Бизнис

Официјално затворен 31. Копаоник бизнис форум

08.03.2024г.

На овогодинешниот 31. Копаоник бизнис форум присуствуваа 1600 учесници, што досега е најголем број, во вкупно 42 сесии, на кои се разговараше за различни економски и општествени прашања во време на кризи.

Српскиот Давос не е само бизнис форум, туку претставува место на академска дискусија, а истото се потврдува и со учеството на регионални и странски еминентни претставници на академската заедница. Оваа година беа воведени бројни теми од значење за општествениот развој, но не беа занемарени ниту традиционалните макроекономски теми, како и оние кои се однесуваат на поединечни индустрии. На овој начин беше освежена и модернизирана агендата, па присутните можеа да слушаат и панели кои беа посветени на образованието, вештачката интелигенција, креативната индустрија, климатските промени, пазарот на труд, родовата еднаквост, жените лидери во бизнисот, улогата на спортот во бизнисот и општеството, младите – генерацијата Z и Алфа, ESG, Иницијативата дигитална Србија, иднината на автомобилската индустрија. Исто така, беа претставени резултатите од Индексот на корпоративна репутација, EXPO 2027, Форумот на напредни технологии и иницијативите на Новосадскиот саем.

На самото затворање, организаторите го најавија наредниот Копаоник бизнис форум 2025 кој е планирано да се одржи од 2 до 5 март.

Главниот заклучок од форумот, според зборовите на Александар Влаховиќ, претседател на Сојузот на економисти на Србија, е дека годината што следи сè уште е неизвесна.

„Целиот свет, првенствено Европа и Србија се наоѓаат во состојба на поликриза која првенствено е предизвикана од Ковид пандемијата, потоа војната во Украина и војната на Блискиот исток, па токму затоа сè уште не се целосно воспоставени претходно формираните глобални вериги на снабдување. Србија треба да продолжи со монетарната политика која успеа да ја обузда инфлацијата која се очекува дека ќе биде на ниво (од околу 3) проценти, да има одговорна фискална политика која првенствено ќе ја подобри ефикасноста на управувањето со капиталните проекти“, истакна Влаховиќ и додаде дека е потребно да се подобри принципот на програмско буџетирање, да се работи на создавање на фискални бафери за да се отвори простор за одговорна потенцијална фискална криза.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи беше дел од „Копаоник бизнис форум“, на панел дискусијата на тема „Западен Балкан: Регионална економска соработка“.

Тој истакна дека меѓусебната соработка и создавањето на силна економска меѓузависност, наместо зависност, во регионот е патот кој целиот Западен Балкан ќе го води кон просперитет, раст, развој и отпорност на економијата, притоа посочувајќи дека на овој начин ќе се олесни и вклучувањето во единствениот европски пазар.

„Регионална конкурентност, наспроти регионална конкуренција е нашиот избор. Регионалните иницијативи треба да ги прифаќаме како можност за олеснување на соработката помеѓу земјите од Западен Балкан и зголемување на конкурентноста на нашите економии“, рече вицепремиерот Битиќи.

Крајот на овогодинешниот форум заврши со констатација на претседателот на Сојузот на економисти на Србија, Александар Влаховиќ дека годината што следи ќе биде опуштена и полесна кога станува збор за животниот стандард.

ПРЕПОРАЧАНО