Бизнис

Банка на Англија: Вештачката интелигенција нема да доведе до губење на работни места

23.02.2024г.

Гувернерот на Банката на Англија Ендрју Бејли, во изјава за Би-Би-Си оцени дека вештачката интелигенција (ВИ) нема да доведе до губење работни места и ги отфрли стравувањата дека вештачката интелигенција ќе доведе до голема невработеност.

„Јас сум економски историчар, пред да станам централен банкар. Економиите се прилагодуваат, работните места се прилагодуваат, а ние учиме да работиме со тоа. И мислам дека луѓето со машини имаат подобри резултати од самите машини“, изјави Бејли за Би-Би-Си.

Изјавата на Бејли доаѓа откако најновата економска проценка покажа дека компаниите од Велика Британија кои инвестираат во вештачка интелигенција се очекува да забележат добивки во ефикасноста и резултатите. Употребата на вештачка интелигенција се очекува да обезбеди предност во продуктивноста во повеќе сектори.

Сепак, бароницата Стоуел од Домот на лордовите предупреди дека Велика Британија ризикува „да ја пропушти златната треска за вештачка интелигенција“ доколку не дејствува брзо.

Извештајот на Комитетот за комуникации во Домот на лордовите се фокусира на главните јазични модели и алатки како што е ChatGPT. Извештајот повика на ажурирање на законите за авторски права и ја повика владата да обезбеди јасност за регулативата за вештачка интелигенција - предупредувајќи дека премногу регулација може да го попречи развојот на вештачката интелигенција во земјата.


извор МИА

фото: freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО