Интервјуа
Прескер: Иднината на овој регион е во Европската Унија
Мега интервју со Н. Е. Грегор Прескер, амбасадор на Република Словенија
Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2024г.
Амбасадоре Прескер, кога ќе се земат предвид Вашето образование и досегашната професионална кариера, Вие сте вистински претставник на она што се нарекува кариерен дипломат. Имајќи таквa основа и искуство, како гледате на свет во кој недоразбирањата меѓу земјите сè повеќе се решаваат со недипломатски средства, односно со воени операции?
Н. Е. Г. Прескер: Како кариерен дипломат кој студирал и меѓународни односи, дипломатија, јас сум непоправлив идеалист во тој поглед. Секогаш верувам дека би било многу подобро кога сите спорови, вклучително и меѓународни, мултилатерални, билатерални, меѓудржавни, национални спорови, би се решиле по мирен пат врз основа на меѓународното право, прифатените меѓународни конвенции, повелби, во рамките на меѓународните организации, судовите, трибунали, арбитража и медијација. За жал, човечката историја знае безброј случаи на војни, на вооружени конфликти и на насилство, кои придонесоа кон уништување, многу непотребни жртви, а повеќето случаи конечно беа решени на разни мировни конференции, на преговарачки маси, каде што активно учествуваше и дипломатијата. Верувам дека конфликтите, уништувањето и жртвите би можеле да се спречат доколку во преговорите се бараат компромиси и прифатливи решенија веднаш штом се појави проблемот, што често може да биде значително полошо за едната страна на крајот на конфликтот. Но, како што кажав, јас сум идеалист и, за жал, не е сè лесно во меѓународните односи, особено кога доминираат интересите на големите и моќните. Затоа го кодифициравме меѓународното право врз чија основа треба да се решаваат сите отворени меѓународни прашања.
Во Вашата професионална кариера во значителна мерка сте фокусиран на регионот на Западен Балкан. Пред да дојдете во Скопје бевте амбасадор на Словенија во Црна Гора. Како гледате на иднината на регионот на Западен Балкан имајќи ги предвид тековните случувања како на глобално ниво така и во Европа?
Н. Е. Г. Прескер: Поради сплет на околности, речиси целата моја дипломатска кариера е врзана за Западен Балкан. Мојата прва служба во странство беше во 2001 година, во Амбасадата на Република Словенија во Сараево, каде што служев на различни позиции вкупно 12 години. Подоцна бев амбасадор во Подгорица (до минатото лето) и сега сум овде во Скопје. Регионот на Западен Балкан е дефинитивно многу интересен од гледна точка на работата на еден дипломат, особено за некој кој доаѓа од Словенија која некогаш беше дел од заедничка земја со големо мнозинство земји од овој регион. Овде историјата, митологијата и пред сè емоциите често ја обликуваат секојдневната политика и исто така влијаат на важни политички одлуки. Регионот, кој беше многу турбулентен во текот на својата историја, сè уште е многу нестабилен, главно поради различните интереси на големите земји и на индивидуалните лидери во регионот.
Иднината на овој регион е несомнено во Европската Унија бидејќи тоа претставува понатамошен развој, напредок и просперитет за него и за неговите жители. Поради актуелните безбедносни случувања во Европа и во светот, приклучувањето на земјите од овој регион во ЕУ веќе не е само техничко туку и геополитичко прашање. Во минатото многу европски лидери постојано укажуваа јасно дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ, дека вратата за ЕУ е отворена, но ова членство не е и не може да биде безусловно.
Како гледате на процесот на проширување на ЕУ, на напорите на земјите кандидатки, на временската рамка на процесот? Дали навистина постои консензус меѓу земјите на ЕУ во врска со ова прашање?
Н. Е. Г. Прескер: Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на минатогодишниот Стратешки форум во Блед изјави дека ЕУ ќе биде подготвена за ново проширување во 2030 година и дека земјите кандидатки, односно и Северна Македонија, би можеле дотогаш да бидат подготвени за членство. Како што напоменав, процесот на проширување на ЕУ е сè уште отворен поради актуелните геополитички прашања, но на земјите кандидатки е да ги исполнат сите потребни критериуми. Неопходно е да се заокружи преговарачкиот процес. Ова ќе придонесе за имплементација на европскиот правен поредок и на европските стандарди. И покрај актуелните геостратешки прашања, ЕУ и нејзините земји членки нема да прават компромиси за техничките критериуми на процесот на проширување.
Земјите кандидатки мора да покажат дека ги почитуваат европските вредности, владеењето на правото, дека имаат независно судство, дека успешно се борат против корупцијата, дека ги почитуваат човековите права и слободи и дека се способни да ги спроведат сите политики на ЕУ. Земјите кандидатки мора сами со своите постапки јасно да покажат дека ќе бидат подготвени за членство до 2030 година. Мислам дека на ниво на сите членки на ЕУ има консензус и дека нема да има пречки за членство доколку се исполнат сите потребни критериуми. Но, потребни се многу реформи кои ќе придонесат земјите кандидатки да напредуваат побрзо на нивниот пат кон членство.
Врз основа на усвоените реформи и почитувањето на европските вредности и стандарди на земјите-членки кои силно го поддржуваат процесот на проширување, вклучително и Словенија, ќе им биде многу полесно да ги претставуваат во ЕУ аспирациите на земјите од овој регион.
Секако, на овој пат на земјите кандидатки им помагаат и ЕУ и нејзините институции. Постојат бројни програми за соработка, трансфер на знаење и искуство и финансиски инструменти. Последно, но не и најмалку важно, тука е и Планот за раст кој треба да придонесе за побрз развој на земјите од овој регион преку финансирање на многу различни и инфраструктурни проекти.
Во времето кога Хрватска требаше да влезе во ЕУ постоеше отворено прашање меѓу Словенија и Хрватска. За што стануваше збор и како беше решено? Тоа би можел да биде важен пример од кој можеме да извлечеме поука во врска со нашето отворено прашање со Бугарија.
Н. Е. Г. Прескер: Откако Словенија и Хрватска во бројни обиди не успеаја да го решат спорот за копнената и за поморската граница, двете земји потпишаа арбитражен договор со помош на Европската комисија. Со потпишувањето на овој договор, Словенија доби уверување дека граничното прашање ќе биде решено, а во исто време Хрватска можеше да ги продолжи пристапните преговори за влез во ЕУ.
Врз основа на ова, Арбитражниот суд во Хаг во 2017 година ја објави арбитражната одлука со што ја определи морската и копнената граница меѓу двете земји. Одлуката на арбитражниот трибунал е конечна и обврзувачка за двете страни во согласност со арбитражниот договор и принципите на меѓународното право. На овој начин се реши билатералното прашање и Хрватска стана членка на ЕУ.
Во врска со Вашето прашање, повеќе би сакал да го претставам предизвикот што го имаше Словенија со соседна Италија при нејзиното пристапување во ЕУ. Имено, Италија во преговарачкиот процес на Словенија го вклучи билатералното прашање за можноста за сопственост на недвижен имот за оние кои ја напуштиле тогашната територија на сегашна Словенија и побегнале во Италија по Втората светска војна. Словенија тогаш не дозволуваше странски државјани да поседуваат недвижен имот. За да се реши ова прашање беше постигнат таканаречениот шпански компромис бидејќи Шпанија беше претседавач со ЕУ во тоа време (во втората половина на 1995 година). Врз основа на овој компромис, Словенија се обврза да им дозволи на странците да поседуваат недвижен имот во Словенија и на тој начин да обезбеди потпис на пристапниот договор со Европската Унија. Словенија во оваа постапка постојано се осврнуваше на неопходноста од одвојување на преговорите со ЕУ од билатералните прашања.
Во согласност со компромисот, Словенија мораше да го промени Уставот, што некои политички опции од внатрешно-политичките калкулации сакаа да го прикажат како „капитулација“ пред Италија. Компромисот беше вклучен во Анексот на Договорот за придружување и мораше да се спроведе уште пред почетокот на преговорите за членство на Словенија во ЕУ. Значи и Словенија мораше да го промени Уставот поради билатералното прашање доколку сакаше да напредува на патот кон ЕУ, а тоа го направи затоа што тоа беше подобро за нејзините граѓани и за нејзиниот понатамошен развој.
Тука постои една паралела со прашањето, односно компромисот што го има Северна Македонија со соседна Бугарија. Разликата е во тоа што Северна Македонија официјално ги започна преговорите пред имплементацијата на договорот, а за да ги продолжи мора да ги спроведе, односно да усвои уставни измени. Ова е услов прифатен и од ЕУ, и од Северна Македонија, и од страна на ЕУ сигурно нема да има отстапувања. Ако Вашата земја сака да ги продолжи пристапните преговори и да стане членка на ЕУ, што ќе биде добро особено за нејзините граѓани, таа мора да ја спроведе прифатената обврска, односно соодветно да го измени Уставот.
Колку влезот во ЕУ влијаеше во насока на трансформација на словенечката економија и на општеството во целина? Кои се најголемите придобивки?
Н. Е. Г. Прескер: Членството во ЕУ навистина придонесе Словенија да се промени на подобро, особено што се однесува до нејзината економија. По распадот на нашата поранешна заедничка земја навистина имавме некои проблеми на економско поле, но потоа можевме прилично брзо да се прилагодиме и да ја пренасочиме економската соработка во ЕУ каде што сега извезуваме повеќе од 80 % од сите производи. Многу странски инвестиции пристигнаа затоа што Словенија со членството во ЕУ и во НАТО стана безбедна средина за инвестирање, што донесе и многу нови работни места. Како резултат на тоа се подобри и социјалната состојба на жителите, како на пример, сега просечната нето-плата е повеќе од 1 500 евра, минималната е 900 евра, невработеноста е помала од 4 %, БДП по жител е речиси 30 000 евра годишно, куповната моќ е повеќе од 90 % од просекот на ЕУ.
Членството во ЕУ има и многу други предности.
Се приклучивме на внатрешниот пазар на ЕУ каде што важат четирите слободи на слободно движење на капитал, на стоки, на услуги и на луѓе. Граничните контроли (царински контроли) беа укинати и со пристапувањето во Шенген зоната границите беа целосно отворени. Луѓето можат да живеат и да работат без бариери низ ЕУ. Се приклучивме на заедничката валута која претставува стабилност на цените. Станавме еднакви соодлучувачи во европските политики. Во исто време ги зачувавме и нашата култура и јазик (кој е еден од официјалните јазици на ЕУ) и идентитет.
Словенечката и македонската економија имаат соработка која има длабоки корени. Како можеме дополнително да ја зголемиме?
Н. Е. Г. Прескер: Сегашната економска соработка меѓу Северна Македонија и Словенија е на многу високо ниво и сигурен сум дека има уште многу можности за нејзино подобрување и проширување. Словенија е еден од најважните инвеститори во Северна Македонија. Според податоците на Банката на Словенија, вкупниот прилив на странски директни инвестиции од Словенија во Северна Македонија до крајот на 2022 година изнесува повеќе од 490 милиони евра, а според нашите податоци Северна Македонија е на 5-тото место по сите странски директни инвестиции од Словенија во странство. Лани, според прелиминарните податоци на Заводот за статистика, трговската размена меѓу нашите две земји изнесувала нешто повеќе од 480 милиони евра, што е зголемување за речиси 12 отсто во однос на претходната година. Според податоците на Банката на Словенија, размената на услуги меѓу нашите две земји е зголемена за повеќе од 30 % во 2022 година.
Важно е да се истакне дека Словенија засега гледа понатамошни економски и инвестициски можности на македонскиот пазар во инфраструктурата, особено во обновливите извори на енергија, во ИТ-индустријата и дигитализацијата, во циркуларната економија и во туризмот. Гледаме деловни можности и во областа на заштитата на животната средина, особено во областа на управувањето со отпадот и водите. Според Словенија, Северна Македонија има голем потенцијал на полето на производство и преработка на органска храна.
Сакам особено да истакнам дека во Словенија бележиме и инвестиции од некои компании од Северна Македонија, кои силно ги поддржуваме и што дополнително ја подобрува нашата разновидна економска соработка.
Покрај Вашиот мајчин словенечки јазик, Вие зборувате уште шест странски јазици. Од каде дојде наклонетоста кон учење странски јазици?
Н. Е. Г. Прескер: Уште еднаш, сплетот на околности во мојот живот и менувањето на средини доведоа до фактот дека учев и научив многу странски јазици. Започнав да учам англиски во основно училиште како дел од редовната училишна програма, а подоцна завршив и средно училиште во САД, официјалниот јазик на нашата поранешна заедничка држава накратко го научив во основно училиште, но ми помогна и гледањето телевизија, филмови, слушање музика и подоцна живеењето во Босна и Херцеговина и Црна Гора. Еден период живеев во Италија каде што посетував средно училиште, а подоцна и дипломирав на италијански универзитет. Таму научив и француски и шпански, а бидејќи како дете живеев во Марибор, кој е блиску до австриската граница, научив и малку германски јазик. И сега животот и работата ме донесоа во Северна Македонија каде што учам и македонски. Морам да признам дека, се разбира, учењето и познавањето јазици ме усреќува и секогаш ме исполнува. Ова, исто така, ми помага и во извршувањето на мојата професија.
Ви благодарам за интервјуто.
Разговараше: Зоран Јовановски