговори во четири очи. Зошто изнајмуваме механизација? Убедена сум дека никој стручно и сериозно не се занимава со енергетскиот сектор, а воедно и немаме енергетска стратегија на Македонија. Секако, звучи примамливо и насекаде се фалиме дека сме лидери во енергетските инвестиции, но сепак треба да сме реални дека сите фотоволтаични инвестиции се приватни и електричната енергија им ја продаваат по комерцијални услови на трговците со електрична енергија.
Последните четири „стратешки инвестиции“ не знам зошто не се реализираа сега, туку се оставија на чуден начин да се најдат во Собранието во периодот на Техничката влада. Моето прашање е кој е бенефитот за Македонија од сите овие ,,стратешки“ инвестиции и зошто имаат толку бенефиции баш овие компании? Македонија сама треба да изгради енергетски капацитети и во ниеден случај земјиште од прва категорија да се дава за фотоволтаични централи, ниту пак да поклонуваме десетици милиони евра на странски компании. Да имаше стручен кадар во секторот енергетика, за овие години ќе имавме барем една реализирана инвестиција и немаше да повлекуваме неовластено струја од системот на УЦТЕ и да плаќаме милиони евра пенали.
Чебрен и Галиште се горливо, но сè уште нерешено прашање изминативе години. Пропаднаа 16 тендери, не се најде соодветен инвеститор. Како експерт во енергетиката, каде вие го лоцирате проблемот за ваквата состојба?
С. Божиновска: Точно така, изминативе децении пропаднаа 16 тендери и сè уште немаме соодветен инвеститор за Чебрен и за Галиште. Ако државата не покаже поголема сериозност, постојано ќе ни се случува ова. Тендери ќе пропаѓаат, а ние само ќе ги анализираме причините. Најпрво, мора да имаме реална состојба на хидрологијата и да направиме добра подготовка пред да се впуштиме во изградба на вакви капитални енергетски капацитети и да се консултираме со македонската експертска заедница која постои. Сметам дека кога станува збор за енергетски проекти и енергетската независност на земјата, најдобро е државата сама да ги гради, но ако се одлучи друг да ги гради поради финансиски причини, тогаш мора да обезбеди сопственост од најмалку 51 % што ќе ѝ даде можност на државата да има одлучувачки дел. Уште повеќе е значајно овие објекти да бидат во државна сопственост бидејќи треба да ги заменат најголемите производни капацитети кои сега произведуваат најголем процент од домашната електрична енергија.
Македонија е земја со речиси 300 сончеви денови во целата година. Зошто Македонија не го искористи овој потенцијал и нема сопствени капацитети од обновливи извори на енергија?
С. Божиновска: Навистина се надевам дека Македонија првенствено нема да увезува електрична енергија, a понатаму дека еден ден ќе биде нето-извозник на енергија бидејќи сме земја со многу сончеви денови и имаме професионалци во овој сектор. Енергетската ефикасност е веќе неколку години тренд во ЕУ и, секако, Македонија како земја која се гледа во европското семејство треба да ги применува овие практики. Од тоа што можам да прочитам, а има малку податоци, во Македонија има мала искористливост на пристапните фондови за енергетска ефикасност. Имаше олеснувања во Законот за изградба на фотоволтаици до 40 кW, тoa e за поздравување. Меѓутоа, само за споредба, процедурата да изградите ФЕЦ и луксузен огромен хотел е иста. Мислам дека има премногу непотребни административни процедури за кои роковите не важат и кои мора да се сменат во иднина. Се надевам дека во иднина ќе имаме министерство за енергетика по пример на земјите од регионот и од ЕУ и сектор кој ќе се занимава исклучиво со аплицирање до достапните фондови и ќе комуницира со сите странски институции и фондови кои нудат средства за енергетска ефикасност.

Годината 2024 е изборна година и дома и во светот. Во Македонија, во следниве два месеци ни претстојат двојни избори. Граѓаните ќе гласаат за нов шеф на државата и ќе ја дадат довербата за нова влада. Кои се вашите очекувања и дали има надеж за младата популација?
С. Божиновска: Во оваа, 2024 година, централно место ќе заземат изборите во повеќе земји со што ќе биде една од најзначајните години во историјата не само на домашната сцена туку и во Европската Унија, во САД и во Русија. Во околу 70 земји ќе се одржат национални избори, во САД претседателски, а во јуни граѓаните на 27 земји членки на ЕУ ќе гласаат на европските избори. Реални се очекувањата да надвладеат десничарските движења во Европскиот парламент по што се очекуваат значителни промени кои би можеле да предизвикаат и геополитички шокови. Република Македонија е една од земјите во кои оваа година ќе има двојни избори, парламентарни и претседателски. Македонскиот граѓанин во оваа клучна година со својот глас ќе го одреди курсот на нејзиното движење и ќе одлучи за нејзиниот опстанок. Очекувам промени и на овие избори не само за Македонецот туку и Македонија да излезе како победник. Очекувам дека разумот кај секого ќе надвладее и дека излезноста ќе биде голема. Исто така сигурна сум дека новата владејачка гарнитура по изборите ќе се зафати со сериозни системски промени поврзани со владеењето на правото и со развојот на економијата и ќе му се посвети на просперитетот на државата.
Велите дека со добра стратегија младите можат да останат дома. Но, како во урнисани објекти за лекување, во стари училишта и со нечист воздух да ги натераме да останат во Македонија и да ја гледаат перспективата дома?
С. Божиновска: Според сите истражувања, Македонија зазема високо место по одливот на високообразовани млади луѓе во светот. За овој проблем и за барањето посветла иднина во странство, младите наведуваат сѐ повеќе причини. Ние како одговорно општество мора да најдеме начин да ги задржиме дома, да останат свои на своето. Носителите на власта треба и мора да им понудат перспектива за иднината, услови за здрав раст и развој, квалитетно образование и работа, поточно услови за живот достоен за еден човек. Наместо апатија и изгубена надеж, потребно е враќање на довербата, подобрување на животниот стандард и перспективи за нормален живот. Нашите млади заслужуваат квалитетно високо образование што ќе им го трасира животниот пат, заслужуваат квалитетно знаење што ќе им овозможи успешна кариера на работните места. За да се спречи оваа бела чума, приоритети на ресорните министерства треба да бидат обезбедување на бизнис-клима што ќе поттикне развој, да се редуцира бирократијата и да се поедностават многу процедури, да се спроведуваат мерки за вработување, за субвенционирање станбени кредити и за подобрување на квалитетот на живеењето, но и создавање позитивна клима што ги истакнува предностите на животот во Македонија. Без решавање на проблемите со корупцијата и со селективно применување на правдата по партиска или национална припадност, младите до членството во ЕУ, за жал, и натаму ќе треба да се иселуваат од Македонија.
Разговараше: Ќирко Бошкоски