Интервјуа
Штерјова Душковска: Воспоставувањето на заедничкиот регионален пазар е од клучно значење за активирање на економскиот потенцијал на регионот
Интервју со Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2024г.
Крајот на 2023 година, кога станува збор за односите меѓу Европската Унија и земјите од регионот на Западен Балкан, го одбележа новиот План за раст за Западен Балкан. Што носи овој документ за компаниите од регионот?
Т. Штерјова Душковска: Перспективите на соработката на регионот со Европската Унија добиваат значително зајакната димензија со усвојувањето на новиот План за раст на Западен Балкан од ноември 2023 година и тој претставува пресвртница во пристапот на ЕУ кон нашите економии – тој има цел да ги истакне придобивките од членството во ЕУ, да го стимулира економскиот раст и да ја забрза социо-економската конвергенција на Западен Балкан. Овој нов пристап на Европската Унија кон регионот ги отвора можностите за директен пристап на нашите компании во сегменти на единствениот пазар започнувајќи од оваа година. Овој долгоочекуван чекор е во согласност со барањата кои ги поставуваме години наназад како регионална асоцијација за овозможување економска интеграција која ќе се одвива паралелно со процесот на формално пристапување кон Унијата.
Со гордост можам да споделам дека бизнис-заедницата, претставена од Коморскиот инвестициски форум, активно учествуваше во подготовката на овој значаен документ и особено првиот столб на Планот кој се однесува на приоритетните области за пристап до единствениот пазар на ЕУ во голема мерка е рефлексија на барањата и на предлозите на регионалните бизниси. Ова вклучување покажува посветеност на разбирање на потребите и на аспирациите на приватниот сектор и активно ќе ја следиме и имплементацијата на Планот во следниве три години.
Еден од столбовите на Планот за раст се однесува и на регионалната соработка во рамките на заедничкиот регионален пазар кој е централната точка на регионалната економска интеграција. Како Коморскиот инвестициски форум е вклучен во тој процес?
Т. Штерјова Душковска: Воспоставувањето на заедничкиот регионален пазар е од клучно значење за активирање на економскиот потенцијал на регионот, за создавање нови можности за домашните фирми и за работниците, како и за зголемување на атрактивноста на регионот за европските инвеститори – според проценките на Светската банка, заедничкиот регионален пазар може да додаде 10 % на економиите на сите земји од регионот.
Во изминативе години активно бевме вклучени во имплементацијата на постојниот Акциски план за заеднички регионален пазар − започнувајќи од 2021 година, повеќе од 6 500 компании од целиот регион беа вклучени во активностите на Регионалната програма за развој на доставувачи, која ја спроведуваме со поддршка на Европската Унија. Во рамките на оваа програма, компании од целиот регион имаа можност заеднички да се претставуваат на саеми и на настани за вмрежување, но и да добијат индивидуализирана поддршка за интернационализација и за пристап до финансии со цел полесно да се приклучат во регионалните и глобалните синџири на снабдување. Ова е низа на услуги кои ќе продолжиме да ги обезбедуваме за компаниите од регионот и понатаму.

Но, тоа што е поважно е што во текот на оваа година бизнис-заедницата од регионот ќе има можност и да биде директно вклучена во подготовката на новиот акциски план за заеднички регионален пазар, кој треба да го замени постојниот по 2024 година. Со Бриселската декларација од Самитот ЕУ − Западен Балкан од декември 2023 година, Коморскиот инвестициски форум доби мандат заедно со Регионалниот совет за соработка и со Секретаријатот на ЦЕФТА да работи на подготовката на овој важен документ кој е клучната точка на регионалната економска соработка и треба да биде усвоен од премиерите на 6-те земји од Западен Балкан на Берлинскиот самит кон крајот на годинава. За нас ова претставува признание како еден од интегралните чинители во регионалните процеси и е јасен знак дека во изминатиов период сме завршиле добра работа во поддржувањето на нашите бизниси на патот кон слободно движење на стоки, на услуги, на луѓе и на капитал, но и во претставувањето на нивните потреби и интереси во тој процес.
Стопанската комора на Северна Македонија оваа година претседава со Асоцијацијата на балкански комори, здружение на 10-те стопански комори од Балканскиот Регион (членки и нечленки на Европската Унија). Што ќе биде во приоритетниот фокус на работењето на Асоцијацијата во 2024 година?
Т. Штерјова Душковска: Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, како претседавач со Асоцијацијата во 2024 година, примарниот фокус го постави на прашањето на инфраструктурата која придонесува за поголема продуктивност и раст, ги олеснува трговијата и меѓусебното поврзување и промовира економска соработка. Во таа насока активностите ќе се фокусираат на подготовка на професионални и на детални анализи во кои ќе бидат вклучени главните чинители и креатори на политики, но и претставување на добрите практики за инфраструктурен развој во различните балкански држави. Посебен фокус ќе биде ставен на зајакнување на економските врски меѓу балканските држави кои се веќе членки на ЕУ и кандидатките за членство, во насока на обезбедување предуслови за зголемување на размената.