Бизнис
Винарската визба Тиквеш со нето добивка од 3,8 милиони евра во 2023 година
02.04.2024г.
Винарската визба Тиквеш во 2023 година остварила вкупни приходи од продажба во износ од 3.157 мил. денари. Во однос на 2022 година забележала зголемување од 13%. Зголемувањето на приходите се должи на зголемени приходи генерирани на домашниот пазар за 18% и зголемени приходи генерирани од странски пазари за 10%, се вели во соопштението доставено до Македонската берза.
„Административните трошоци и трошоците за продажба и маркетинг исто така забележаа зголемување за 20% при што се оствари оперативна добивка од 302,7 мил. денари или зголемување за 25% во однос на 2022 година. Финансиските расходи се на износ од 40,8 мил. денари. Остварена е нето добивката од редовното работење пред оданочување во износ од 264,8 мил. денари и нето добивка по оданочување во износ од 236,1 мил. денари. Во 2023 година се остварија вложувања во материјални и нематеријални средства од 472,3 мил. денари. Значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средствата споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи) не беше реализиран“, стои во соопштението.