Бизнис

Европските земји се заинтересирани за украинските работници

20.02.2024г.

Украинските бегалци во Европската Унија имаат повисоки квалификации и образование од локалното население, а поради нивните културни карактеристики подобро се прилагодуваат на условите живот во земјите од ЕУ. Поради поголемиот недостиг на работници во ЕУ, кај европските земји е очигледен интересот за да ги задржат украинските работници, покажува истражувањето на Центарот за европски студии.

Бројот на бегалците од Украина, кои имаат статус на привремена заштита во Европската Унија, е во постојан пораст. Во овој момент, Украина нема единствена политика која е насочена на решавање на проблемот на економијата и демографската криза. Украина е заинтересирана за враќање на нејзините граѓани, а економските експерти проценуваат дека  националниот БДП ќе им се зголеми за 0,5 отсто, на секои 100 илјади вратени бегалци во земјата, пренесува Бизнис.рс.

Бројот на бегалците од Украина со статус на привремена заштита во ЕУ во последниот месец од 2023 година се зголемил за 37 илјади лица. Од почетокот на војната во февруари 2022 година, според податоците на Еуростат, повеќе од 4,31 милион граѓани кои ја напуштиле Украина, имаат привремен статус на заштита во ЕУ.

Најголем број бегалци примиле Германија, 1,25 милиони или 29 отсто од вкупниот број бегалци во ЕУ. Германската влада одлучи на бегалците од Украина да им обезбеди поедноставени услови за добивање на државјанства. Во Полска престојуваат над 954 илјади украински бегалци односно 22,1 отсто. Во Чешка има над 373 илјади лица или 8,7 отсто. Холандија има издадено дозволи за престој за 140 илјади украински бегалци.

Во Германија, само во сојузниот буџет за 2024 година, се предвидени шест милијарди евра, кои се наменети за трошоците за живот на работно способните украински бегалци. Од оваа сума, се исплаќа социјална помош од 563 евра месечно за секое возрасно лице кое е пријавено на бирото за вработување.

ПРЕПОРАЧАНО