Бизнис

Австралиските лозари ќе ги намалуваат лозовите насади

09.03.2024г.

Во Австралија ќе бидат уништени милиони садници на винова лоза, а десетина милиони ќе останат неискористени за да се намали вишокот на производството на вино. Намалената цена на грозјето ја загрози егзистенцијата на лозарите и винарите на австралискиот континент.  

Намалувањето на потрошувачката на вино во светот сериозно се одрази на Австралија, а најголем пад на продажбата има кај евтиното црвено вино, кое беше најмногу барано од потрошувачите во Азија.  

Пет најголеми извозници на вино во светот имаат вишок од две милијарди литри вино, оваа количина е околу двогодишно производство кое е складирано во 2023 година, пренесува Ројтерс.

Околу две третини од насадите на грозје се во внатрешноста на континентот, каде цените на грозјето паднаа во просек на 200 долари по тон, што е најниска цена во последната деценија.

За да се постигне баланс на пазарот и да се подигнат цените, според процените на Вино Австралија, ќе треба да се уништат повеќе од 20 милиони насади на винова лоза на 12 илјади хектари или околу осум отсто од вкупната површина со винова лоза во Австралија.

Поради политичкиот спор во 2020, Кина забрани увоз на вино и тоа влијаеше Австралија да го изгуби најголемиот пазар за извоз на вино. За разлика од Европа, на австралиските лозари не им се дава никаква финансиска помош. Повеќето одгледувачи на грозје во Австралија веќе се преориентираат на производство на цитруси и јаткасти плодови, пренесува Еуроњуз.


фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО