Бизнис

Политика на дивиденда во предлог-законот за трговските друштва

Александар Матески | Авторот е доктор на економски науки

Економија и бизнис | печатено издание | јануари 2024г.

Акционерите мора да бидат будни не само при оценката на ефикасноста на работата на менаџментот туку и во оценката дали друштвото ги почитува и ги заштитува интересите на надворешните акционери. Што со добивката е едно од клучните прашања кое се поставува на секое годишно акционерско собрание. Превисоката дивиденда предложена од менаџментот, исто како и прениската со образложение за профитабилно реинвестирање од страна на менаџментот кој тврди дека најдобро знае што да прави со средствата на акционерите, мора да бидат предмет на „дебели“ образложенија во годишните извештаи на друштвата и на континуирани анализи. Првата поради ризикот по долгорочниот раст на друштвото, а втората поради сомнежот дека приносот од реинвестирањето е задоволителен.
Вистинско бранување на стручната јавност, на инвеститорите, но и на акционерските друштва направи објавениот Предлог-закон за трговските друштва поставен на ЕНЕР на 21.7.2023 година. Во предложениот член 553 силно е потенцирана обврската на акционерските друштва да донесат политика за дивиденда и неа да ја објават во годишниот извештај за работа и на нивната интернет-страница1. Предлог- -законот квалитативно подобрува и други одредби кои се однесуваат на содржината на одлуката за плаќање дивиденда, а кои досега беа регулирани со

Правилата за котација на Македонска берза2. Политиката според предлогот треба да ги опфати следниве податоци:
– околностите во кои акционерите на друштвото чии акции се примени на тргување на регулиран пазар може да очекуваат, односно да не очекуваат исплата на дивиденда;
– финансиските параметри кои ќе бидат земени предвид при утврдување на дивидендата;
– внатрешните и надворешните фактори кои ќе бидат земени предвид при утврдување на дивидендата;
– политика за користење на акумулираната добивка и
– критериуми за утврдување на политиката на дивиденди на различните родови и класи на акции.

Во случај акционерското друштво, односно командитното друштво со акции да предлага измени на политиката на дивиденда, тоа треба да ги обелодени таквите промени заедно со образложените во кое ќе ги наведе причините за направените промени во годишниот извештај за работа, како и на интернет-страницата на друштвото.
Дел од македонските компании во годишните извештаи имаат податоци за политиката на дивиденди (резидуална, во процентуален износ од добивката или фиксен износ).
Комерцијална банка АД Скопје за 2023 година ја дефинираше Политиката на исплата на дивиденда на акционерите како процент од остварена нето-добивка за годината при што процентот на дивиденда ќе се движи во интервалот од 40 % до 70 % од нето-добивката за годината3.
НЛБ Банка според Политиката на дивиденда предвидува годишна распределба на дивиденда од 70 % од остварената добивка од претходната година и е зависна од регулаторните барања4.
Вистинско освежување на македонскиот пазар на капитал направи Уни банка која најави стабилен раст на дивидендата и го поддржа развојот на дивидендната култура5.
Се чини дека Реплек АД Скопје ја имаат најдеталната дивидендна политика во фиксни износи за периодот од 2023 до 2027 година, усвоена и како посебен акт на Собранието на акционери6.
Макпетрол АД Скопје во делот политика на дивиденди најави дека друштвото води резидуална политика на исплата на дивиденди така што дивидендата што ќе биде дистрибуирана ќе биде еднаква на разликата меѓу можностите за финансирање и плановите за инвестирање7.
Алкалоид АД Скопје во Годишниот извештај ја наведува континуираната исплата на дивиденда од 1995 година и растот на дивидендата во последните години8.
Предложеното решение наидува на одобрувања од инвеститорската јавност и несомнено е во насока на подобрување на корпоративните практики. За потенцирање и вреден за размислување е коментарот на текстот на членот според кој се предлага наместо да биде дел од годишниот извештај за работа, политиката на дивиденда да се утврдува и да се објавува како посебен документ, како што е тоа случај, на пример, со политиката за наградување на вработените во акционерското друштво9. Во истиот коментар се предлага да се потенцира дека станува збор за среднорочна политика на дивиденда која ги опфаќа најмалку следните три (алтернативно пет) години од моментот на донесување и на објавување.
На крај, со предложената измена уште еднаш се актуелизира ставот на Бенџамин Грeам кој во капиталното дело „Интелигентен инвеститор“ ќе наведе дека ефикасните корпорации континуирано ги модернизираат своите постројки, производи, сметководства, програми за обуки на менаџмент и односи меѓу вработените. Вистинско време е да се почне да се мисли и на модернизирање на главните финансиски практики, а во нив секако е и политиката за дивиденда.


1 Постоечниот закон за трговските друштва предвидува обврска акционерското друштво во годишниот извештај објективно да ги презентира и да ги објасни главните фактори и околностите кои влијаеле на определувањето на работењето, вклучувајќи ги и промените во опкружувањето во чии рамки друштвото дејствува, одговорот на друштвото на тие промени и нивното влијание, изворите на средствата на друштвото, политиката на односот на долгорочниот долг спрема основната главнина и политиката на управување со ризикот, како и политиката на вложувања за одржување и за поддршка на успешноста во работењето на друштвото, вклучувајќи ја и политиката на дивиденди.

2 Член 36 од Правилата за котација.
3 Страница 29 од Годишен извештај за работењето на Комерцијална банка АД Скопје во 2022 година. Комерцијална банка АД Скопје е прогласена за Банка на годината за 2023 година во јубилејното 10-то признание од угледниот магазин „Банкар“ (The Banker).
4 Страница 69 од Годишен извештај за работењето на НЛБ банка АД Скопје за 2022 година.
5 Од страна на менаџментот, ова беше образложено како клучен момент кој отвора нова страница за банката. Уни банка е добитник и на престижните награди „Акција со најголем промет во 2023 година“ и „Акција со најголем пораст на цената во 2023 година“ во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони евра пазарна капитализација.
6 Одлука за усвојување на дивидендна политика бр. 02-2582/1 од 26.4.2023 година објавена на СЕИ НЕТ.
7 Страница 192 од документ насловен како Материјал за XXVII Собрание на акционери на Макпетрол АД Скопје 2023.
8 Страница 33 од Единечен годишен извештај за работењето на Алкалоид АД Скопје 2022.
9 Коментар на предлог-законот објавен на ЕНЕР, потпишан од Владимир Кандикјан од 24.8.2023 година.

ПРЕПОРАЧАНО